портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Шансата на СДСМ
април 2013
доц. д-р Тони
Науновски
Занесени од пропагандистичкото искривување на реалноста, што функционира единствено меѓу медиумско-политичкиот дискурс на Македонците, некои луѓе не можат да го препознаат специфичниот и сензитивен актуелен миг на Балканот, во кој многу брзо и едноставно може да ни се случи дури да останеме и без држава.





Надеж за македонски пресврт

По секојдневното и се поинтензивно пропаѓање на ВМРО-ДПМНЕ во антимакедонскиот вртлог кој им го направија нивните „коалициски партнери“ од ДУИ, како и со ирационалното продолжување на нивното анти–ВМРО политичко однесување, кое има ужасни последици врз (не)одржливоста на македонскиот национален дух, преостанува надежта дека можеби кај СДСМ конечно ќе се случи македонскиот пресврт. Први знаци за тивкото, но толку потребно внатрепартиско реформирање во однос на двете големи теми/прашања (задржување на името Македонија и односот кон малцинствата) даваат постапките на две личности од раководството на оваа партија. Kонсеквентно, нивните одлуки и изјави можат да се анализираат и третираат како партиска политичка одлука, односно како израз на самоспознанието на СДСМ дека во овој историски момент е неопходен поинаков пристап кон големите проблеми на Македонија. Имено, станува збор за г. Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Kарпош и висок партиски функционер во СДСМ (претседател на Скопската градска организација на партијата), кој храбро ги издржа нелегалните барања за отворање некакви паралелки на кои ќе се учи на малцински јазик во училишта на територијата на таа општина (инаку, позната тактика за „колонизација“ и „обележување“ на нова територија), и за г-ѓа Цветанка Иванова, пратеник и претседател на Kомисијата за труд и социјална политика во Собранието на РМ. Токму со принципиелното однесување на г-ѓа Иванова, доколку се идентификува, односно претставува израз на новата политика на СДСМ за овој комплекс на прашања, се појавува (во некоја смисла) легитимната супституција за веќе загубениот мит на ВМРО како единствен заштитник на Македонските национални и државни интереси.

Редицата грешки што ВМРО-ДПМНЕ континуирано ги прави веќе четири години поради политичката „покорност“ кон ДУИ, овие денови доживува нова транспонирана кулминација со нивното ирационално поднесување предлози за нови закони и одлуки на комисијата во Собранието на РМ – која мора да биде блокирана за сите нови предлози с` додека не се изгласа законот за македонските бранители. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да го примени тој метод секаде и на сите места во институциите на системот со кои (барем формално) с` уште раководи, с` до мигот додека не сфати дека мора веднаш да распише нови предвремени парламентарни избори, нивни претставници ја обвинуваат и ја критикуваат принципиелната одлука на г-ѓа Иванова (и, да се надеваме, на СДСМ). А таа одлука е вистинската – дека с` додека не се изгласа точката за предлог-законот за бранителите, друго нешто за расправа на дневниот ред на Kомисијата таа нема да постави! Ете, и тоа го дочекавме ние, Македонците, од ВМРО-ДПМНЕ! Наместо да го прекинат проклетството на раздор и детски караници со сонародниците во овој најтежок историски момент на современата македонска држава, претставници на светото име ВМРО дополнително акумулираат негативна политичка енергија кај македонскиот народ. Непоучени од темната страна на македонската историја која, за жал, изобилува со примери на (и буквално) братоубиствена борба, наместо да имаат сензибилитет за најдлабоките барања на оние што ги претставуваат (Македонците!), некои личности од оваа партија ја критикуваат апсолутно легитимната и историски нужна одлука на СДСМ. Занесени од пропагандистичкото искривување на реалноста, што функционира единствено меѓу медиумско-политичкиот дискурс на Македонците, некои луѓе не можат да го препознаат специфичниот и сензитивен актуелен миг на Балканот, во кој многу брзо и едноставно може да ни се случи дури да останеме и без држава. Иако структурно (па дури и уставно) нефункционална, државата Македонија е реалност, но трансисториски гаранции за државноста, како што знаеме од мачната историја која ја живееле нашите предци, просто – нема! А токму примерот на г-ѓа Иванова се вклопува во парадигмата за упорноста и легалните начини за реализација на најсуштински концепти – во случајов, закон што ќе ги унапреди правата на хероите на Македонија (бранителите на македонскиот народ и граѓани од терористичките напади во 2001 г.), меѓутоа, и ќе ги артикулира најважните рационално-емотивни слоеви кај Македонците.

Наместо ВМРО-ДПМНЕ дополнително да го инструментализира методот-одлуката на СДСМ, како легален начин за битен и во суштина прв изблик на македонската супстанција во контекст на поразите што ги претрпе од „коалицискиот“ партнер, пред очите на сите нас, поразените и напатени Македонци, истата го прави можеби и најголемиот свој историски и политички грев (симболички изразено). Одговорноста за досегашните пропуштени шанси за воспоставување нов однос меѓу партиите, што сепак поради фактот дека ВМРО-ДПМНЕ веќе шест години го добива изборниот легитимитет објективно може да се лоцира кај нив, денес ја доживува дури и својата пародија. Бесконечното продолжување на негативниот пристап, дури и за овој конкретен закон што во повисока смисла може(ше) да претставува нов почеток на семакедонско единство, уште денес раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да го надмине и постави како задача на сите нивни претставници. Ниту наводното зголемување на пензиите не е доволна причина (конечно, ете уште еден мотив да го забрзаат донесувањето на законот за бранителите), не е поважно од воспоставувањето на неопходниот македонски консензус преку кој единствено и може да се изгласа овој закон – бранителите се последен симбол на опстанокот на државата, на Македонија! Анимозитетот (од личен, до партиски и идеолошки) мора да се надмине во името на најсуштинските одредници за иднината на Македонија! Ништо денес не е поважно од донесувањето на законот кој дефинитивно во себе го содржи одговорот на круцијалното прашање за иднината, всушност, за тоа дали воопшто ќе ги имаме иднината и државата. Без малку повеќе пари пензионерите ќе преживеат уште неколку недели – колку што време по воспоставување единство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе биде потребно за изгласување на тој прв и последен закон по кој многу важни нешта во оваа држава ќе бидат поинакви – но без единството меѓу нив, оваа земја и македонскиот народ ќе останат без – држава! Шансата на СДСМ за приближување кон најбитниот легитимитет првпат во овие дваесетина години, а кој нив би ги идентификувал како израз на најдлабоките ставови присутни како даденост во самосвеста на македонскиот народ, мора да биде искористена. Примерите на г. Јакимовски и г-ѓа Иванова мора да бидат дисперзирани и манифестирани како нов модел на мислење и политика на СДСМ. Заемно надополнувајќи се со ВМРО-ДПМНЕ, ќе се етаблира нов политички дискурс преку кој единствено можат да се решат двата најголеми проблема на Македонија, токму со продуктивната синтеза во вистинската и единствено можна концепција за Македонија.

Превземено од:

www.dnevnik.mk 10.12.2012



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива