портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонците на Kосово живеат со социјална помош од Србија
ноември 2014



- И со новата влада во Kосово за Македонците што живеат овде ќе биде исто како и досега. Нас едноставно никој не н` погледнува, вели за „Дневник“ 63-годишниот Асан Kаскани, кој живее во село Брод во Гора, Kосово. Според него, актуелната политичка криза и неформирањето влада секако е тема и меѓу македонското малцинство, но не гледаат надеж дека ќе се решат проблемите кога новата власт и официјално ќе почне да работи.

- Веќе не знам ни колку време барам работа, кај кого и да се обратам ми вели стар си за работа, а млад за пензија. Ни младите не можат да се снајдат, а камоли ние, раскажува Kаскани.

Преживуваме со социјална помош од Србија

Додава дека годините не се единствената причина, туку дека постои дискриминација во однос на малцинствата.

- За нас тука важи фразата „вие навивате за Македонија“ и тука завршува с`, политиката ги реди работите, додава тој. Kако пример го наведува фактот што голем дел од Македонците конкретно во Гора преживуваат со месечниот детски додаток од околу 42-43 евра како социјална помош што го земаат од Србија на основа на српски лични карти.

- Мојот син работи во Хрватска сезонски, тој е пекар. Остатокот од годината го преживува со помош на детскиот додаток за двете деца што го зема од Србија. За нас тука леб нема, констатира разочарано Kаскани. Тој нема ниту косовски документи, вели дека може да се идентификува само со македонскиот пасош и со личната карта.

Нема цврста македонска организација

Со многу од неговите искази се согласува и неговиот сограѓанин во Призрен, Шукри Горани.

- Kако граѓани на оваа земја ние се соживуваме целосно со политичката ситуација оти многу прашања зависат од формирањето на косовската влада. Личните и партиските интереси заедно со корупцијата во сите сфери и криминалот се кочница и с` е многу комплицирано, така што навистина не знам што ќе излезе на крајот, вели Горани. Според него, најглавниот проблем е што нема македонска организација која стои на цврсти нозе и што може да ги турка работите кога станува збор за македонското малцинство.

- Постојат несогласувања меѓу неколкуте македонски активисти во Гора и затоа немаме цврста стратегија, вели Горани.

Инаку единствената македонска организација регистрирана во некоја официјална форма е т.н. Горанска партија која го чека формирањето на новата влада за да може да се дефинира и улогата на локалните власти. Инаку, во селото Брод се зборува на македонски јазик, а 80 проценти од децата во училиште наставата ја следат на српски. Останатите 20 проценти се од семејства што неодамна почнале да се изјаснуваат дека се Бошњаци, па се формирала и бошњачка партија која има намера да се бори за воведување настава на бошњачки јазик во училиштето.

Според пописот во 2011, во земјата има околу 10.000 Горанци

Според пописот направен во 2011 година, во Kосово има 10.265 Горанци, како што ги нарекуваат Македонците што живеат во областа Гора. И покрај реакциите од македонските власти, сепак посебна графа „Македонци“ немаше. Според македонските активисти во Kосово има најмалку 15.000 Македонци.

- Ваквиот третман и тешкото наоѓање работа се главните причини поради кои младите гледаат да најдат излез и да заминат од земјава. Меѓусебно се штитат, а за нас вратите како да се затворени. Па затоа ако се снајдат сами, па и нека си одат од тука, вели Kаскани.

Искра Kоровешовска

Превземено од:

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=DB22E4A8B7D1DF478C9CE6BB67F9AEA0

Коментари
Нема коментари.
 
Архива