портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Руско-украинските односи пред нов предизвик?
октомври 2013
Драган
Јањатов
Во заднината на ваквото украинскo општествено-политичко милје всушност се оцртуваше глобалната политичка биполаризација на украинското општество; на „проруски“ ориентирани и „проевропски“ определени граѓани, во што не може да се занемарат ниту придонесот и влијанијата на таа линија од надвор


Пред претстојното потпишување на Спогодбата за партнерство и слободна трговија на Украина со Европската Унија, планирано за крајот на наредниот месец во Вилнус, Летонија, тензијата во руско-украинските односи како сѐ повеќе да се зголемува. Руските политичари, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин, последниве денови кон официјален Киев упатуваат остри критики, предупредувајќи го украинското раководство дека ја води земјата кон политичка и економска пропаст. Впрочем, меѓународната соработка меѓу овие две соседни држави, некогашни содружнички на поранешниот Советски Сојуз, од неговото распаѓање во 1991 година до денес, постојано се движеше по амплитудата топло-студено. Сите досегашни недоразбирања во руско-украинските односи имаа или политичка или економска природа и се решаваа повеќе или помалку успешно, со наизменично манифестирање наводна волја за компромиси од едната и од другата страна, но досега, повеќе од две децении, не ја постигнаа потребната меѓудржавна рамнотежа и уште помалку потребниот меѓусоседски идентитет и ниво. Секогаш меѓу нив остануваше да тлее понекое недоразбирање: Руската Федерација и нејзините лидери се обвинуваа за мешање во украинските внатрешни работи, се проблематизираше употребата на рускиот јазик во таканареченото „јазично прашање“, во недоразбирањата се инволвираше и Руската православна црква, која не го признава постоењето на новоформираната Украинска православна црква (Киевската архиепископија), а од руска страна најголем дел барања и претензии кон Украина, покрај политичката, имаа и економска заднина, големата наследена од претходниот систем украинска задолженост кон Русија, намирувањето на украинските долгови за испораката на гас и други енергенти, трговскиот дисбаланс, финансиските и царински преференцијали и друго.    

Причините зa постоењето на овие проблеми најчесто се бараа и наоѓаа оправдување во континуирано нестабилната внатрешнополитичка ситуација во Украина, честите промени на власта, дури и со насилни средства и методи, со познатите колор-револуции и отворените судири и непријателства меѓу украинските партии на власт и оние од опозицијата, кои наизменично се менуваа во овие улоги, а уште почесто се обвинуваа дека секоја од нив ја води земјата во политички хаос, а народот го разединува и турка кон осиромашување и беда, стопанството и економскиот развој во безизлез, a демократијата во земјата ја држи на крајно ниско ниво. Тоа, само по себе, претставуваше плодна почва во Украина за пораст на криминалот и на корупцијата, изразување граѓанска непослушност, чести апсења и разни афери припишувани на политичките опоненти, па дури и обвинувања за нарачани убиства. За постоењето на таквата политичка клима во земјата мошне активно придонесуваше и работата на украинската Рада-парламентот, каде што нејзината законодавна работа беше ставена на втор план, поради честите судири (дури и физички) на партиите на власт и опозицијата, на чело со нивните лидери, тешките обвинувања за стопански криминал, проневери и грабежи на огромни средства и узурпација на власта, прекршувањето на човековите права и граѓанските слободи, изборните фалсификати и спрегите меѓу власта и криминалните структури и мафијата и друго.

Во заднината на ваквото украинскo општествено-политичко милје всушност се оцртуваше глобалната политичка биполаризација на украинското општество; на „проруски“ ориентирани и „проевропски“ определени граѓани, во што не може да се занемарат ниту придонесот и влијанијата на таа линија од надвор. Кремљ во своето политичко позиционирање во односите со својот западен сосед традиционално сметаше на поддршката и активностите на повозрасниот дел од украинската популација, главно во југоисточните погранични региони на земјата, додека инфилтрирањето на прозападните тенденции одеше преку поддршката на желбите и настојувањата на помладата украинска генерација за што побрзо отворање интегративни процеси за приклучување на земјата кон западноевропските политичко-економски и безбедносни структури и организации, како ЕУ и НАТО и други. Најновите истражувања покажуваат дека тој сооднос во сегашно време и услови се движи некаде околу 55 наспроти 49 проценти во полза на прозападната струја.

Во тој контекст, во последно време, се и засилените активности на украинскиот парламент, Радата, за исполнување на строгите европски критериуми и норми на приспособување на постојната украинска законодавноправна регулатива и подготвување нова, која би била компатибилна со европската. Иако од страна на меѓународната заедница се упатуваат и други многубројни сериозни забелешки за конкретни проблеми и пречки што стојат на патот на Украина кон Европа (една од нив и правниот аспект на случајот „Тимошенко“). Сепак, од овие последни засилени активности на актуелното украинско политичко раководство за најавениот чин, Руската Федерација како да се најде малку затекната и очигледно се труди на Украина да ѝ понуди и некои нови економски опции и отстапки, како на пример пристапувањето кон царинската унија, што на земјата ќе ѝ овозможи слободна трговија со Русија, Белорусија и со Казахстан, кои можеби нема да ја одвратат од решеноста за нејзиното поврзување со Европа, но барем до некаде ќе го задржат и одложат тој процес. 

На неодамнешната средба во Калуга-РФ, на заседанието на Комитетот за билатерална руско-украинска економска соработка, рускиот премиер Дмитриј Медведев меѓу другото истакна дека Русија и Украина сепак имаат големи заеднички можности и предизвици во определувањето на приоритетите во нивната меѓусебна соработка и односи доколку се раководат од долгорочните интереси на своите граѓани. Тие треба да ги пронајдат сите допирни точки што ги спојуваат, а не раздвојуваат двата блиски народа, истакна Медведев. Исто така, тој се повика и на комплементарноста во производствата на двете земји во области како моторната индустрија, нуклеарната енергетика, авиокосмичката сфера и многу други, а и на фактот дека Украина се наоѓа на петтото место во вкупната руска размена со странство, со која имаат потпишано и активно функционираат околу 300 меѓусебни спогодби, а за реализација чекаат уште 30 заеднички нереализирани проекти. Украинскиот премиер Николај Азаров во оваа пригода, пак, категорично го потврди изборот на приоритетите на својата земја што одат во полза на Европската Унија, нагласувајќи дека тоа ќе биде од полза и за Украина, но и за Руската Федерација, со која ќе ја продолжат, но и „унапредуваат“ постојната соработка. На крајот од работата на овој форум се потпишани низа мошне важни билатерални спогодби.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=10241393513&id=13&setIzdanie=23009
Коментари
Нема коментари.
 
Архива