портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Корените на злото
септември 2012
Гордан
Георгиев
Време е за револуција? На умот или на телото, ќе покаже времето.





Во својата семинална студија „Општествените корени на диктатурата и демократијата“, Барингтон Мур наведува пет услови за развој на западноевропската демократија. Накусо, тие се следниве: 1) баланс кој ќе спречи премногу силен крал или аристократија (егзекутива); 2) премин кон пазарно земјоделство; 3) ослабување на аристократијата/олигархијата која ги поседува најголемите ресурси во државата; 4) превенција на аристократско-буржоаска коалиција против селаните и работниците; и 5) револуционерен прекин со минатото.

Анализирајќи ја нашава „семинална“ демократура дваесет години потоа, ми паѓаат напамет анализите на Мур и можноста за структурална анализа на „корените на злото“ во Македонија. Излегува дека, освен карикатурален, антиисториски и (анти) револуционерен прекин со минатото (петтиот услов на Мур), ние не успеавме да обезбедиме ниту еден од пропишаните услови.

Во 2012 година, кога сите наши соседи (со сличен, истоветен, па дури и полош историски и геополитички контекст) грабаат напред кон модернизација, инвестиции и интеграција во ЕУ/НАТО, Република Македонија назадува по сите овие параметри.

Демократурата во Македонија создаде премногу силна егзекутива која успешно ги проголтува другите две спреги на власта: судството е комплетно поклопено од политичката власт, а Собранието е нем хистрион дури и на најлудите желби на водачот. Во 1990-те години Македонецот покажуваше демократска свест и креативна бунтовност (често увезена од Запад) да им се спротивстави на недемократските изблици на власта (сеедно дали од онаа на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ) и со тоа да воспостави релативно ефективен баланс на моќта на релација граѓанин-држава. Да потсетам, тоа беа пионерските потфати на македонската држава, кога се' уште се учевме на демократијата. Денес, никој од нас нема право на алиби за ова што ни се случува. Затоа, наспроти спротивните гледишта, улогата на поединецот во детерминирањето на историските настани едноставно не може да биде и не е доволен услов за колективна амнестија на народот и оние водачи кои треба да застанат од другата страна на барикадите. Ние во Македонија немаме предетерминираност на историскиот контекст од оној тип како што имаше поствајмарска Германија или претсталинистичка Русија. Немаме и точка. Сето самозалажување во тој правец е уште еден плацебо аспирин за да помине денот.

Вториот услов, премин кон пазарно земјоделство, во Македонија не само што не е исполнет туку нашата држава е вратена во најтемните времиња на феудализмот и закрепостените селани. Од првиот ден тврдам дека политиката на распределување субвенции е ефикасен начин за НАМЕРНО осиромашување на земјоделците со една и единствена цел: да се држат во заложништво и зависност од парите што ги распределува оваа Влада на болшевички централизиран начин. Во услови кога земјоделското производство вртоглаво паѓа (и покрај стотици милиони евра субвенции), кога земјоделците самите сведочат дека никогаш не биле посиромашни, а истовремено никогаш повеќе не работеле на своите ниви, јасно е дека Владата го користи овој автократски механизам за уцена на земјоделците за гласови на избори. Тоа што владините мегафони бараат неколкумина сдсмовски земјоделци за да ја поткрепат тезата за неселективност во доделувањето на субвенции, само е доказ повеќе (а не помалку) дека горенаведената теза е точна. Дополнително, овој тип јавен линч ги брка странските инвеститори кои веќе инвестирале или сакаат да инвестираат во модернизација на земјоделството во Република Македонија.

Третиот услов, ослабување на олигархијата, исто така, не е исполнет. Ако во деведесеттите години (и особено во владеењето на Љупчо Георгиевски и Никола Груевски 1998-2002) главна тема беше матната приватизација и појавувањето на олигарсите, денес имаме уште пострашна олигархија, а старите олигарси денес се најголемите работодавци во државата и во голема мера подложни на „баци рака“ пред актуелните властодршци.

Четвртиот услов, превенирање на аристократско-буржоаска коалиција против селаните и работниците, кај нас се разбира дека се одвива на первертиран начин. Ако ја детектиравме аристократијата (во кликата околу Груевски и новопечените вмровски олигарси), тогаш буржоазијата во Македонија, која и онака е тешка за дефинирање во модерни услови, би ја дефинирале вака: ниска средна класа, со нагласени националистичко-шовинистички ставови, зависна по многу основи од владините дотации, бесна и инструментализирана да биде бесна на имагинарни зла од блиското и далечното, еден вид „буржоаски лумпен-пролетеријат“. Токму ваквата македонска „буржоазија“ денес е во неприродна коалиција со богатите вмровски клики, коалиција која опстојува само врз база на подаништво и силни инјекции на скапо платена медиумска пропаганда од џебот на народот. Оваа коалиција е во суштинска антиномија со вистинските работници (оние што работат или бараат работа) и со селаните (кои од ден на ден се се' посиромашни и се' позависни од дотациите на власта). Ова е вистинската коалиција против народот.




Извадокот е превземен од:

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=44BB251A1F78654BAC0A0678F24D6F49


Коментари
Нема коментари.
 
Архива