Русија ја смета Македонија за клучен партнер во нејзината мисија за стабилизација на Балканот, истакна шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на средбата во Москва со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
„Имаме историја на добри односи, не постојат отворени прашања. Постојат значајни потенцијали и ние треба да ги фокусираме нашите напори тие да се реализираат“ - рече Лавров.
„Русија е против прекројување на границите во Европа и особено на Балканот. Сите треба да ги почитуваат принципите на Повелбата од Хелсинки. Ова се однесува и на ситуацијата на Балканот“, истакна Лавров.
Македонскиот министер се заложил за зајакнување на соработката со Русија во економската сфера, за директни руски инвестиции и особено за изградба на крак на гасоводот “Јужен поток” за испорака на гас и гасификација на Република Македонија.
Лавров и Попоски на денешната средба потпишаа и Спогодба за отворање на културни центри во Москва и во Скопје, и план за консултации за министерствата за надворешни работи на двете земји.
(Москва, 29 јануари 2013 / агенциска вест)