портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Кујат: НАТО греши со Русија
септември 2014

Поранешниот генерал на НАТО, Харалд Кујат, смета дека воената алијанса сторила големи грешки во односот кон Русија кога се работи за украинската криза. Двете страни мора да разговараат, смета Кујат.


ДВ: Г-дине Кујат, НАТО планира да разгледува нова стратегија во однос на Русија на претстојниот самит. Каква треба да биде таа, според вас?

Кујат: НАТО сака подобро да се подготви за конвенционална одбрана. Тоа е резултат на украинската криза. Балтичките земји и Полска се земјите кои пред сѐ стравуваат дека проблемите би можеле да ја прескокнат границата и дека и тие би биле загрозени. Мнозинството држави, Германија, Франција, Велика Британија, не само што ги разоружаа своите безбедносни сили, туку и ги променија - и структурно и кога се работи за вооружувањето. Се одеше кон развивање на способноста за надминување на кризите и конфликтите со истовремено намалување на способноста за конвенционална и колективна одбрана. Тоа е воочено како проблем и тоа сега треба да се промени.

ДВ: Од НАТО порачуваат дека не играат улога во украинскиот конфликт. Дали алијансата би била во состојба да ги одбрани своите источни членки во случај Русија да ги загрози?

Кујат: Проблем е во времето потребно за реакција. Со оглед на промените, на Алијансата и‘ е потребно време да изгради цврста линија на одбрана во Полска или во балтичките земји. Причина за тоа се и географските услови, и тука Русија е во подобра ситуација. Поради тоа, тие држави бараат стационирање на НАТО трупите на нивна територија за да се намали времето за реакција. Но, некои земји на НАТО се против тоа. Очигледно е дека трупите за брза реакција треба да бидат во состојба побрзо и во кус рок да се ангажираат, односно да ја покажат својата подготвеност.

ДВ: Односите меѓу Русија и НАТО досега се темелеа врз принципите на меѓусебниот стратешки договор. Тој забранува постојано стационирање на големи единици на НАТО во источните земји-членки. Дали сега тоа треба да се ревидира?

Кујат: Тој договор е основата за стратешкото партнерство меѓу НАТО и Русија. Тој договор е делотворно средство за превенција од конфликти и изнаоѓање решенија. За жал, тој инструмент НАТО воопшто не го искористи. Верувам дека со тоа можеше да се придонесе за смирување на состојбата во Украина. Сега тој пасус во договорот, НАТО еднострано го толкува. Во него се наведува дека НАТО не планира да изврши големо стационирање. Тоа е еднострано објаснување. Тоа може во секое време да се повлече, но сметам дека тоа би било голема грешка бидејќи вредноста на стратешкото партнерство на НАТО и Русија е далеку поголема од она што може да се постигне доколку на Балтикот се стационира војска. Тоа би била ескалација и влошување на односите.

ДВ: Стратешкото партнерство во последниот период е разнишано поради анексијата на Крим и кризата на истокот на Украина. Генералниот секретар и главниот командант на НАТО изјавуваат дека Русија веќе не е партнер, туку закана. Дали го делите тоа мислење?

Кујат: Не, воопшто не го делам. Тие изјави не придонесуваат за деескалација, туку за ескалација на состојбата. Сега имаме работа со една регионална, ограничена криза. Постојат интереси на Русија и интереси на земји-членки на НАТО. НАТО сам по себе таму нема никакви интереси. Токму во договорот со Русија е наведено дека секогаш кога се загрозени интересите или безбедноста на едната или на двете страни, партнерите треба да седнат и да го најдат најдоброто решение. Тоа НАТО досега не го стори. Тоа не го стори ни во 2008-та кога дојде до конфликт меѓу Русија и Грузија. Меѓусебната соработка не беше прекината, но беа прекинати практичните програми. Тоа е грешка. Доколку постои воспоставен инструмент за надминување на криза, тогаш би било добро, кога ќе дојде таква ситуација, тој инструмент и да се искористи. Стравувам дека сега се вовлекуваме во ситуација, која беше предизвикана од изјави од обете страни, кои ја заоструваат состојбата и со кои кризата дополнително се заострува. Тоа не може да биде во наш интерес. Во овој момент има премалку политичари кои велат: 'Чекајте малку. Да не дозволиме состојбата да се заостри'. Русија се вовлече во состојба која е во принцип слепа улица. Но и Западот, бидејќи санкциите не водат никаде. Ова е всушност последната можност да се дојде до заедничко решение. А за тоа мора да се седне на заедничка маса.

Генералот во пензија Харалд Кујат беше генерален инспектор на Бундесверот од 2000 до 2002 година. Подоцна, од 2002 до 2005-та, беше на чело на Воената комисија на НАТО, највисокото советодавно тело на Северноатлантската алијанса.

Превземено од:

http://www.dw.de/%D0%BA%D1%83%D1%98%D0%B0%D1%82-%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%BE-%D0%B3%D1%80%D0%B5%D1%88%D0%B8-%D1%81%D0%BE-%D1%80%D1%83%D1%81%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-17895254?maca=maz-TB_maz_dnevnik_KOPIE-4629-xml-mrss

Коментари
Нема коментари.
 
Архива