портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Берлин побара? Па и Македонија бара!
септември 2014
Гоце
Трпковски
Поголем проблем е кога советот се доживува како императив, и тоа посилен од вистинските желби, интереси и потреби на луѓето од Македонија. Најсвеж пример во овој контекст се таканаречените „берлински задачи за Македонија“.


Многу често се зборува за тоа дали странците треба да ни солат памет. За тоа кои се тие, што има нам да ни кажуваат за нашата држава, зошто не си ги гледаат проблемите во својата итн. Сепак, ако бидеме малку пореални, ќе видиме дека повеќето совети доаѓаат од земји што се понапредни од Македонија, каде што луѓето се борат за да се населат, а не од каде што се обидуваат да се отселат, па според тоа, тие сигурно постигнале малку повеќе во своето постоење и имаат да кажат нешто повеќе. И онака некои совети се премногу општи за да ги доживуваме како наметнување, на пример дека во Македонија треба да има подобра политичка култура, помалку корупција, повеќе медиумска слобода итн. Затоа, ако некој сака да каже нешто за нашата земја, нека си каже, од зборови штета нема. Па кој го слушне, добро, кој не, пак добро.

Но поголем проблем е кога советот се доживува како императив, и тоа посилен од вистинските желби, интереси и потреби на луѓето од Македонија. Најсвеж пример во овој контекст се таканаречените „берлински задачи за Македонија“. Како што е познато, германската канцеларка Ангела Меркел ги свика како на рапорт лидерите на балканските држави и им додели задачи со чие исполнување тие би требало да се приближат до стандардите на водечките земји од Европската Унија. Задачите главно се однесуваат на ситуации за кои секој знае дека треба да се подобрат во Македонија, па и на целиот Балкан: понезависно судство, помала корупција, послободна економија, повисока политичка култура од аспект на односот меѓу власта и опозицијата, поголема медиумска слобода итн. Но само што излегоа тие, веднаш се соочивме со истиот менталитет дека „сега кога Берлин го побара ова, тоа ќе мора да се исполни, властите ќе немаат каде да бегаат“. Берлин само стана уште една парадигма, какви што понекогаш се Вашингтон, Брисел, можеби Лондон, во минатото Белград, Истанбул итн.

Овие (и слични) „берлински задачи“ не се никакви задачи чие исполнување е од интерес на Берлин. Не е дека ова е нешто што ќе мора да се направи поради странците, а Македонците ќе уживаат во него како колатерална корист. Луѓето во Македонија имаат потреба од што подобро судство, што помала корупција, што постабилна политичка состојба (на меѓупартиско и на секое друго ниво) итн. Тоа го сакаат тие. И не може да биде поважно кога некој од странство ќе го побара, отколку кога го бараат македонските граѓани, без разлика на кој начин. Што би значело тоа во превод, дека „наредбата е испратена од горе, па ако нас не нѐ слушаат, нив ќе мора да ги послушаат“? Дури и ако навистина се постигне некаков развој на државата на овој начин, тоа ќе има помалку смисла. Таа треба да се развива и да созрева, заедно со својот народ. Да ги исполнува нивните потреби како што тој појасно ќе ги артикулира.

Затоа многу повеќе треба да се истакнува граѓанската свест и активност во Македонија како вистинска причина поради која треба да се подобрат состојбите во државата, наместо затоа што некојси Берлин тоа го кажал (ова „некојси“ воопшто не значи омаловажување на Берлин како еден од најмоќните центри на светот и особено на Европа, туку се однесува само на издигнувањето на туторството). Но не би било лошо ако има и малку повеќе свест и активност на граѓаните. Обично народот може да го добие тоа што го сака, ако знае што сака, зошто му треба тоа, и ако го побара доволно силно.

Овде можам да посочам и еден личен неодамнешен пример. Резултатите од прегледите во една здравствена институција се издаваат секој ден до 14 часот. Но еден ден кога имаше голем метеж, службите сами си одлучиле дека ќе ги услужат само оние што си го побарале резултатот до 13 часот, а другите нека се вратат следниот ден. Бидејќи присутните го доживеаја тоа како приспособување на административните правила во корист на службениците, а не на граѓаните, реакцијата беше многу силна, како и решителноста никој да не си замине без да биде услужен, бидејќи дури и тој што дошол во 13:55 го има тоа право. Самата установа му го овозможила кога си ги скроила правилата. Се реагираше од најниско до највисоко ниво во институцијата и на крајот беше прифатено дека сите што дошле пред 14 часот ќе бидат услужени. Ова го издејствуваа триесетина луѓе во просторија од 10-15 квадратни метри. Никој од нив не спомена дека издавањето на резултатите до 14 часот е препорака од Ангела Меркел. Тоа беше потреба на нив самите.

Замислете со подеднаква решителност граѓаните да бараат поефикасни институции на сите нивоа. Или подобро судство. Или подобри закони што би овозможиле поголема корист на што повеќе луѓе. Тогаш никој од страна нема да мора да ги приклешти нашите власти за да ни го дадат тоа. Таа приклештеност ќе доаѓа од внатре. Ова не значи нужно дека треба да бидеме во некаква состојба на постојан бунт. Доволно е со нашето однесување во рамките на поставените правила доволно јасно да ги артикулираме нашите најголеми интереси, а тие се за да се создаде што подобра и поуспешна македонска држава.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=9214936129&id=13&prilog=0&setIzdanie=23263

Коментари
Нема коментари.
 
Архива