портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонски манифест: Темелот на нашата модерна државност е Илинден 1903
септември 2014



Македонски манифест е вчудовиден од обидот на претседателот на македонското собрание Трајко Вељаноски да ги изостави Илинден 1903 и Илинден 1944 за сметка на 8 Септември 1991, како основа на модерната македонска државност. 

Македонски манифест смета дека 8-ми септември 1991 г. донесе уште едно надградување – Република Македонија стана независна држава. На тој начин, велат оттаму, трите македонски Илиндена не се конфронтираат меѓу себе, туку ги надградуваат принципите и суштината на модерната македонска држава.

„Сите тие имаат рамноправно место во македонската историја, како и сите нивни организатори и градители. До почетокот на Втората светска војна главна улога имаа претставниците на разните ВМРО-вски партии, потоа – до 1991 г. Комунистичката партија на Македонија, по осамостојувањето – сите политички партии: и стари, и новосоздадени“, пишува во нивната реакција.

Од Македонски манифест посочуваат дека досега во македонските државни институции и во македонската јавност постоеше консензус за континуитет меѓу овие значајни датуми од македонската историја.

„Тој консензус е изграден врз неспорни историски факти. Модерната македонска државност не е ниту 8 Септември 1991, ниту дури 2 Август 1944 и затоа слоганот „23 години Република Македонија“ е политичка недоветност. Со Крушевската република од 1903 Македонија е република од пред 111 години. Не е битно дека таа република постоела само 10 дена. Во историјата не е важна формалната хронологија, туку суштината. Затоа, на пример, во 1981година славеше 1300 години бугарска држава, независно од тоа што во 700 од тие 1300 години не постоела бугарска држава. Затоа Романија славеше 2000 години своја државност, а Германија и Франција – по два милениума германска и француска  нација“, пишува во реакцијата на Македонски манифест.

Оттаму велат дека основите на модерната македонска држава се во Крушевската република. 

„Прво, заради републиканизмот. Второ, заради демократското уредување. Трето, заради меѓуетничкиот плурализам. Во Крушевската влада рамноправно учествуваат етносите во Македонија. Четврто, заради уредувањето на самата влада: ресорите судство, финансии, безбедност, медицина, економија. Петто, постои управа за собирање даноци од населението, шесто, поштенска служба итн. Со други зборови, функционира класична држава. Притоа, со своја вoјска, подготовка за ковање сопствени монети со грб, знаме и слично“, објаснува Македонски манифест.

Со АСНОМ на 2 август 1944 г. Република Македонија ги зачува сите структурни специфики од Крушевската република и додаде нови, велат од Македонски манифест. 

„Во рамките на Југословенската федерација Македонците беа признаени како посебна националност, а притоа македонската република стана членка на ООН. Не е битно дека во еден период пред Република Македонија имаше определба „народна“, а во друг период – „социјалистичка“. Важно е дека преку Уставот на Југославија во 1974 г. сите југословенски републики, вклучително и Македонија, добија статус на држави“, пишува во реакцијата на Македонски манифест. 

Оттаму порачуваат дека за да постоиме денес како самостојна држава и за да имаме иднина, мора да ги почитуваме нашите претци, кои ја создадоа и ја сочуваа Македонија. 

„А тие беа и вмровци, и комунисти, и антифашисти, и демократи. Сите тие, со позитивните и со негативните идеи и дејности ја создаваат нашата историја. Спротивставувањето едни спроти други води во ќорсокак. Почетокот на нашата иднина не е денес, туку во историското минато. Почетокот на македонската државност е од пред 2800 години, а на модерната македонска држава – од Илинден 1903 година“, се додава во реакцијата на Македонски манифест.

Превземено од:

http://www.plusinfo.mk/vest/151023/Makedonski-manifest-Temelot-na-nashata-moderna-drzhavnost-e-Ilinden-1903

 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива