портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Создаваме непријател и од Бугарија
мај 2013
Ѓорѓи
Спасов
Такво однесување во меѓународните односи, од македонска страна е несомнено некоректно, несериозно и ја прикажува земјата како несигурен партнер во меѓународните односи.



Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Поповски, деновиве сосема лежерно, на прашање од новинар на бугарското национално радио во Брисел одговорил: „Мој личен став е дека (Договор за добрососедство - на кој инсистира Бугарија) не е неопходен, дека всушност добрососедство не се гради на хартија, туку се гради со конкретни гестови и мислам дека помеѓу Бугарија и Македонија има многу добра основа за одлични односи. Впрочем помеѓу луѓето тоа постои и сега. А дали ќе има Договор е прашање на фактот што од бугарска страна беше наметнато тоа како некоја исклучителна потреба. Јас лично мислам дека е подобро да немате Договор отколку да имате Договор кој ќе создава дополнителни проблеми“.

Овој одговор од страна на министерот Поповски, со право од бугарска стана е протолкуван како јасен сигнал дека Македонија и понатаму си тера по свое, без елементарно почитување на барањата од бугарска страна. А што бараа тие? Уште речиси пред една година, кога Бугарија изрази незадоволство од нивото на односите со Македонија, таа предложи, еден од начините за подобрување на тие односи да биде потпишувањето Договор за добрососедска соработка меѓу двете земји чија основа би бил текстот на Декларацијата за добрососедство потпишана во 1999 година. Голем број аналитичари и поранешни амбасадори од двете страни оценија дека во текстот на таа декларација, која овозможи да дојде до потпишување на сите договори за соработка меѓу Македонија и Бугарија со формулацијата „Договорот е потпишан на македонски јазик според Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија“ нема ништо спорно. Таа содржи симетрични обврски за двете земји кои произлегуваат од меѓународното право и само една асиметрична одредба која гласи: ништо од македонскиот Устав не може и не треба да биде основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел заштита на статусот и правата на лица кои не се граѓани на Македонија.

Бугарската страна, во време на потпишувањето на оваа Декларација, овој став си го толкуваше дека македонскиот јазик кој е запишан во Уставот на Република Македонија и македонската нација, нема повеќе да бидат основа за Македонија да инсистира понатаму врз правата на македонското национално малцинство. Во Македонија исто така многумина го користеа текстот на Декларацијата за обвинување кон тогашниот премиер Георгиевски дека извршил „предавство“ на македонските национални интереси и дека „не се изборил за признавање на македонскиот јазик“ и „се откажал од македонското национално малцинство во Бугарија“. Но суштината беше многу различна.

Со таа Декларација се направи најголемиот исчекор во дотогаш блокираните односи со Република Бугарија. Се пронајде формулација за споменување и признавање на македонскиот јазик и на Бугарија и' се даде јавна гаранција дека Македонија нема да се меша во нејзините внатрешни односи по која било основа што беше и е обврска на Македонија според меѓународното право. Македонското национално малцинство во Бугарија како и сите малцинства во Европа има право да се бори за своите права врз основа на Европската конвенција за заштита на малцинските прави и со барање правда од Европскиот суд за човекови права во Стразбург. Секое покровителство од страна на Македонија врз него може само да им штети и да ги расипува односите меѓу двете земји. Што се однесува, пак, до заштита на правата на граѓани од Македонија кои живеат и работат во Бугарија, тоа е во надлежност на дипломатско конзуларните претставништва кои работат според виенската конвенција и до сега на тој план немало проблеми.

Оттука кога Бугарија излезе со понудата таа декларација да биде преточена во Договор за добрососедство како основа за целосна поддршка од страна на Бугарија за Македонија во европските интеграции, се стекна впечаток дека Македонија е исправена пред мошне лесен проблем за решавање. Министерството за надворешни работи ја прифати идејата од страна на Бугарија, беа формирани работни групи за подготвување на текстот на Договорот и биле одржани дури четири состаноци за усогласување на текстот, од кои два само пред две недели. Изјавата на министерот Поповски дека „негов личен став е дека Договор не е неопходен“, од бугарска страна сосема исправно е протолкувана како објавување дека „Македонија за потпишување на Договор води разговори, но без намера да се договори“.

Такво однесување во меѓународните односи, од македонска страна е несомнено некоректно, несериозно и ја прикажува земјата како несигурен партнер во меѓународните односи. Изјавата на министерот Поповски дека „добрососедство не се гради на хартија туку со добри гестови“ може да биде протолкувана и како критика на бугарската надворешна политика. Можеби тој сакал да порача: што ќе ни се ветувања на хартија кога вие не се однесувате коректно кон Македонија, како што тоа го прави Грција која и покрај привремената спогодба во која пишува дека Грција нема прави да ја блокира Македонија во нејзиното интегрирање во меѓународните организации, тоа редовно го прави.

Министерот Поповски дополнително рекол дека, според неговото лично мислење „било подобро да нема Договор отколку да има некаков кој ќе создава дополнителни проблеми“. Со ова тој всушност го изразил својот став и страв дека „текстот на Договорот би создал дополнителни проблеми во односите меѓу Македонија и Бугарија“. Врз основа на ваквата изјава претседателот на Република Бугарија, Росен Плевнелиев, со право изјавил дека Македонија не треба да се надева на поддршка на јунскиот самит на ЕУ од Бугарија, без почитување на Декларацијата од 1999 година и нејзино унапредување во договор за добрососедство. И додал, ако некој сака да му се помогне, тој мора и да работи.

Но, министерот Поповски и натаму е убеден дека „ништо не можело да ги расипе добрите односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, па дури и ако ние ги влечеме нашите соседи за нос во врска со Договорот.

Како и во случајот со Грција, македонската јавност многу малку знае за што всушност се преговара, во што е проблемот и кои се спорните одредби кои на земјава треба да и' го овозможат нејзиното интегрирање во ЕУ и во НАТО. Владата на Груевски само не убедува дека покрај бројните домашни „непријатели“ земјата е соочена со бројни надворешни непријатели кои сакаат национално да не' обезличат, да не' окупираат и да не' снема. Со оваа политика Груевски уште посилно од времето на комунизмот ја засилува тезата дека „Македонија е јагне кое било опкружено со четири опасни волци кои сакаат да го лапнат“, но благодарение на „мудрото раководство“ никој ништо не ни може. Тој како да не забележува дека Република Бугарија е одамна членка на ЕУ и на НАТО, дека Грција е стара демократија, дека Албанија стана членка на НАТО и дека Србија и Косово, на најтранспарентен начин, потпишаа мировен договор со кој си го отвораат патот за членство во ЕУ. На Груевски и на неговиот министер за надворешни работи, не им биле потребни договори, туку гестови на добра волја од другата страна додека тие градат безбројни споменици, градат нови митологизации и создаваат конфузија во националниот идентитет на Македонците. Половина од Македонците во меѓувреме се иселија од Македонија поради економското пропаѓање на земјата. Десетици илјади земаа бугарско државјанство. Владата не е способна да направи попис на населението со графата националност ама не потпишуваме договор за добрососедство, за некој нешто да не ни „подметне“. А многумина очекуваа дека Велигден ќе беше добра прилика да потпишеме таков договор со Бугарија. Можевме да го потпишеме во Охрид и да го прославиме Велигден заеднички со многубројните туристи од Бугарија во Светиклиментовите цркви. Но, премиерот беше зафатен со својата двонеделна турнеја низ Јужна Америка, а претседателот шест дена ја обединуваше македонската дијаспора во Канада и во светот, односно луѓето што ја напуштиле својата татковина поради неспособните политичари во земјата.

Превземено од:

http://utrinski.mk/?ItemID=E9EF21DDE61CEC4289B847C245BFE670
Коментари
Нема коментари.
 
Архива