портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Пријателот на нашиот непријател е наш најголем пријател!
јануари 2014
Драган
Јањатов
Скептицизмот особено доaѓа до израз во ова време на разни трендови на спин-кампањи, виртуелни и вистински пропагандни војни, со помош на електронските и другите видови медиуми и комуникациски средства, во чија заднина стојат и оперираат разни „фабрики“, па дури и цели „картели“, кои не жалат ни труд, а богами ни пари, да ја убедат јавноста во нешто во кое и самите не веруваат.


Тука некаде пред или по Нова година, кога во секоја земја, па и во нашава, се спроведуваат разни испитувања, сондажи и анкети за разни прашања и области од животот, политиката, односите и релациите на луѓето и околу нив, еден ден осамнаа и резултатите од анкетата на институтот за испитување на јавното мислење „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје, за тоа што мислат македонските граѓани: „Која од соседните земји во дадениов момент ѝ е најголем пријател, односно непријател на Македонија?“ (или некакво слично формулирано прашање, што во случајов и не е толку битно).

Граѓаните, како граѓани, од разни возрасти, полова ориентација, социјална средина, образование, но и задолжителни национална припадност и политичка определба, нели ги прашувале, одговориле. Но мора да признаеме дека меѓу луѓето има и такви што во однос на овој вид, а и спрема другите разни и слични анкети, се скептици, кои сметаат дека тие испитувања најчесто се „лук и вода“, односно резултатите од нив се однапред наместени и се спроведени со некаква цел или служат за одредена пропаганда (секоја чест на исклучоците). Особено тоа доaѓа до израз во ова време на разни трендови на спин-кампањи, виртуелни и вистински пропагандни војни, со помош на електронските и другите видови медиуми и комуникациски средства, во чија заднина стојат и оперираат разни „фабрики“, па дури и цели „картели“, кои не жалат ни труд, а богами ни пари, да ја убедат јавноста во нешто во кое и самите не веруваат. Независно од тoа што веќе одамна е познато дека „статистиката е наука на невозможното“. Но нема никакво сомневање дека „имунитетот“ на македонскиот народ во тој поглед е на мошне високо ниво и тој може без особени последици да проголта секакви пропагандни гадости, па и една ваква, навидум бенигна јавна анкета.

И нејсе, резултатите и од ова „испитување“ беа афиширани и соодветно „елаборирани“ по сите основи и параметри на нивните статистички содржини и значење, можеби повеќе надвор отколку во земјава. И тоа траеше ден, два, три и таа врева стивна, бидејќи на нејзино место дојдоа резултатите од уште една таква слична анкета, за тоа колку „Македонците се среќна нација?“. Небаре бедата и сиромаштијата во кои се давиме можат некому да му донесат среќа и радост!? Но „среќата со пари не се купува“, нели?

Меѓутоа, по сите овие спроведени анкети и „охрабрувачки резултати“ од нив, токму овде и сега, во енормно затруениот и нечист македонски воздух, останаа да лебдат еден горчлив впечаток и низа прашања; која мудра глава и чиј генијален ум ги смиcлува токму овие испитувања, односно кој е нарачателот и кој ги плаќа овие анкети, какви намери има и, што е уште поважно, која е нивната суштина и за кои цели ќе бидат употребени добиените „веродостојни резултати“ од испитувањата (со точност од плус или минус 3 проценти).

И да биде штетата поголема од ползата, резултатите од првата анкета „мошне уверливо“ покажуваат дека: јужниот ни сосед Грција 82,4 проценти од анкетираните Македонци ја сметаат за „најнепријателски настроена земја“, додека на второто место во истата категорија е нашиот источен сосед Бугарија со 55,8 проценти. Натаму следуваат Албанија, Косово и на крајот Србија. На листата, пак, на „најпријателски земји“ во однос на нашата на прво место е Србија со 56,6 проценти, потоа следуваат рангирани и другите земји, кои се „помалку пријателски“ определени во однос на Македонија, и така натаму и така наваму.

