портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Референдум за Крим?
март 2014
Димитар
Чулев
Настаните во Украина извлекоа од архивите една изјава на Чу Енлај, кој замолен да го оцени историското значење на Француската револуција од 1789 година, речиси два века подоцна, во 1968 рекол: „Рано е да се каже“.


Никој веќе не може да прогнозира во кој правец ќе се одвиваат настаните во Украина и како ќе заврши репризата на „Портокаловата револуција“, која овој пат ја доведе земјата до ситуација на сериозна внатрешна поделеност и соочена со воена закана од големиот сосед. Со светлосна брзина се менуваат оцените, ставовите и изјавите, кои од првичното одушевување со „случувањето народ“ на плоштадот „Мајдан“ во Киев, преку предупредувачките изјави полека се претвораат во галиматијас од апели, препораки и анализи, кои најавуваат црни сценарија.

По славењето и поддржувањето на „украинската пролет“ и демократизацијата на земјата која на „Мејдан“ го одбра својот пат, многумина се потсетија дека многу од кажаното околу иднината на Украина било или избрзано или погрешно. Доволно беше само да се отворат весниците од пред три години, па да се заклучи дека настаните секојпат не го следат прогнозираниот пат. Како што биле погрешни многу кажани нешта околу фејсбук-револуциите на Блискиот Исток кога по систем на домино-ефект паднаа автократските режими во Ирак, Египет Тунис, Либија...

„Сите среќни прогнози личат една на друга, би рекол некој, а секоја несреќна, е несреќна на свој начин“. Оваа за Украина била тотална утка зашто работите тотално излегоа од контрола, со закана дека единствена „придобивка“ од револуцијата ќе биде извесното – осамостојување на Крим.

Деновиве стана некако „ин“ да се споменува Чу Енлај, првиот кинески претседател кој покажал кинеска мудрост и дипломатска претпазливост кога во 1968 година на прашањето што мисли за значењето на Француската револуција од 1789 година, кусо одговорил:„Рано е да се каже“.

Ќе беше многу корисно овие неколку збора врзани по овој редослед да ги знаеја оние кои рано претскажаа дека хаотичните настани во центарот на Киев и групата момци кои ја презедоа власта на нелигитимен начин и побрзаа веднаш да ги скинат врските со Русија (меѓу другото, со глупавата одредба да се укине користењето на рускиот јазик во земјата каде што речиси половина од населението го говори како свој, а 17 отсто се чувствуваат етнички Руси) ќе продуцира добро за земјата. Се случи спротивното. На Крим каде што мнозинското население го сочинуваат Руси, е закажан референдум кој треба да се одржи на 25 април и кој сигурно ќе ја дефинира сегашната автономна област како идна самостојна суверена... држава.

Ова можеше да се претпостави и многу пати беше предочувано во време кога меѓународната заедница го туркаше осамостојувањето на Косово. Пет членки на ЕУ и сега не ја признаваат Република Косово и, сакале или не, се дел од групата држави меѓу кои особено Русија сметаа дека „преседанот Косово“ само ќе го забрза процесот на фрагментирање на некои држави кои на своја територија имаат малцинства. Случајот со Јужна Осетија и Абхазија од пред шест години е доказ за тоа. Крим, полуостров со доминантно руско население, е впишан во картата на Украина во 1953 година. Идејата за референдум е уште од пред периодот на дефинитивниот распад на СССР кога 93, 26 проценти од население на Крим не му беше дозволено да гласа дали ќе оди со Украина или со Русија или ќе биде самостоен дел на Заедницата на независните држави произлезени од СССР. Сега на маргините на настаните во Киев, парламентот во автономната Украинска Република Крим се согласи на референдумско прашање дали граѓаните се за или против сегашната Автономна Република Крим да добие државна независност. Секако, ова право на народот на референдум како највисок демократски чин да се изјасни за статусот на својата земја ќе биде поддржан од Москва.

Оние кои се противат и во референдумскиот чин гледаат менување граници, анексии, агресии и слично забораваат дека за годинава се закажани интересни референдуми во уште две земји.

Независноста може да стане стварност за граѓаните на Шкотска на 18 септември кога е распишан референдумот на кој Шкотланѓаните треба да се изјаснат дали да го прифатат планот на нивната националистичка влада да излезат од Обединетото Кралство.

Нема релевантни прогнози каков ќе биде резултатот од „историското“ изјаснување на Шкотска, но засега се достапни податоци дека на теренот, само 29 отсто од популацијата Шкотска, како еден од четирите конституенти на Обединетото Кралство (Англија,Шкотска, Ирска и Велс) покажува самостојни амбиции за независност на нивната земја. Поттикнувачите на шкотската независност на чело со првиот (по функција) премиер на Шкотска, Алекс Салмонд, се оптимисти зашто поддршката сега е за три отсто поголема во однос на минатиот февруари. Не би оценувале дали статистиката значи нешто и дали бројките до септември ќе растат, но извесно е дека Шкотска и не е многу потресена од „историското“ изјаснување.

Она што е причина за референдумот е силното национално чувство дека Шкотланѓаните не се Англичани и дека „деновите кога политичари од Вестминстер и' диктираа на Шкотска се минато“. На оваа карта игра првиот човек на шкотската влада кој, според сегашната позиција на Шкотска, мора да го признае Дејвид Камерон за негов премиер, а кралицата Елизабета за врховен суверен.

Владејачката коалиција во шпанската провинција Каталонија, на чело со Артур Мас, како и поголем дел од другите тамошни партии, планира на 9 ноември годинава да одржи референдум на кој на гласачите ќе им постави две прашања: „Дали мислите дека Каталонија треба да биде независна држава, да или не?“ и ако одговориле со „да“, „Дали сакате таа држава да биде независна или не?“.

За разлика од Лондон каде што страстите околу можното отцепување на Шкотска се релативно смирени, во Мадрид има голема нервоза.

Најновите анкети, спроведени во Каталонија, покажуваат дека во покраината има далеку повеќе гласачи кои се настроени кон поголема автономија или дури и независност, од оние кои поддржуваат нејзино останување во Шпанија.

Каталонија има популација од 7,5 милиони жители, а во бруто домашниот производ на Шпанија учествува со една петтина, додека, пак, во шпанскиот извоз има уште поголем удел.

„Тој референдум не може да се одржи бидејќи е нелегален“, вели шпанскиот премиер Маријано Рахој во шпанскиот парламент, за време на годишниот говорот за состојбата на нацијата. „Само целиот шпански народ има право да одлучи за Шпанија. Никој не може еднострано да го лиши целиот шпански народ од правото да одлучува за својата судбина“, истакна премиерот.

Каталонија е во многу понеизверсна ситуација од Шкотска. Шпанскиот устав, за разлика од британскиот, не признава право на отцепување на некоја од провинциите. А некои структури во Мадрид се закануваа дека тоа можат да го спречат со употреба на сила!

Како ќе заврши се', рано е да се каже...

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/default-mk.asp?ItemID=2615FBC5B04B154282977CAF8F4C5C5B
Коментари
Нема коментари.
 
Архива