портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Брисел и Москва изразија загриженост за нападот во Гошинце
мај 2015

Некои аналитичари во регионот во инцидентот кај Гошинце препознаа и обид за саботирање на идејата за гасификација за „Турски тек“, чии цевки би поминувале преку Македонија.


РЕАКЦИИТЕ НЕ СТИВНУВААТ

Три дена откако група од четириесетина вооружени лица ја нападна караулата Гошинце кај северната граница, коментарите на аналитичарите од регионот и Европа, како и реакциите од странските институции, не стивнуваат.

Загриженост и препорака до македонските и косовските власти да одржат состанок на највисоко ниво и да соработуваат испрати и Европската Унија, која го осуди нападот.

- Загрижени сме за насилниот инцидент во полициската станица во Гошинце во општината Липково. Од суштинско значење е тоа да се решава на одговорен начин. Очекуваме властите и политичките партии да вложат максимални напори за да се избегне какво било зголемување на политичките или меѓуетничките тензии - вели Анка Падурари од прес-службата на комесарот за добрососедство и преговори за проширување Јоханес Хан.

И Министерството за надворешни работи на Русија на својата официјална страница објави соопштение во кое го прокоментира инцидентот на македонската граница.

- Најпрво на ситуацијата влијае сериозниот недостиг од владеењето на правото и безбедноста во Косово, што очигледно е последица од нерешениот косовски проблем во целина. Не може да се игнорираат и сѐ почестите големоалбански пароли во регионот - соопшти руското МНР.

Тие сметаат дека напорите што ги прават македонските власти за да го воспостават редот во проблематичниот регион ќе ја добијат потребната поддршка и на меѓународно ниво.

Помеѓу европските политичари што го осудија настанот е и словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак.

- Иако редок, нападот на полициската станица во Македонија мора силно да се осуди. Ситуацијата ќе ја следиме одблизу - напишал Лајчак на неговиот профил на една од социјалните мрежи.

Проширување на кризата односно потенцијална дестабилизација во Македонија и можни терористички напади и на српско-албанската граница предвидува колумнистот Анреј Корибко за медиумот „Спутник њуз“.

Тој случајот во Гошинце, пак, го гледа како реакција финансирана и реализирана од САД, кои имаат намера да ја саботираат идејата за гасификација за „Турски тек“, чии цевки би поминувале преку Македонија.

- Сега, кога планот за мрежа на цевки на Балканот се остварува, САД сфатија дека треба да реагираат брзо за да ги саботираат. Последователно се случи ненадејната појава на албански тероризам во Македонија - вели Корибко.

Слични предвидувања за периодот што претстои, можно влошување на состојбите во западниот дел на Македонија, предвидува и српскиот историчар Чедомир Антиќ.

- Албанците се единствената нација на Балканот што во последните 200 години не успеала да создаде вистинска национална држава, за разлика од Србите, Хрватите, Грците, Бугарите... Истовремено, тие имаат и голема поддршка од САД, Велика Британија и од Германија, без кои не би успеале во остварувањето на нивните цели ни во Косово ни во западна Македонија - изјавил аналитичарот во српските медиуми.

Тој, како што пренесуваат медиумите, истакнува дека ситуацијата во земјава до некаде е под контрола, но страстите не се смируваат поради желбата за создавање голема Албанија.

Овие коментари и реакции доаѓаат во период кога македонското министерство за внатрешни работи оствари средба со косовските власти.

Треба да се напомене оти Здружението на ветерани на УЧК и официјална Приштина се оградија од инцидентот и повикаа на мир и добрососедство.

Македонските истражни органи ја завршуваат истрагата и се очекува денес и јавното обвинителство да ја информира јавноста за резултатите од нивната истражна постапка.

Како што веќе информиравме, извесен командант Фљамури преку соопштение упатено до косовските медиуми ја презеде одговорноста за нападот, а медиумите информираа и за четворица Косовци како можни учесници во терористичкиот акт.

МВР во текот на вчерашниот ден официјално не соопшти какви било други детали за тешкиот оружен инцидент.      

Автор: Александар А. Самарџиски

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=42415916296&id=9&prilog=0&setIzdanie=23452
Коментари
Нема коментари.
 
Архива