И сега, со една мала дигресија, настанува мошне контрадикторна ситуација, која побива и демистифицира една веќе одамна втемелена „историска аналогија“ на оваа тема од времето на Втората светска војна, кога сер Винстон Черчил, тогашен премиер на Велика Британија, по нападот на Хитлер на СССР, на генералисимусот Сталин му порачува: „Непријателот на нашиот непријател е наш пријател!“. Со овие најнови резултати од анкетата на институтот „Крсте Петков Мисирков“ испаѓа дека Черчил пред 70 години не бил сосема во право. Со оваа македонска анкета еве се докажува дека може „пријателот на нашиот непријател да биде наш најголем пријател!“, бидејќи стара вистина е дека токму меѓу Србија и Грција постои традиционално пријателство уште од Првата светска војна па наваму, вклучувајќи ги и 90-тите години од минатиот век, кога тогашните лидери на овие две земји планираа „пријателска“ поделба на Република Македонија!?

Ќе речете, што да се прави. Времињата, па и навиките се менуваат! Но постои уште нешто што збунува во целава ситуација. Како тоа и зошто нашата „најнепријателска земја“ годишно угостува и до половина милион гости од Македонија, кои се препелкаат и одмораат на топлото грчко сонце и на песочните грчки плажи, оставајќи драгоцени милиони евра на грчко конто, при толкаво непријателство, а исто така како е можно, според бројот на странски фирми и вложувања во нашата земја, Грција да биде на првото место?! Или како тоа втората по ред „непријателски расположена земја“ спрема Македонија - Бугарија, штедро и со отворени прегратки да нуди свои државјанства и пасоши за секој брат Македонец што ќе го посака тоа, а такви дал Господ, барем досега во земјава има на десетици, ако не и на стотина илјади. Нешто овде е нејасно. Во исто време, пак, во „најпријателската земја“ според резултатите од анкетата - Србија, чија Православна црква не сака дури и да преговара за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, со години брадестите српски попови, само од ним познати причини, не дозволуваат дури и македонска официјална државна делегација да го посети манастирот „Прохор Пчињски“, каде што во 1944 година се поставени темелите на македонската државност. Тешките манастирски порти за Македонците со години се затворени. Да се чудиш и крстиш. Пак времињата се виновни, или нешто друго е во прашање?

Но анкета си е анкета. Резултатите се тие и мора да им се верува, сакале ние или не. Албанската компонента од споменатото истражување, која „нормално“ како и секогаш битно се разликува од македонската, намерно нема да ја коментираме, како што вообичаено и за многу позначајни работи се „правиме на Тошо“, во интерес на „добрите“ меѓуетнички односи и „соживотот“ внатре во нашиот синор, особено не сега во овој предизборен период.

Само се прашуваме, какви ли ќе бидат резонансата и последиците во круговите на „меѓународната заедница“ ако нарачателот на споменатава анкета имал намера да испрати некаква скриена порака за понадвор од земјава, со однапред „очекуваните“ резултати од испитувањето, или да пушти некаков „димен сигнал“, кој требало да стигне до срцето на Европа, до Брисел, на пример. Е, и во тој случај, пак сѐ се свртува во полза на нашата штета. Сега треба да очекуваме високите чиновници од ЕУ (кои и за поситни наши „палавости“ ни ги истегнуваат ушите), покрај другите матракуки да ни ја закачат и оваа, небаре постојните ни се малку. Не напразно мудриот народ од оваа „чудесна и среќна земја“ рекол: „Сам што ќе си направиш ниту најголемиот непријател не може да ти го направи“. Така, спокојно но бодро, зачекоривме во новата 2014 година, со сознанието кој ни е пријател, а кој непријател. Колку да се знае чија мајка црна волна преде. Среќни-пресреќни.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11614726518&id=13&prilog=0&setIzdanie=23076

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива