портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
ОБСЕ не чита книги во кои пишува дека ЦИА и БНД уредуваат медиуми
декември 2014

Kнигата на познатиот германски новинар Удо Улфкот, „Kупени новинари“, веќе се најде на листата со бестселери на „Амазон“. На социјалните мрежи на големо се коментира содржината на книгата.


Во интервју за „Дневник“, но и за некои други незападни медиуми, долгогодишниот новинар на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изнесе интимна исповед дека со години бил поткупуван од богати Американци за да не ја пишува целата вистина. Во интервју тој признава дека потпишувал текстови напишани од ЦИА и од германската разузнавачка служба. Според Улфкот, целото европско мејнсрим-новинарство е поткупено и тоа мора да биде проамерикански настроено.

И додека на интернет се води бурна кампања и му се дава признание на храброста на новинарот што обелоденил една вистина која сите ја знаеле, но чекале тоа некој и јавно да го каже, мејнсримот во Германија, но и во Европа, е во целосна штама. Само малку медиуми, како шпански „Ел Мундо“, се охрабрија да ја пренесат сторијата на Улфкот. Дури се шпекулира дека има необјавена забрана на неговата книга. Интернет-проектот „Авалон“ објавува дека авторот на книгата добил информација од колега-новинар оти постои стриктна забрана не само да се купува неговата книга туку таа не смее ни да се фаќа на рафтовите. Наводно, ова тајно било договорено на неодамнешниот Саем на книгата во Франкфурт, односно уредниците на издавачите биле опоменати дека ако ја набават книгата, ќе бидат ставени на шут листата.

Германија е на 17. место според медиумските слободи

„Дневник“ разговараше со „Репортери брз граници“ од Германија, чиј претставник неодамна беше во Скопје, истурајќи безброј критики за сметка на наводно загрозените медиумски слободи во Македонија. Тој рече дека е запознаен со книгата на Улфкот.

-Да, ја прочитав книгата. Таа се наоѓа на листата со бестселери. Но, за мене, таа не е релевантна и не игра никаква улога за нашата организација. Во неа се изнесени безброј непоткрепени обвинувања. Мое лично мислење е дека е таа прилично црвена - вели претставникот на „Репортери“, кој инсистира на тоа дека изразува личен став.

На прашањето дали реагирале од други медиуми со слични поплаки, нашиот соговорник од Германија вели дека имале случаи со поткуп, но ниту еден каков што наведува Улфкот.

- Германија не е брилијантна кога станува збор слободата на медиумите, но земјата е во светскиот врв. Таа се наоѓа на 17. место. Имаме случај кога една фирма сакала да поткупи новинар и да напише сторија со извртени факти, односно во интерес на компанијата која не ги почитувала еколошките стандарди или за платени патувања. Но, не и за обвинувања што ги наведува авторот на книгата - вели претставникот на „Репортери“, кој сакаше да остане анонимен.

Во ОБСЕ, пак, ниту слушнале за книгата. Иако до нив испративме прашања и на кои чекавме три дена да добиеме одговор, изјава добивме дури по неколку телефонски разговори, односно на наше големо инсистирање. На прашањето дали ОБСЕ е запознаен со содржината на книгата и како ќе реагира во однос на изнесените тврдења на Улфкот зашто очигледно станува збор за сериозно кршење на стандардите на ОБСЕ за слободата на изразување, советникот за односи со јавноста, Гунар Вранг, кратко ни објасни: „Не сум ја читал книгата и не коментирам нешто што не го знам. Во врска со тоа дали вакви случаи можеби има во други земји, ние не правиме компаративни анализи, туку следиме одделни случаи од земја во земја“.

Федералното здружение на германските новински издавачи, пак, е многу поконкретно. Тие во соопштение што е подолго од книгата, обвинувањата на Улфкот ги отфрлаат истакнувајќи: „нашите новинари не се на продажба“.

„Лорд Улфкот очигледно го загубил контактот со реалноста на уредувањето на весниците“, се вели во соопштението објавено на нивната интернет-страница.

Шпиони во Би-би-си

А што кажа новинарот Удо, всушност, во интервјуто за „Дневник“ и за руски медиуми? Ќе повториме само некои од таа долга листа на обвинувања. Многу новинари во Велика Британија и во Европа се „користени како марионети“ на западните разузнавачки агенции. „Постои вмешаност на разузнавачките агенции во мејнсрим-медиумите во Европа“, истакнува Улфкот, кој работел како новинар 25 години, од кои 17 во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Тој самиот тврди дека како новинар работел за ЦИА, а тоа имало и историска смисла зашто, според него, веднаш по Втората светска војна водечките западни медиуми морале да бидат антисоветски и проамерикански. Тој додава дека германските изданија, како што се „Билд“ или ФАЦ, немало да добијат дозвола за работа доколку не биле про-САД.

Интересно, но на иста линија е Питер Тејлор, истражувачки новинар на Би-би-си, кој изнесува детали за тоа како британското разузнавање се инфилтрира во водечките медиуми во Велика Британија. Во неговиот документарец „Вистински шпиони“ новинарот на Би-би-си вели дека конспиративните теории за прислушување новинари се вистина. „Тие се инфлитрирани секаде, дури и на Флит стрит („Ројтерс“, н.з.) и во Би-би-си. Фајловите што тие ги имаа беа многу“, тврди Тејлор. Тој открива и како биле означувани субверзивните новинари: „...личните фајлови на таквите новинари беа обележувани со зелена новогодишна елка, со што требаше да го предупредат менаџментот на Би-би-си тие новинари да не покриваат настани кои се сметаа за чувствителни за националната безбедност на Велика Британија“, истакнува Тејлор.

Приказната Улфкот ја завршува со уште еден фрапантен податок. „Познавав еден мој многу добар пријател од „Еконимист“, кој работеше во Франкфурт, а кој всушност беше оперативец на „МИ6“ во околината на Франкфурт. Тој, пак, беше многу добар пријател со Стела Ремингтон, која раководеше со „МИ5“ од 1992 до 1996 година“.

И сите овие наводи на познатиот новинар не беа предизвик за организациите кои се занимаваат со слободата на медиумите да направат какво-такво истражување.

Превземено од:

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=2B38C7DC3AB33E49AD4B07B20438EEE9

Коментари
Нема коментари.
 
Архива