портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Проширувањето на ЕУ оди во трет план?
јуни 2016

ЕУ по референдумот ќе се занимава со внатрешните проблеми и прашањето за проширување веројатно ќе го стави многу подолу во списокот на приоритет.



 Британскиот референдум отвора ново поглавје во односите меѓу сите членки на ЕУ, но и во односите со земјите-аспиранти како Македонија, смета аналитичарот Андреја Богадновски, кој своето високо образование го стекнал во Лондон како стипендист на Министерството за надворешни работи на Британија.

- Референдумот би го опишал како отрезнувачки момент, состојба на загриженост и почнување процес кога членките ќе бидат свртени самите кон себе, а светот надвор од ЕУ би бил на втор план и покрај енормните предизвици со кои се соочува најблиското соседство на Унијата. Ќе бидеме сведоци на процес на себерефлексија каде што ќе се дискутира повторно иднината на најзначајниот европски проект по Втората светска војна - вели Богдановски.

Тој е убеден дека во времето што ни претстои, Стариот континент ќе се соочи со процес на нови поделби и цепкања на „европскиот сон“.

- Дефинитивно веќе постои таква инфраструктура, која е подготвена да го турка таквиот процес како во Холандија, Данска, Франција, па и во Австрија. Некои од (засега маргинализираните) политички лидери, на пример во Холандија и во Франција, веќе повикаа на ова. Тоа не мора да значи дека ќе се случи веднаш туку како процес може да трае со години и да биде доста мачен. ЕУ мора да преземе чекори за сопирање на понатамошна дезинтеграција на Унијата - оценува Богдановски.

Тој заклучува дека во овој момент целата ситуација е неповолна за нас. Според него, самиот факт што Британија во минатото беше и остана најголем поддржувач на понатамошните проширувања во Унијата, особено за земјите од Балканот и Македонија, сега кога таа ќе биде надвор од ЕУ, ќе ја нема лидерската позиција и одлучувачка моќ на масата во Брисел. Тоа, пак, според Богдановски, ќе придонесе во иднина ЕУ да се сврти самата кон себе и да почне со внатрешно преиспитување, па проширувањето како тема нема да биде приоритет.

Од друга страна, македонскиот амбасадор во Лондон Јован Донев во изјава за македонските медиуми, вели дека Македонија не треба да очекува поголема промена во односите со Британија по референдумот, како на политички, така и на економски план. Според него, нема логика да бидат нарушени односите помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, каква и да е одлуката на Британците.

- Ако излезе Британија од ЕУ, сигурно ќе бидат склучени серија договори со земјите на Комонвелтот за да се намали дефицитот што би произлегол од тој потег. Македонија има тренд на зголемување на трговската соработка со Британија, според податоците со кои располагам, Британија е трет трговски партнер, нашето вино исто така тука се увезува доста. Имаме и договор за слободна трговија со ЕУ, па сигурно и ние ќе треба да потпишуваме договори за соработка ако земјата ја напушти ЕУ, освен ако не добијат статус на ЕФТА - изјави Донев.

За универзитетскиот професор Стојан Славески, брегзит за Македонија ќе значи помало влијание на ЕУ врз состојбите во нашата држава, а со тоа ќе се намалат и шансите за брзо решавање на нашата политичка криза. Како што вели тој, процесот на проширување на ЕУ, кој и така е ставен на спореден колосек, нема да се откочи сѐ додека Унијата не ги реши внатрешните проблеми, а со тоа ќе има простор за поголемо вклучување на други светски и регионални играчи што се заинтересирани за регионот, како што се Русија, Турција или Кина. Бесперспективноста во државата ќе се зголеми зашто евроинтеграцијата на државата е една од ретките цели околу кои се обединети различните етнички групи во земјата. Во иднина сѐ повеќе млади ќе сакаат да ја напуштат државата, во Европа ќе има уште една криза, а влијанието на ЕУ во Македонија ќе слабее, смета тој.

И српскиот новинар Бошко Јакшиќ вели дека од одлуката на Британците многу зависи и брзината на приближувањето на западнобалканските земји кон ЕУ. Како што посочува тој, дури и Британците да не одлучеа да излегуваат од ЕУ, таа ќе мораше да одговори како падна во криза што ги потресе нејзините темели и да најде одговори на растечкиот национализам, кој го раскинува единството.

- Проширувањето - и онака одложено до 2020 година - нема да биде приоритет. Унијата во наредните години ќе се занимава само со себе, а прашањето за проширување ќе биде потиснато во трет, четврти план - оценува Јакшиќ.
Коментари
Нема коментари.
 
Архива