портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Празникот на победата на доброто над злото
мај 2016
Олег
Шчербак
На 9 мај во Русија на големо ќе се слави Денот на победата над нацифашистичка Германија, свет, вистински народен празник, кој му е многу драг на секое руско семејство. Лани целиот свет беше сведок на грандиозните свечености што се одржаа во Руската Федерација по повод 70-годишнината од големата победа.



Челниците на ОН, УНЕСКО, други меѓународни организации, шефови на над 20 држави, вклучувајќи го и претседателот на Република Македонија, дојдоа во Москва да учествуваат на тие свечености. Овој гест на шефот на една пријателска за нас земја е сосема разбирлив. Антифашистичката борба, во која учествуваа околу 100 илјади Македонци, заврши со истерување на окупаторите и со создавање на првата македонска држава во современата историја. И денес благодарна Македонија се сеќава на своите херои: на 9 Мај во Скопје и во други градови се одржуваат комеморативни настани посветени на борците што загинаа за слобода на својата земја. Ние, Русите, исто така длабоко го почитуваме нивниот подвиг. Секоја година на 9 Мај Амбасадата на Русија во Република Македонија организира полагање цвеќе пред споменикот на партизаните, загинати во кањонот Матка во борбите за ослободување на Скопје.

Ние добро ја знаеме цената на големата победа. Војната против Хитлеровата Германија и нејзините сојузници, која нашиот народ точно ја нарече Голема татковинска, им одзеде животи на 27 милиони граѓани на СССР (речиси половина од вкупниот број на жртвите во Втората светска војна), од кои две третини беа цивилно население: измачени во нацистичките логори на смртта и на окупираните територии, умрени од глад, студ, епидемии и бомбардирања. Сеќавајќи се на реки крв и солзи пролеани од нашите дедовци, татковци и мајки во тие сурови години, ние исто така им оддаваме почит на сите земји и народи што рамо до рамо се бореа заедно со нас во антихитлеровата коалиција. Втората светска војна беше пример како земји со различен политички систем, култура и традиција успеаја да надминат несогласувања, да се сплотат во борбата со страшен заеднички непријател, фашизмот, за да се спаси светската цивилизација.

Сега овој пример е актуелен како никогаш - во борбата против тероризмот, против неговата варварска идеологија, но и против други глобални предизвици, меѓународната заедница, како и пред 70 години, има потреба од обединување сили на сите земји и народи. Историјата нè учи дека само со здружување заради заедничка благородна цел, само врз основа на рамноправна соработка и заемно почитување на интересите можат да се надминат таквите закани.

За жал, на Запад сега се прават обиди оваа главна лекција на Втората светска војна да се игнорира. Таму во функција на политичката конјунктура грубо се извртуваат причините и суштината на таа страшна трагедија, која им ги одзеде животите на околу 60 милиони луѓе. Какви и да се мотивите на авторите и пропагаторите на тие неодговорни измислувања, очигледно е дека за своја цел тие имаат ревизија на вистинската природа на Втората светска војна, а тоа е борба на сите цивилизирани земји против апсолутното зло во лице на Хитлер, неговите помагачи и сателити што ги почнаа најкрвавата војна и најголемиот геноцид во светската историја.

Ревизијата на историјата на Втората светска војна, желбата за оправдување на нацистите и нивните помагачи во некои места веќе дава горчливи плодови. Во Украина во последните две години С. Бандера, Р. Шухевич и други Хитлерови злосторници од Организацијата на украинските националисти, кои ѕверски убија стотици илјади цивили - Полјаци, Евреи, Руси, Украинци - се прогласени за национални херои. Денес во составот на Националната гарда на Украина дивеат нивните идеолошки наследници - казнените баталјони „Азов“, „Ајдар“ и други познати по своите тешки воени злосторства против населението на Доњецк и Луганск, по палењето невооружени антифашисти во Одеса на 2 мај 2014 година. Тажна ситуација имаме исто така и во Летонија, Естонија и Литванија, каде што џелатите од единиците на СС го уживаат статусот на „борци за слободата“, додека ветераните-антифашисти кривично се гонат. Колку и да е тажно, факт е дека во Европа, која го преживеа ужасот на нацистичката окупација, сега поради порастот на примитивен национализам се зајакнува антисемитизмот, неонацисти ја креваат главата. Во овој контекст треба да се спомне и уште една неморална појава, „војна против споменици“, започната против советските воени меморијали и гробишта во низа земји од Источната Европа, особено во Полска. Всушност, станува збор за недостојна за една цивилизирана земја груба навреда на сеќавањето за над еден милион советски војници што ги дадоа своите животи за ослободување на Европа. Згора на тоа, тие навреди се остваруваат со одобрување од власта и на најгнасен и кукавички начин - со сквернавење на гробовите на загинатите, кои немаат можност да одговорат.

Нашиот долг пред сеќавањето за десетиците милиони жртви од Втората светска војна е да не дозволиме фашистичките злосторства да бидат заборавени, да го спречиме секој обид за рехабилитација на нацизмот и на други екстремистички идеологии во секоја нивна форма и пројава.

Секоја година Русија заедно со другите одговорни членки на меѓународната заедница активно ја поддржува резолуцијата бр 69/160 на Генералното собрание на ОН за осуда на таквите обиди. За жал, нашите западни партнери, пред сè САД и земјите-членки на ЕУ, гласаат против или воздржано за овој документ, што на одреден начин ги охрабрува современите екстремисти и неонацисти. Јасно е дека ваквиот став му противречи на принципот на демократијата, моралот и историската логика. Во тој контекст вреди да се потсетиме дека, доколку не беше победен нацизмот пред 71 година, денес никој немаше да има можност да дискутира за човекови права, за независност на медиумите и било кои слободи - сите ќе беа „изедначени“ во фашистичкото ропство, а многу народи едноставно ќе беа физички уништени во согласност со Хитлеровата „расна“ доктрина.

Сите ние што живееме денес мора да се сеќаваме кому му должиме за главното - правото на живот и слобода, а Европа конкретно - за историската шанса да почне со создавање интегриран простор што е заеднички за сите земји од континентот. Невозможно е да се оспори оваа длабока суштинска врска - без Денот на победата над фашизмот во мај 1945 година ќе го немаше ни сегашниот Ден на Европа.

Руската амбасада заедно со руската дијаспора и македонската јавност, по повод Денот на победата, традиционално ќе одржи низа настани. Централниот настан ќе биде концерт под мотото „За да се памти“, кој ќе се одржи вечерта на 8 мај на платото пред хотелот „Русија“. За време на концертот ќе се одржи премиера на спотот „Бесмртен полк“, посветен на нашите предци и најблиски што се бореле против фашизмот, на граѓаните на Русија, на Македонија и на другите земји. Со тоа Македонија ќе стане дел од интернационалната комеморативна акција во која учествуваат милиони луѓе во десетици земји низ целиот свет. Ги покануваме сите да дојдат на овој концерт. Добредојдени се сите што ја чувствуваат својата поврзаност со тој голем подвиг што пред 71 година го извршија слободољубивите народи.

(Авторот е амбасадор на Руската Федерација во Македонија)

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=5616919453&id=13&prilog=0&setIzdanie=23752

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива