портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Интервју - Македонците во Албанија се поделени
ноември 2014

„Сегашната министерка за образование е сопруга на Македонец (поранешниот министер е чист Македонец)“, но ништо не е направено за Македонците во Албанија, вели Валентина Нестoр, лектор по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.


Веле Митаноски

Валентина Нестор (43) е Македонка по потекло од Maлa Преспа. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Meтодиј“ на Филолошкиот факултет, Kaтедра за македонски јазик. Докторирала на тема: „Лексичко-граматичката интерференција на албанскиот јазик во говорот на Мала Преспа“ во 2006 годинa. Напишала неколку буквари на македонски јазик, во 2010 издаде учебник за странци: „Научи брзо и лесно македонски“, научен уредник е на „Албанско-македонски училишен речник“.

Кога се роди кај Вас идејата од научен аспект да го изучувате македонскиот јазик?

Мојата љубов кон македонскиот јазик се јави уште 1991, кога завршив средно училиште и се запишав на Филолошкиот факултет во Скопје. Патот овде е многу потежок кога се идентификуваш со македонски обележја, за разлика од тоа кога патот кон успехот се следи под „скриен“ идентитет, како што има многу „истакнати“ Македонци, кои не смеат да се изјаснат дека се такви, иако зборуваме за демократиja, човекови права... За жал, реалноста е сосема подруга од тоа што се зборува. Бариерите се навистина големи, особено кога живееме во балканскиот регион, со изострен национализам, каде постојат предрасуди за другите националности.

Колку време сте лектор по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана?

Оваа учебна година за мене е 19-та, како лектор по македонски јазик. Петнаесет генерации студенти излегоа од овде, кои го изучуваа македонскиот како втор јазик. Македонскиот јазик успеа да се пробие, покрај другите западни јазици, а моментално интересот кон македонскиот јазик се проширува и кај студентите од другите департмани, многу го засакуваат, бидејќи е привлечен, нема тешка граматика и брзо може да се совлада. Тоа го покажува и фактот дека голем број од моите студенти, по националност Албанци, навистина многу добро го совладаа и успеаа да се вработат, врз основа на македонскиот јазик. Годинава имаме 50 студенти. За жал, го немаме вниманието, за разлика од другите лекторати на соседните земји кои се при нашиот Департман за словенски и балкански јазици.

Каков е интересот за изучување на македонскиот јазик во Албанија меѓу Македонците?

Досега минале околу 30-ина Македонци – студенти. Барем толкав број се изјасниле дека се Македонци. Има и такви кои не ја искажуваат својата националност. Доаѓаат од разни региони, најмногу од подрачјето на Голобрдо, преселени пред 1990-тите години. За жал, денешните преселеници не знаат речиси ниеден збор. Сакаат да научат, да комуницираат со родителите или постарите роднини, бидејќи, за жал, во овие семејства како јазик на општење во домашна средина е албанскиот. Македонскиот јазик се изучува само во основното училиште во Мала Преспа, додека во Голобрдо и Гора, тој статус е изгубен и е потребна голема борба за повторното враќање. Тој статус го изгуби и селото Врбник – Деволско, каде што децата патуваат секојдневно дваесетина километри до гратчето Билишта и без да имаат можност да следат настава на македонски. Иста е состојбата и во Поградец, Корча, Тирана, Елбасан, каде што е сконцентриран поголемиот дел од македонското малцинство. Тоа доведува до целосно асимилирање на нашата етничка националност.

После Стерјо Спасе и Никола Беровски-Учителот, вие сте новата генерација истакнати Македонци во Албанија. Како и Беровски, пишувате учебници, буквари, научни статии.

Работата со странски студенти ме наведе на идеја за издавање на учебник по македонски јазик за странци. Овде влегуваат и нашинците чии деца, иако македонскиот го имаат за мајчин јазик, го чувствуваат како странски, така што издавањето на една таква методика со двојазични граматички објаснувања и речник, предизвика голем интерес. Потоа се вклучив во проекти за издавање учебници за македонското национално малцинство, кои се во склоп со новите наставни програми и планови.

Вие високо образование завршивте во Република Македонија, како и други млади интелектуалци – Македонци од Албанија. Во овој момент министер за образование во албанската влада е сопруга на Македонец. Колку сте задоволни од односот и вниманието на албанската влада и држава, посебно од новата администрација на Еди Рама кон Македонците?

Да, завршив во Македонија, но се вратив во местото од каде што тргнав. Голем број наши деца се запишуваат во Македонија, но не се враќаат овде. Ова не ми се бендисува многу, бидејќи нивниот придонес би бил многу поголем ако се интегрираат овде, а не во Македонија. Со министерката за образование, многу добро се знаеме, таа е македонска снаа, која многу добро го познава македонскиот јазик, бидејќи го користела во домашни околности. Јас ја ценам и почитувам како личност, а не како министерка. Во секоја албанска влада, без разлика од кој политички спектар доаѓа, не постои никаква мотивација за интегрирање на изразените македонски елементи во институциите на системот. Без разлика кој е сегашен министер (поранешниот беше чист Македонец), за Македонците ништо не е направено од нивна страна, а и нема да се направи доколку не се зајакне самиот македонски политички фактор овде.

Албанија е членка на НАТО, се стреми кон ЕУ. Колку земјата е подготвена да ги почитува високите европски стандарди во делот на човековите права и како гледате на новата територијална поделба во Албанија?

Не мислам дека со станувањето членка на НАТО или доколку станете членка на ЕУ, ќе се обврзете за поголемо почитување на човековите права, или пак правата на малцинствата. Дури, станувате помоќни во извлекувањето од одговорностите. Но, доколку сте кандидат, повеќе ќе ве притиснат од ЕУ околу правото на изучување на мајчиниот јазик, како и за поголемо застапување на Македонците во албанската администрација, оти состојбата е ужасна. Територијалната поделба за Македонците е целосно неприфатлива. Со тоа автоматски се губи секое можно право кое може да се стекне. Тоа намерно се прави за да не се бара правото на враќањето на поранешниот одземен статус на малцинства. Се прифати само општина Пустец, а не за Голобрдо и Гора и тоа е само за оправдување пред меѓународниот фактор.

На последните парламентарни избори во Албанија, во јуни минатата година, бевте кандидат за пратеник, како носител на листа на МАЕИ во Корча. Не успеавте, иако беа потребни 3.500 гласови, а само општина Пустец има далеку повеќе! Каде ги гледате причините за тоа?

Навистина не успеавме и за ова мора да се наведат неколку фактори. Прво, МАЕИ е нова партија, која во последните парламентарни избори учествуваше по вторпат, додека албанските партии дејствуваат низ македонските предели две и пол децении, а тие ограноци се со македонски претставници, кои работат за интересите на овие партии и не поаѓаат од националниот аспект и севкупниот интерес на македонската нација. Иако јас лично не успеав, барем успеав да го разбудам националното чувство и да ги освестам дека само со засилување на македонскиот политички фактор, преку коалициските договори, можат да ги уживаат и тие елементарни инвестиции и права кои досега ги имаат. Натаму, самиот македонски политички фактор не беше обединет и не работеше за една заедничка мисија. Добар дел од Македонците, кои се претставуваат низ Македонија како силни активисти за правата на Македонците во Албанија, се членови на големите албански партии. Сакаат да дејствуваат само преку друштва, а не преку политичка партија. На таков начин користат проекти од македонската влада, а немаат никаква одговорност околу барањето на своите права овде, во земјата каде живееме. Моја претходна изјава дека роднини на високи членови на МАЕИ работеа против нашата партија и не гласаа, беше протолкувана како, демек, моите роднини не гласале за мене. Сакам да го разјаснам тоа. Моите роднини максимално беа ангажирани околу тоа, не поради фактот што се кандидирав јас, но затоа што тие се ориентирани кон македонската кауза.

Македонците од Албанија учествуваа, на еден или друг начин, и на локалните и на парламентарни избори во Република Македонија. Гласањето на жителите на Пустец во Скопје предизвика огромни реакции.

Да, знам за тоа и навистина многу ми е мака кога гледам како се злоупотребува и натаму угледот на Македонецот од Албанија. Сепак, во врска со ова, мора да го истакнам фактот дека голем дел од Македонците, барем од Мала Преспа, се сезонски работници во Македонија, а цели генерации на млади деца, уште од 1991 и наваму, се образуваат во Македонија, а значителен дел од нив остануваат таму. Значи, голем дел од овие Македонци се стекнале со право на престој и добиле документи. Доколку овие лица стекнале права на граѓани на Република Македонија, зошто да немаат право на глас, како и секој граѓанин во демократска земја.

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=2AEAC1B6E0A03046BFEED503C75D4C86

Коментари
Нема коментари.
 
Архива