портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Самоопределувањето како право или принцип - Случајот Крим 2014
мај 2014
проф. д-р Јанко
Бачев
На референдумот одржан на 16 март 2014 година, на кој излегле 83,1 од граѓаните со право на глас, 96,77 отсто од граѓаните на Крим го поддржаа вклучувањето на Кримскиот Полуостров кон Руската Федерација.







Без оглед на американската пропагандна и нивните сојузници дека не може да дојде до израз слободната волја на кримските граѓани во услови на засилената руска воена присутност на Kрим, сепак, внимателната анализа на медиумските извештаи од теренот покажува дека гласањето мина без неправилности, и оттука, се чини, никој не може да оспори дека народот на Kрим на референдумот го кажа тоа што го мисли и го стори тоа на демократски начин.

Случајот Крим како и секое спорно прашање за кое интерес имаа водечките светски фактори не беше имун на еднострани интерпретации на меѓународното право, теоретски и практични контроверзи и соочување на аргуметни и контрааргуметни.

Така, за САД, овој случај е нелегитимен и во спротивност со меѓународното право, додека, за Русија е во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН за самоопределување на народите.

Оттука, акцентот ќе биде ставен врз меѓународно-правната заснованост на идејата за самоопределување и како таа во реалноста се остварува, што значи дека во освртот на оваа тема нема да биде расправано за тенденцијата на САД да бидат унилатерален регулатор на светските процеси што започна од крајот на осумдесетите години на минатиот век со пропаста на комунистичките држави кои така се нарекуваа, на што, пак, сериозно се спротиставува Русија со оглед на нејзината растечка моќ.

Имено, со Повелбата на ОН (член 1 и 55) и дополнително со повеќе нејзини документи и акти се прави обид идејата за самоопределување да се претвори во право земајќи предвид дека сите народи имаат право на самоопределување, заради што, тие слободно го определуваат својот политички статус и слободно го обезбедуваат својот економски, социјален и културен развој.

Меѓутоа, во спомнатите акти на ОН прилично магловито е формулирано правото на самоопределување, во смисла на тоа кој е субјектот/носител на правото на самоопределување и кој орган и во каква постапка треба да цени дали се исполнети условите за самоопределување. Оттука, се работи за мошне екстензивен поим чија прецизна содржина не е предвидена во ниту еден меѓународно-правен документ, односно, правно-технички гледано, нема прецизна рамка за самоопределувањето и затоа тешкотиите при дефинирањето на ова право се премногу големи.

Во смисла на принципот VIII од Завршниот документ на КЕБС од 1975 година во Хелсинки, постои одредена меѓународна тенденција дека федералните единици во мултиетничките држави имаат право на самоопределување, меѓутоа, самоопределувањето доаѓа во извесна контрадикторност со обврската (член 2 т.4 од Повелбата на ОН) за почитување на територијалниот интегритет или политичката независност на која и да е држава кога сецеонистичките движења бараат територијално одделување.

Станува збор за правила (самоопределување/територијален интегритет и политичка независност) што имаат когентна (апсолутно задолжителна правна природа), и останува нејасно како може да се оствари „правото„ на самоопределување во суверените држави, бидејќи се врзува за територијалниот интегритет и политичката независност на која и да е држава.

Поточно, кога самоопределувањето е поврзано со сецесија доаѓа до кршење на некои од принципите на меѓународното право. Оттука, со обидот преку актите и документите на ОН самоопределувањето да се претвори во право, се појавија и проблемите од аспект на неговото реално остварување.

Затоа, успехот за територијалното одделување/самоопределувањето е многу повеќе резултат на политичко сојузништво и интереси, заради што, одредени сепаратистички движења успеваат во своите барања за самоопределување, како на пример, Еритреја која се стекна со независност во 1993 со остварување на самопределувањето на дел од поранешната заедничка држава Етиопија, Косово кое прогласи самостојност од Србија на 17 февруари 2008 година, Јужен Судан кој формално се отцепи од Судан на 9 јули 2011, и најновиот случај со Крим, додека некои ќе почекаат некоја подобра прилика во иднина, како на пример, Курдите во Ирак и Иран, Каталонците и Баските во Шпанија, Корзиканците во Франција, Шкотланѓаните и Ирците во Велика Британија, жителите на Квебек во Канада...

Патем, кога го спомнав Косово, во еден мој текст: „Меѓународното право за Европската Унија е навистина право или право по избор-случајот Косово 1991 и 2008„, објавен во Меѓународен годишник на научни трудови, ги дадов аргументите зошто еднострано прогласената независност на Косово не го задоволува меѓународното право и ваквите случаи на решавање на малцинските права и територијалните спорови во светот во смисла на косовската сецесија доведува до тоа повеќе ниту една граница да не е сигурна.

И ете, не помина долго време, го имаме случајот со Крим, кој потврдува за несигурноста на било која граница после аминувањето на косовската самостојност. Прашање на време е кога ќе успеат барањата и на спомнатите движења за самоопределување, како на пример, Курдите, Каталонците, Баските, Корзиканците, Шкотланѓаните, Ирците, жителите на Квебек...

Настаните во Украина, кои, не е претерано ако кажам дека наликуваат на државен удар со насилното сменување на легално избраниот украински преседател, како и дополнителното руско инволвирање во настаните со припојувањето на Крим кон Руската Федерација, повторно ја покажаа сета контроверзност на самоопределувањето, кое, и понатаму останува едно од поинтересните проблеми на меѓународното право.

Меѓународно-правно опсервирано, Автономната Република Крим со референдумот и усвоената декларација го истакна правото на самоопределување предвидено со задолжителните јус когенс норми на меѓународното право.

Во оваа насока, концептот на самоопределување во случајот на Крим (или во кој било друг случај) изгледа мошне оправдано и восхитувачки  кога ги слушаме убавите зборови дека треба да оставиме народот на Крим (или кој било друг народ) слободно да го определи својот политички статус. Меѓутоа, таквата идеја/правото на самоопределување во исто време е полна со иронија, бидејќи се покажа дека народот на Крим не може да одлучи, доколку претходно некој друг не одлучеше дека народот на Крим е тој што има право и треба да одлучува за самоопределувањето.

Со други зборови, тој „некој„ што претходно одлучи во случајот Крим, е Русија, како што тој „некој„ што претходно одлучи за самоопределување на Косово беа САД.

Оттука, како заклучок, прашање е колку на самоопределувањето може да се гледа како на „право“ и затоа поадекватно е ако се каже дека самоопределувањето останува на ниво на принцип, и оттука, повикувањето/остварувањето на самоопределувањето зависи од политичките односи на водечките сили на меѓународната сцена.

(Текстот е скратена верзија од трудот: „Околу дилемата за концептот на самоопределување како право или принцип – Случајот Крим 2014“, презентиран на 26 април од професорот Бачев на петтата меѓународна научна конференција „Меѓународен дијалог: Исток-Запад„)



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива