портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонија, Косово и Босна на брза американска агенда?
ноември 2012
Фросина
Димеска
Обама сега се наоѓа во иста ситуација како Џорџ Буш во 2004 година, кога ја призна Македонија под уставното име, односно во почетокот на вториот мандат, период за кој се смета дека претседателите се растоварени од трка за идни гласови и дека може да преземаат похрабри чекори. Експертите велат дека американската администрација во февруари ќе преземе чекори да ги затвори отворените балкански прашања.


Американскиот претседател донесе изненадувачка одлука. На четврти ноември во 2004 година, само два дена откако го доби вториот претседателски мандат, одлучи да ја признае Македонија под уставното име. Таков чекор направи претходникот на Барак Обама, Џорџ Буш, кога се најде во иста ситуација како актуелниот претседател, вторпат да седне во истото столче. Додека во Скопје се прославуваше одлуката на американската администрација, официјална Атина беше изненадена и во шок.

Сега Обама се наоѓа во иста ситуација. Го почнува вториот, последен мандат во кој се очекува да презема похрабри чекори затоа што е растоварен од трката за идни гласови. Но домашните аналитичари се скептични дека оваа американска администрација ќе направи такви чекори. Во изборните дебати двајцата кандидати за претседател, Обама и Ромни, воопшто не зборуваа за балканските теми, така што од официјалните изјави не може да се насети идниот курс.

Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс, пак, вчераутро при организираното следење на изборните резултати рече дека САД и по реизборот на Обама ќе го задржеле континуитетот во надворешната политика кон регионот и особено кон Македонија.

- Имаме силни врски и цврсто верувам дека Република Македонија нема подобар пријател од САД. Очекуваме односите да продолжат да се развиваат во месеците и годините пред нас - рече Волерс.

Тешко до поддршка како од Буш

Поранешниот премиер Владо Бучковски во чиј мандат се случи признавањето од САД под уставното име, без разлика што се работи за втор мандат на Обама, не очекува позасилен ангажман. Според него, и во наредниов период ќе се повторува познатиот став на американската администрација „помогнете ни за да ви помогнеме“.

- Не може да се споредува вториот мандат на Буш со вториот мандат на Обама, зашто кога ќе му ја споменевте Македонија на Буш, веднаш му асоцираше на многу разговори, формални и неформални што со мене ги имаа лично тој и неговите најблиски соработници Колин Пауел и Доналд Рамсфелд. Мислам дека сегашната македонска влада нема такви контакти со администрацијата на Обама, а тие се многу важни за мала земја како нас - вели Бучковски.

Методија Колоски од Обединетата македонска дијаспора има слично размислување, иако нагласува дека е прерано да се прогнозира.

- Сепак, има голема разлика меѓу Буш и Обама. Во кабинетот на Буш работеа тројца Македонци, од кои еден беше висок политички советник. Има Македонци што се високо етаблирани и во редовите на Демократската партија, но нема во Белата куќа - вели Колоски.

И аналитичарите од регионот очекуваат да продолжи истата американска политика кон отворените балкански прашања, без оглед на тоа што станува збор за вториот мандат на Обама. Според српскиот политички аналитичар Душан Јањиќ, сепак треба да се очекуваат конкретни чекори.

- Мислам дека сето она што го рече Хилари Клинтон при неодамнешната посета на Балканот е одредница за американската политика. Сите тие чекори ќе бидат преземени во февруари, односно веднаш по инаугурацијата. Тоа практично значи дека ќе се затвори косовското прашање, а тоа пак ќе наметне потреба од договор меѓу Македонија и Грција, која сега тргува меѓу признавањето на Косово и македонското име. Третото прашање што американската администрација ќе сака да го затвори е Босна и Херцеговина - вели Јањиќ.

Обама опкружен со грчко лоби

Клинтон, пак, која непосредно пред изборите ги посети Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Албанија и Хрватска, веќе најави дека нема да ја извршува функцијата државен секретар во следниот мандат на демократите. Во светските медиуми веќе извесно време се вртат неколку имиња што би можеле да ја наследат.

Најчесто се споменуваат сенаторот од Масачусетс, Џон Кери, долгогодишниот советник за национална безбедност и дипломатија Томас Донилон и амбасадорката во ОН Сузан Рајс. Донилон работел како советник и во администрацијата на Бил Клинтон, но и во актуелната на Обама. Од балканските прашања, бил вклучен во постигнувањето на мировниот договор за Босна. Единствената жена од споменуваните наследници, Рајс, е најконтроверзна, особено поради повиците за нејзина оставка по нападот во Бенгази, во кој меѓу жртвите беше и американскиот амбасадор во Либија.

Но од аспект на Македонија особено е интересен сенаторот Џон Кери. Како претседавач на комитетот на Сенатот за надворешни односи Кери се смета за упатен во надворешната политика, а во последните неколку години е близок до Обама, иако во 2008 година му беше противкандидат во внатрепартискиот избор. Тогаш тој беше популарен и во македонската јавност, откако во медиумите излезе информација дека ветил оти ако стане претседател ќе го смени името на земјава со ново што немало да го содржи зборот Македонија. Потоа тој изјави дека ќе побара од грчкото лоби во Америка да ја демантира таа информација, бидејќи тврдеше дека не изјавил такво нешто.

Инаку, американските Грци остануваат блиски соработници на Обама. На денот на изборите основачот на Хеленскиот американски лидерски совет и пријател на претседателот Обама, Алекси Јанулиас, преку социјалните мрежи објави дека во Чикаго има договорено партија кошарка со некои „блиски пријатели“. Таа вест веднаш се поврза со Обама, бидејќи и американскиот претседател беше во Чикаго, а Јанулиас, пак, е познат како негов партнер за кошарка.

Американските Грци и на овие избори влегоа и во Конгресот. Како што пишува грчкиот весник „Етнос“, Џон Сарбанис, Гас Брилакис, Ники Цонгас, но и прогрчки настроениот Роберт Менедес се избрани во Конгресот.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11812845249&id=9&prilog=0&setIzdanie=22724
Коментари
Нема коментари.
 
Архива