портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Кризата им оди од рака на десницата и на популизмот
октомври 2012
Жарко
Пуховски
Уверен сум, колку тоа и да им се допаѓа или не на многумина, дека следната членка на ЕУ ќе дојде на ред дури за десетина години (доколку во меѓувреме не побараат членство Швајцарија, Норвешка или Исланд). Се чини, прва ќе биде Црна Гора (мала е, сразмерно едноставна и веќе го користи еврото), а другите ќе чекаат уште неколку години.



новинар: Гордана Дувњак



Македонија често ги користи хрватските искуства во различни области, особено во законодавството. На кои грешки треба да се учиме?



Добро е познато дека најдобро се учи на (туѓите) грешки. Мислам дека се поучни грешките од хрватското искуство, пред се', поврзани со уверувањето дека со законите се менува светот, дека е подобро да се има некој закон повеќе отколку премалку, дека е потребно почесто да се менуваат законите и слично. Но, тоа и самите го искусивте. Она што ми се чини суштински битно е да се зачуваат добрите аспекти на стариот (југословенски) систем, посебно во работничките права. Хрватска во тоа подрачје со голема леснотија прифати дека се' што доаѓа од ЕУ е подобро од досегашното.

Хрватска би требало идната година да стане составен дел од Европската унија. Каде ги гледате останатите земји од поранешна Југославија?

Уверен сум, колку тоа и да им се допаѓа или не на многумина, дека следната членка на ЕУ ќе дојде на ред дури за десетина години (доколку во меѓувреме не побараат членство Швајцарија, Норвешка или Исланд). Се чини, прва ќе биде Црна Гора (мала е, сразмерно едноставна и веќе го користи еврото), а другите ќе чекаат уште неколку години.

Македонија би можела да биде следната на ред, но тоа зависи од грчко-македонско-албанскиот националистички триаголник, т.е од тоа дали Грција ќе се откаже од ситно империјалистичкиот став спрема Македонија, а национализмите внатре во Македонија да постигнат компромис околу нешто што не е само привремен состав на Владата. Важно е да се разбере дека оваа пауза е поврзана и со незрелоста на постјугословенските држави, но и од неподготвеноста (па и неспособноста) на ЕУ да изврши институционални промени нужни за прифаќање нови членки.

Како гледате на тоа што и натаму слободата на медиумите, корупцијата и нефункционалноста на правните системи остануваат заедничка компонента што ги поврзува бившите ЈУ-држави?

Може да се рече тоа, но разликите се, колку што гледам, енормни. Состојбите во Хрватска и во Словенија се неспоредливи со оние во Македонија и во Босна и Херцеговина. Покрај тоа, се' помалку ми се чини важна слободата на медиумите, а се' поважна слободата на граѓаните (па и од медиумите) и нивната можност да бидат навистина информирани.

Зошто дури сега се отвора процесот на лустрација и како да се спречи да не се направи поголемо зло од она што се случувало во минатото?

Лустрацијата доаѓа на ред во време кога повеќе нема смисла – вистинските актери од претходниот систем, главно, се мртви или премногу стари, фактите околу начинот на неговото функционирање се познати, барем на оние што сакаат да ги знаат. Но, во сите постјугословенски држави, освен во Босна и Херцеговина, транзицијата ја водеа некогашните високи партиски функционери, така што лустрација не беше можна бидејќи би ги погодила и нивните биографии.

Сега ми се чини дека вниманието треба да се насочи на срамотење на некогашната практика, бидејќи занимавањето со личностите е генерациски промашено (освен во исклучително ретки случаи кога некои документи дополнително ќе се откријат или кога некоја јавна личност еклатантно ќе излаже за своето минато).

Како да се надмине стереотипот за Балканот како буре барут и дали мислите дека е можен процес на помирување и ставање крај на омразата на овие простори?

Барутот најпрво треба да се навлажни за да се спречи непосредна опасност од експлозија. Во последните години, главно, тоа и се прави, станува збор за примирје. Доколку успее да се наметне, ќе биде можна кооперацијата меѓу постјугословенските држави, по примерот на Скандинавија.

А како што се развиваат работите во останатите делови на Европа, не е воопшто невозможно за десетина години, на пример, српските и косовските специјалци заедно да се подготвуваат за мировна мисија во Белгија. Тоа за нас не е утешно, но покажува како се менуваат работите.

Каде ги гледате причините за пробивот на десничарските идеи и растечкиот подем на национализмот и популизмот?

Кога веќе постојат посткомунистичките политички состави, кога веќе победи демократијата, треба барем да се создаде привид дека случувањата се насочени кон интересот на заедницата.

Карактеристика на популизмот, всушност, е поинаку да ги именува вистинските проблеми (за да постигне популарност), но ги именува на еден ритуален и еднодимензионален начин, така што зад формулите реалноста едвај се препознава. Поинаквото именување на проблемите најнапред се гледа во нивното редуцирање за јавноста, на врзување за личности или колективитети (пред се', како виновници), на повтореното користење на предрасудите, на непрекинатото настојување да се дојде до решението по краток пат, на постојано конструирање теории на заговори итн. Значи, зборовите се исклучително важни кога се работи за популизмот; тој живее од зборовите кои се еманципирани од своите содржини и затоа колку што е можно повеќе тие треба да се враќаат на нивните содржини.

Каков може да биде одговорот на популизмот?

Опонирањето на популизмот почнува - иако никако и не завршува - на ниво на рационалната критика на јавниот говор. Се чини дека постојат добри причини за тврдењето оти локалната верзија на популизмот која во малку попримитивна форма ги отсликува тенденциите што се присутни секаде низ светот - во голема мера е условена од традиционалниот дефицит на демократска политичка култура, а особено од самосвесноста на поединецот. Но, популистичката наезда во нашите средини, секако, е врзана и за општиот постмодернизам, поинаква замена во современата политика (која тажно добро се накалемува на домашните дефицити). Во добра мера таа е условена од глобалната и системската репродукција на десубјективирачката практика која милиони или милијарди луѓе ги сведува на рецептори, набљудувачи, обожаватели (ѕвездите во шоу-бизнисот, спортот или политиката). Наспроти тие ѕвезди, носителки на индустриски перпетуираниот култ, сите останати се ситни и занемарливи. Притоа е создадена социјално-психолошка рамка во која луѓето со задоволство, дури и со радост самите себе се смалуваат, се потценуваат, себеси се укинуваат како субјекти, согласувајќи се со тоа - со посредство на медиумите - да го живеат животот на другите, поважните. Таа рамка го подготвува идеалниот материјал за популистичката политика.



Извадокот е превземен од:

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=C19EFDFA93836040B8A7CD5FB17151EB


Коментари
Нема коментари.
 
Архива