портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Евроазиска унија - проект на иднината?
јули 2013
Драган
Јањатов
Промоторите на новата алијанса со голема доза на увереност сметаат и на некои европски земји. Во прв ред на Украина и на Молдавија, а не ја исклучуваат можноста во скоро време и други европски земји да покажат интерес за членство или посматрачки статус во новиот сојуз.


Во последно време светската општествено-политичка јавност, а особено медиумите, сѐ почесто се навраќаат и, се разбира, на широко шпекулираат со можностите за реализација и остварување на една дамнешна идеја за создавање евроазиски сојуз или унија по примерот на европската, чии главни протагонисти и реализатори, барем засега, се Руската Федерација и Казахстан, односно претседателите на овие некогашни советски републики, Владимир Путин и Нурсултан Назарбаев, со интелектуална поддршка од познатите руски политиколози Александар Дугин, Александар Панаров, Сергеј Гавров и популарниот киргизиски писател Чингиз Ајтматов.

Актуелноста на современите глобални интегративни економски и политички процеси, кои го обележаа почетокот на 21 век и ги зафатија главно земјите од Источна Европа и новосоздадените држави на Балканот по распадот на Југославија, меѓу кои и Македонија, налага сериозен меѓународен и дипломатски приод и анализа на пројавената иницијатива во насока на можноста за остварување на оваа значајна политичка агенда, која заради здружувањето на несомнено големите економски и воено-стратегиски потенцијали на инволвираните страни, во основа може да ги измени постојната геополитичка конфигурација и општиот политички баланс во Европа и во светот.

Првичната историја на проектот за евроазиски сојуз датира уште од 20-30-тите години на 20 век и негови тогашни носители беа познатите советски „Евроазијци“ Н. Трубецкој, П. Савицки и Г. Вернадски, кои на проектот гледаа како на „етапна трансформација на Советскиот Сојуз во евроазиски сојуз, по пат на промена на комунистичката идеологија“, но поконкретен план за остварување на замислата за „Советски Републики на Европа и Азија“ уште пред распаѓањето на Советскиот Сојуз прв јавно објави познатиот руски дисидент и академик Андреј Сахаров.

По распаѓањето на СССР и пропаѓањето на еден друг сличен проект: „Конфедеративен Сојуз на Суверени Држави“, на просторот на поранешниот Советски Сојуз беше создадена лабаво интегративната Заедница на Независни Држави (ЗНД), која со сите достигнувања и слабости сѐ уште постои.

Во 1994 година претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, го обелодени својот возобновен детален проект со кој се предвидува во новосоздадениот евроазиски сојуз во почетокот да влезат пет републики на бившиот Советски Сојуз: Русија, Казахстан, Белорусија, Киргизија и Таџикистан, со можност подоцна кон нив да се присоединат и други земји: Ерменија, Узбекистан, Молдавија, како и самопрогласените постсоветски држави: Абхазија, Јужна Осетија, Нагорно Карабах и Приднестровје. Во меѓувреме, во почетокот на 21 век Русија и Белорусија формираа Заедница на држави, која подоцна прерасна во Сојузна држава на Руската Федерација и на Белорусија. Сепак, потребата од еден поширок сојуз на евроазиските држави од овие простори остана да постои сѐ до 2010 година, кога, овој пат официјално, на самитот на Евроазиската економска соработка во Москва и тоа прашање е ставено на дневен ред за разгледување, а со тоа и на увид пред руската и пошироката јавност. Проектот добива нов интензитет во 2011 година со објавувањето на статијата на тогашниот премиер на Руската Федерација, а сега третпат нејзин претседател Владимир Путин под наслов Нов интеграциски проект за Евроазија-иднина што се раѓа денес. Во својата статија Путин пишува: „Ова движење, во кое се вклучени Русија, Белорусија и Казахстан, е интензивно и способно да стане еден од значајните фактори на современиот свет. Идната година ќе ја потпишеме Декларацијата на евроазискиот сојуз, кој може и е должен својата работа да ја почне во 2013 година. Убеден сум дека создавањето на евроазискиот сојуз ќе биде ефективна интеграција. Тоа е патот што ќе им овозможи на нејзините учесници да заземат достојно место во сложениот свет на 21 век. Само обединети нашите земји се способни да влезат во кругот на водечките земји-лидери на глобалниот развој и цивилизацискиот прогрес и да остварат успех и благосостојба“.

Во прилог на реализирањето на оваа иницијатива во рамките на ЗНД како преодни етапи се и формирањето на Царинската унија (2010 година) и Единствената економска зона меѓу споменатите држави (2012 година), а како следен чекор за наесен во Екатеринбург е најавено формирањето на наднационален евроазиски парламент, како единствен законодавен орган на идната нова евроазиска мултидржавна заедница. Исто така, во парламентите на трите држави-носители на проектот, Русија, Белорусија и Казахстан, се формирани работни групи за спроведување сенационални референдуми за прашањето на формирањето на новиот евроазиски сојуз. Временската рамка за целосно заживување на проектот е назначена за 2015 година.

Интересот за натамошната судбина на овој проект е несомнен, особено во средноазиските земји, како на пример, Киргизија, Таџикистан и Узбекистан, но кон оваа идеја не остануваат рамнодушни и големите азиски земји, како Кина и Индија, кои без разлика на нивното членство во меѓународните организации од типот на ШОС и БРИКС, будно го следат развојот на проектот за нов евроазиски сојуз. Ист е односот и на Иран на Блискиот Исток, а Турција изморена од долгото чекање на милоста за влез во ЕУ, веќе е во потрага по други алтернативни решенија. Промоторите на новата алијанса со голема доза на увереност сметаат и на некои европски земји. Во прв ред на Украина и на Молдавија, а не ја исклучуваат можноста во скоро време и други европски земји да покажат интерес за членство или посматрачки статус во новиот сојуз.

Што се однесува до внатрешната структура и организација на ЕАС, чии контури помалку или повеќе се наѕираат, во прв ред вклучува тела какви што се комисија за економија, комисија за ресурси, комисија за енергетика, фонд за економски и научнотехнички развој и соработка, заедничка меѓународна инвестициска банка, воведување единствена валута во скор период (2022 година), меѓународна арбитража, комисија за екологија и друго. Воената компонента на ЕАС сѐ уште останува докрај недефинирана, но постојат опции за формирање заеднички оружени сили и најсовремени одбранбени воени формации.

На честите шпекулации, главно од Запад, дека Руската Федерација со ЕАС го воскреснува Советскиот Сојуз и го турка светот кон нова блоковска поделба, главните носители на проектот спокојно одговараат дека и опцијата со „еден светски господар“ не донесе ништо ново и подобро за мирот и благосостојбата на народите на глобален план.

Очекувањата од создавањето на евроазискиот сојуз остануваат големи, а иднината ќе покаже што ново и попозитивно за човештвото ќе донесе оваа нова источна сторија.

(Авторот е поранешен дипломатски претставник на Р. Македонија во Руската Федерација)

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива