портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Дијалогот власт - опозиција „успешен“ само на суд
октомври 2014

Ако покрај оштетните побарувања, се пресметаат и административните такси, вештачења, патни трошоци и адвокатски услуги, судскиот дијалог меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „тежи“ и до еден милион евра.


Два дена пред извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, најавен за 8 октомври, веќе е јасно дека една од клучните забелешки на Брисел ќе биде целосното отсуство на конструктивен и институционален политички дијалог меѓу власта и опозицијата. И покрај сите апели од челниците на ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ останаа зацементирани на своите позиции, секој со своја аргументација дека е во право и дека вината и одговорноста за отсуството на дијалог остануваат на адреса на политичкиот опонент. Оценките од ЕК, власта ќе ги дочека без опозиција во Собранието, која поради бројни забелешки на регуларноста на изборниот процес реши да не учествува во работата на законодавниот дом. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, неодамна посочи дека очекува дека пратениците на опозицијата по објавувањето на извештајот на ЕК да се вратат во парламентот. Ако не се вратат, тоа ќе значи активирање на прекинатата собраниска седница за верификација на нивните оставки.

Милион евра

Но, отсуството на институционален дијалог, не значи дека нема вербален сообраќај меѓу политичките опоненти. Тој „дијалог“ функционира многу фреквентно, жестоко и се одвива единствено - на суд. И на новинарите веќе им е тешко да водат евиденција за датумите на бројните рочишта меѓу функционерите на двете партии. Секој ден флуктуираат нови имиња со нови тужби и оштетни побарувања. Во бројките тешко се снаоѓаат и партиите кога треба да дадат одговор колку тужби има против СДСМ од функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ и обратно, и колкав е вкупниот паричен износ на побарувањето на отштета.

Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на партискиот Центар за комуникации вели дека не знае колку тужби имаат од функционери СДСМ и колкаво е нивното оштетно побарување. На социјалдемократите им беа потребни неколку дена да ги сумираат податоците.

„Пријави за клевета од страна на претставници на власта, поднесени против лицата кои зборуваат во името на СДСМ и македонската опозиција има многу. Некои од случаите се веќе затворени со судски одлуки и изречени казни, во корист на претставниците на власта. Веќе се исплатени повеќе од 36.000 евра за клевета и навреда, а голем број случаи се уште се во тек. Вкупното оштетно побарување од страна на официјални лица на власта и ВМРО-ДПМНЕ е во вкупна вредност од дополнителни 230.000 евра“, велат од Центарот за комуникации на опозицискиот СДСМ.

Според нив бројките се релативни. До неодамна вкупната сума на оштетни побарувања од СДСМ беше поголема за половина милион евра, колку што побара премиерот Груевски во судскиот процес против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за случајот „Македонска банка“. Сепак, во процесот сумата беше намалена на 50.000 евра. Толку треба сега да исплати Заев, кој во постапката беше прогласен за виновен за повреда на личните права, угледот и честа на премиерот Никола Груевски. Уште пред почетокот на првото рочиште, лидерот на СДСМ потенцираше дека „ако интенцијата на премиерот е да докаже нешто, требало да побара едно евро“.

Но, сумите што се вртат низ судските лавиринти, се многу поголеми од едно евро. Според проценки на адвокати, ако во сумата се пресметаат и судско-административните такси, вештачења, патни трошоци и адвокатски услуги, судскиот дијалог меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „тежи“ и до еден милион евра.

Две причини за преговори

Дали и колку судските процеси меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги заоструваат односите меѓу двете партии и ги оддалечуваат партиите од можноста за почнат суштински дијалог? Членството на СДСМ смета дека на сцена е судско - полициски притисок за финанско истоштување на опозицијата. Лидерот на партијата, пак, не сака да ги коментира мотивите на политичкиот опонент за големиот број тужби до опозицијата. Но, тврди дека нивното намалување или повлекување нема да ги зголеми шансите за дијалог.

„Не верувам дека повлекување на тужбите ќе ја помрдне состојбата во функција на почнување на дијалог. Тоа може да го сторат само петте барања што ние ги поставивме. Ние и не бараме повлекување на тужбите. Тоа никогаш не било, ниту ќе биде наш услов“, вели Заев. Но, не ја исклучува можноста за почеток на преговори поради две причини.

„Меѓуетничката чувствителност и честа на државата се двете главни причини поради кои се уште им даваме шанса на евентуалните преговори. Бидејќи, ако дојде моментот да се соопштат нашите релевантни и разумни докази зошто бараме техничка влада, тогаш Груевски ќе треба да си поднесе оставка, а срамот за државата ќе биде многу голем“, вели Заев.

На барањето да го објасни ваквиот „ребус-одговор“, Заев вели дека клучните аргументи и доказите зошто бараат техничка влада засега мора да се премолчат, само за да се зачува меѓуетничкиот мир и угледот на земјата. Во спротивно, тие драматично би се нарушиле.

Останува нејасно какви докази кријат социјалдемократите во „ракавот“? Истото се однесува и за изјавата што Заев деновиве ја даде преку телевизијата „24 вести“, дека бил прислушкуван за време на кампањата на последните парламентарни и претседателски избори. Како што изјави, тој во денот на изборниот молк пред парламентарните избори му се јавил на Груевски за да го праша дали и зошто го прислушкува. Од премиерот добил одговор: „Не знам, тоа е кај Јанкулоска, сега е викенд, откако ќе помине, ќе ја прашам и ќе те информирам“. Одговор до денес не добил.

На прашањето дали има конкретни сознанија или само личен впечаток дека бил прислушкуван, Заев вели:

„Не сакам сега да зборувам тоа, за да не предизвикам нова тужба. Во соодветен момент ќе преземам соодветни чекори“.

Неговиот одговор укажува дека ваквата „самозаштита“ од тужби веќе е сериозно вкалкулирана во настапите на опозиционерите и дека поради тој тужбен „дамоклов меч“ кој виси над партијата и најзината каса, владее и одредена автоцензура во нивните изјави.

Неодговорни изјави

СДСМ смета дека на сцена е судско - полициски притисок за финанско истоштување на опозицијата.

Во ВМРО-ДПМНЕ во изјавите на опозицијата препознаваат блеф и манипулации, кои не водат кон можноста за искрен дијалог. Според Илија Димовски, судските процеси се резултат единствено на неодговорните изјави на политичарите.

„За да се нормализира политичката сцена, потребно е политичарите да бидат одговорни во своите искази и да ја говорат вистината, а не со лажни тврдења и манишпулации да се обидуваат да постигнат политички поени. Второ, за оние кои се тужени од функционери од ВМРО-ДПМНЕ, целата јавност е информирана дека се прилично богати и добро ситуирани. Верувам дека ниту тие самите, ниту пак кој било граѓанин во земјава не се грижи за сумата која евентуално тие треба да ја платат по изречена правосилна пресуда. Трето, дијалогот меѓу партиите најдобро е да се мери во рамките на институциите, односно во Собранието, каде впрочем, и секој политичар има уставна заштита за изречените зборови“, категоричен е Димовски.

Деновиве, медиуми објавија дека специјалниот претставник на германското министерство за надворшени работи за земјите од Југоисточна Европа, Ернест Рајхел, на неодамнешената средба со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, наводно му упатил жестока критика по повод казната од 50.000 евра за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со коментар: „Каква порака сакате да пратите со таа казна за Зоран Заев?! Ако не може лидерот на опозицијата да критикува, тогаш што правиме со обичните граѓани и интелектуалци?“

Засега не може да се добие официјална потврда дали ваков дијалог навистина се одвивал меѓу Рајхел и Попоски. На вториот дел од прашањето, како јавноста да упати критика без да заврши на суд, одговор имаат некои домашни сатиричари.

„Останува единствено можноста во говорот да се користи езоповскиот јазик. За жал, тоа не е одлика за демократски земји, но во време-невреме и тоа е решение. Лавови, слонови, сомови, камелеони, жирафи, магариња..,секогаш стојат на располагање како асоцијација за многу појави и потези кои треба да се коментираат или критикуваат. Луѓето веднаш ќе препознаат за кого или за што станува збор“, вели соговорникот, кој езоповската доба во јавната комуникација ја почнува со потписот „еж“.

За среќа, Европската Комисија не користи езоповски речник. Во нејзиниот извештај се очекува нотираните проблемите да бидат наречени со вистинското име.

Превземено од:

http://www.dw.de/%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BB%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D1%82-%D0%B2%D0%BB%D0%B0%D1%81%D1%82-%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D0%B7%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D1%83%D1%81%D0%BF%D0%B5%D1%88%D0%B5%D0%BD-%D1%81%D0%B0%D0%BC%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%83%D0%B4/a-17975343?maca=maz-TB_maz_utrinski-5917-xml-mrss

 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива