портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Чекајќи ги изборите
септември 2012
Б. Ѓорѓевски
М. Јовановски
Анализата на досегашните меѓуетнички проблеми и инциденти во земјава укажува дека тие досега не резултирале со конфликти во кои масовно се вклучени припадници на двете најголеми етнички заедници во земјава. Најчесто станувало збор за ограничени инциденти во кој значајна улога секогаш имала политиката.


За што повеќе ќе се запали просечниот македонски граѓанин - за политичката битка по слупчанското чествување и законот за бранителите или, пак, за паѓањето на животниот стандард олицетворен во серијата на поскапувањата. Овие две круцијални прашања кои ги преживуваме последниве недели несомнено ќе продолжат да траат и натаму за да ја доживеат својата целосна политичка (зло)употреба. Сеедно дали тоа ќе се случи на потенцијалните предвремени парламентарни избори до крајот на годината, или заедно со локалните напролет в година, како што од поодамна ни се нема случено спроти некои избори македонската политика е поставена пред дилемата дали патот до освојувањето на гласовите ќе се пробива преку етничките или, пак, преку економските теми.

Тензиите, емоциите, политичкиот набој, жестокост, битката „да се биде или не“ кои се кренати на максимално високо ниво во овој постслупчанскиот период даваат за право на прогнозите дека „етничкото“ ќе биде главен аргумент преку кој ќе се бара граѓанската доверба. Односно, дека непопустливоста пред „другата страна“, истрајувањето на барањата и амбициите на својот етнитет, ќе бидат изборни аргументи што многу повеќе ќе се користат отколку што тоа би можеле да бидат оние показатели за тоа колкава инфлација се има, колкаво е нивото на задолженоста на земјата, имаат ли граѓаните пари да ги платат сметките... Политичките аналитичари ова го објаснуваат со психолошката моќ која врз секој граѓанин го имаат емоциите кои се врзуваат за важните прашања за сопствениот народ, со тежината на конфронтациите кои ги предизвикуваат и автоматското одразување на рејтингот на политичките партии. Поедноставно кажано, со моќта на етничките теми поврзани со нацијата, знамето, јазикот, со истакнати личности, борци за сопствената кауза, да во кусо време толку многу влијаат врз електоратот за да може да се оствари зададената изборна цел. Но, тоа е само еден дел од приказната за политичко-изборната употреба на етничките теми, а која своето второ лице го има во постизборните периоди во кои ќе се види дека истите теми останале нерешени, дека одново може да генерираат криза во општеството, а по што ќе стане јасно да прашањето на изградбата на толку важни стабилни меѓуетнички односи и довербата во земјава одиме по принципот „чекор напред, два назад“.

Емоциите - најефикасни

Доколку се случи ваквото сценарио, тоа по долга низа изборни циклуси ќе биде ставање на етничкото во полна политичка употреба. Поглед наназад, на изминативе седум парламентарни избори, покажува дека меѓуетничките и националните прашања биле доминантни само на оние избори кои претставувале своевидни меѓници во нашата понова и плуралистичка политичка историја - во 1990 и во 2001 година. Првите со познатиот пресврт меѓу два изборни круга кога ВМРО-ДПМНЕ експресно ја анулира предноста на тогашната СKМ-ПДП и оствари убедлива победа играјќи на карта на националната реторика, а вторите со ситуацијата во која на изборите се појавија поранешни терористи кои ја предизвикаа војната во 2001 година и трансформирани во ДУИ, партија која во изборниот период однапред се гледаше како победник во албанскиот изборен корпус и незаобиколен партнер во идната влада. Изборите во 2008 година, познато е, изминаа во знакот на постбукурешкиот шок и реакции на грчкото вето околу нашиот прием во НАТО што значи дека не ги предизвикаа меѓуетничките теми. Останатите изборни циклуси, во 1994, 1998, 2011 година ни оддалеку го немаа тој меѓуетнички набој каков што сега ни се случува и се става за изборна употреба.

Додека се чека расплетот на политичкиот конфликт, кој во владината коалиција го предизвика едностраниот потег на министерот Фатмир Бесими, во Слупчане настаните кои во еден подолг период претходија на ова потврдуваат дека етничите проблеми периодично, но сепак постојано, биле присутни кревајќи ја до високите вредности општестевната политичка температура. Случајот со навредите кои ги почувствуваа и ги мобилизираа Албанците во земјава по објавувањето на Македонската енциклопедија само одново потврди дека во земјава меѓуетничките односи не се на она ниво какво би се посакувало за земја која пред меѓународната јавност се фали со успешната примена на Рамковниот договор. На жестоките реакции потоа само се надоврзуваа пресметките на скопското Kале за отпорот на изградбата на црква-музеј, протестите по Вевчанскиот карневал, палење цркви, знамиња, навредливи навивачки скандирања, тепачки на ученици по градски автобуси, свирепите убиства кај Смилковци... за сега главна причина за кавга да биде (не)изгласувањето на предложениот закон за бранителите. Многу настани кои со своја тежина само потврдуваа дека односите меѓу две најголеми етнички заедници во земјава бараат повеќе политичко внимание отколку досега. Аналитичарите укажуваат дека изборите несомнено ќе бидат можност кога на меѓуетничките односи ќе им се посвети внимание, но од погрешна страна.

- Мислам дека претстојните избори, какви и да се, ќе бидат од таков профил што ќе се бркаат резултати по секоја цена и ќе се бараат ефекти. Kога се има таква цел, тогаш е јасно дека етичкото ќе биде ставено настрана, а во преден план ќе излезе етничкото. Односно, сите етнички, емоционални, полиња ќе бидат ставени во функција на што подобро позиционирање кај електоратот. Неизбежно ќе биде и да се зборува за економијата бидејќи таа се наметнува само по себе, особено со порастот на цените. Но, сепак, главно орудие ќе бидат етничките емоции - вели Ѓорѓи Kимов, директор на агенцијата за истражување на јавното мислење „Брима-Галуп“.

Неговото искуство зборува дека употребата на емоциите во изборните кампањи најчесто дава ефекти.

- Емоциите се неизбежен дел во практикувањето на политиката. Тие се најефикасни во ситуација кога немате многу време и други можности за убедување на гласачите - нагласува Kимов.

Најлесни, но најризични гласови

Анализата на досегашните меѓуетнички проблеми и инциденти во земјава укажува дека тие досега не резултирале со конфликти во кои масовно се вклучени припадници на двете најголеми етнички заедници во земјава. Најчесто станувало збор за ограничени инциденти во кој значајна улога секогаш имала политиката, која во голема мерка била и причината зошто инцидентите не добивале свој регуларен законски и судски епилог. Така излегувало дека инцидентите од ваков тип често биле намерно инсценирани бидејќи националните теми с` уште се третираат како најисплатлива инвестиција за придобивање на гласачите. Но, од друга стана тоа е и причината што земјава с` уште не станала стабилно општество чии институции може соодветно и правично да реагираат кога се во прашање инциденти од таков тип. Затоа во практиката постојано се случува своевидно „државно трепереење“ по најразлични инциденти дури и од типот на палење на знамиња, ученички тепачки или навредливи навивачки скандирања. Дури и во ситуација кога анкетите покажуваат дека кај граѓаните е раширено мислење дека десет години по воениот конфликт во земјава се подобрени меѓуетнничките односи. Поента на сето ова е дека за овие дваесетина години не се изградило високо ниво на доверба меѓу етничките заедници. Таа доверба, бездруго, сега ќе биде на нов тест со оглед на извесно активирање на старите барања на албанската етничка заедница за целосна рамноправност во државата, целосна службена употреба на албанскиот јазик, промена на грбот, на химната...

- Гласовите што ќе се добиваат со национални и патриотски теми се најлесно добиените гласови. За патриотизмот може да се зборува бескрајно, а за инвестиции сепак не. Нашите партии никако да се оттргнат од тоа. Но, не треба да се заборави дека иако се тоа најлесни гласови, тие се истовремено и најризични - предупредува аналитичарот Алберт Муслиу.

Универзитетската професорка Билјана Ванковска наведува дека во меѓуетничко општество е невозможно да се елиминираат етничките судири, но е многу важно да се менаџираат на ненасилен и внимателен начин, да не се злоупотребуваат за собирање поени.

- Македонија се соочува со проблемот на конфликтното минато и последиците од него, а помирувањето е секогаш процес кој бара неколку генерации и тоа под услов с` да тече релативно мирно. Ние, во голема мерка, сме зависни и чувствителни и на регионалниот контекст - потенцира таа. Според неа, во систем како нашиот, дури и кога темите не се експлицитно етнички, т.е. не ги засегаат идентитетите, се третираат на етнички начин. Во консоцијациски систем с` е поделено по етничка линија, а како што може да се забележи, единствена тема која ги доближува заедниците е евроинтеграцијата. Етничките прашања веќе извираат и се поставуваат, понекогаш од експерти и од професори, некогаш од новинари или од политичари.



Извадокот е превземен од:

http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=2D00C138159DE1468802DBD3AB810253




Коментари
Нема коментари.
 
Архива