портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Избирачки список: јавашлак, криминал или од сѐ по нешто?
март 2016

МВР, кое ги има сите податоци за матичната евиденција на граѓаните, најдобро може да утврди дали хаосот во избирачкиот список е резултат на негово неажурирање или на криминал, велат експерти.


Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) вчера едногласно го изгласаа упатството за теренска проверка на Избирачкиот список (ИС), но одлучија дека пријавите од граѓаните за неправилности во ИС нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството. Теренската проверка ќе ја реализираат обучени анкетари, партиите ќе имаат свои набљудувачи, а се очекува проверката да опфати и голем дел од нерегуларностите што ги пријавуваат граѓаните. Од досега пристигнатите пријави од граѓаните, правната служба обработила 683. Вкрстените проверки на базите на податоци се при крај, и наредната недела се очекува да се добијат првите резултати. Членовите на ДИК вчера не можеа да се усогласат по прашањето дали пријавите на сомнителни записи во ИС да се решаваат по службена должност или да се третираат како претставки од граѓани. Седницата ја прекинаа, но нивната работа продолжува.

Систем или хаос?

Прочистувањето на избирачкиот список не е нова обврска на ДИК. Преку нејзините подрачни одделенија кои во 2011 година ги презема од Министерството за правда, ДИК е задолжена да го врши секојдневното ажурирање и водење на ИС. Дали го правела тоа? Откако Комисијата објави веб-апликација за проверка на списокот, не стивнуваат откритијата на граѓаните за дополнителни гласачи во нивните домови, за непостоечки згради, гласачи на адреси на амбасади, училишта, државни институции... Дел од идентификуваните спорни записи коинцидираат со она што го изјави обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, образложувајќи ги предистражните дејства за предметот „Титаник“.

„Со незаконско издавање лични карти во Избирачкиот список биле вметнати лица кои по ниедна основа не смеееле да бидат таму. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар. Се разбира, и во Избирачкиот список се таму, и гласале. Потоа се определени 15.000 нови матични броеви. Да не стане забуна, не се работи за новороденчиња. Изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој не знае зошто стојат во МВР. Имаме и 60.000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет“, рече Фетаи.

Има ли криминален систем во тој хаос или тој е резултат само на пропустите во чистењето и ажурирањето на списокот? Одговорот треба да го даде ДИК, но и МВР, каде се води главната и референтна база на податоци за матичната евиденција на граѓаните, велат експертите. Обид за прочистување на ИС имаше во 2010 година, но не е познат неговиот епилог. Резултатот не го знае ни тогашниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, бидејќи во меѓувреме си поднесе оставка.

„Списокот отсекогаш бил тема на спорење на партиите во зависност кој е на власт, кој во опозиција. Но, постапката на темелно прочистување, за жал, почна непосредно пред овие предвремени избори. ДИК во 2010 година спроведе таква постапка, но преку Секретаријатот за европски прашања, со оглед дека за списокот сѐ уште беше надлежно Министерството за правда. Притоа утврди околу 20.000 неправилно запишани избирачи по разни основи. Бидејќи јас во тој период (февруари 2011 година) поднесов оставка, не знам дали тој процес продолжи ли не, и дали тие лица беа отстранети од списокот. Ако не биле, сега ќе се отстранат“, вели Новаковски.

Според него, по добиените податоци од вкрстената проверка, ДИК треба да објави кои се аномалиите во ИС, за покрупните аномалии да изврши теренска проверка, а клучно е да соопшти колку лица имаат право на глас. МВР по службена должност треба да спроведе детална проверка за информациите кои циркулираат во јавноста, дека има лица без регуларно жителство а кои имаат државјанство и се наоѓаат на списокот, или имаат нерегуларно издадени лични карти со адреси на кои немаат живеалиште. Истото МВР треба да го стори и во однос на евентуално издадени лични карти надвор од процедура или за запишани лица со матични броеви кои се креирани.

„МВР не само што веднаш треба да преземе мерки и верувам дека презема, туку тоа е веќе работа за истрага и пред овие избори некој мора да каже дали тоа е точно или не. Какви било манипулации со издавање на лични документи и со запишувања во Избирачкиот список мора веднаш да бидат истражени. Овие постапки се од итна природа“, потенцира Новаковски.

Кој е виновен?

Недостигот од проверени и потврдени сознанија за што точно станува збор, ги вжешти меѓупартиските пресметки за Избирачкиот список. На телефонската линија што ја отвори СДСМ, само во текот на првиот ден, како што соопшти партијата, биле пријавени 750 фантомски гласачи на домашни адреси на граѓани, 47 непостоечки станови, 14 непостоечки влезови, 112 иселени граѓани и гласачи запишани на адреси на државни институции и деловни простории.

„Огромниот број лица запишани на иста адреса и фантомските гласачи го потврдуваат она што СДСМ го говори цело време: дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ спроведувале криминални избори. Хаосот во избирачкиот список, со којшто јавноста секојдневно се запознава, е резултат на криминална политика што години по ред го крадела правото на слободен глас на граѓаните“, обвини СДСМ.

Партискиот лидер Зоран Заев им се заблагодари на граѓаните кои пријавуваат нерегуларности и изрази надеж дека ДИК ќе има доволно време да го прочисти списокот и да обезбеди фер избори.

„Очекуваме Државната изборна комисија овој викенд да ги соопшти податоците од споредбата на базите. Според нашите информации, очекуваме повеќе од 100.000 сомнителни или таканаречени неконзистентни податоци, кои сами по себе покажуваат дека оваа власт не само што ги крадела парите на граѓаните, туку им ги крадела и гласовите. Ги направила безвредни“, изјави Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, смета дека зад ваквите обвинувања се крие друга мотивација.

„Тие глумат како се подготвуваат за избори, а од друга страна, се обидуваат да создадат привид дека има некаков хаос во избирачкиот список. Тоа го прават со една единствена цел: кога ќе дојде време за распуштање на Парламентот и поднесувањето на листите на пратеници, да не излезат на избори или ако излезат - по изборите да прогласат дека се било нерегуларно и дека не ги признаваат“, истакна Груевски.

Тој потенцираше дека гласачи на избори се сите лица кои имаат државјанство на Република Македонија, а не оние кои живеат на онаа или оваа адреса.

„Гласаат луѓето, а не адресите. (...) Овој гласачки список со адресите во него е истиот во последните 20, 30 или повеќе години. Отсекогаш во Македонија имало лица кои ги менувале адресите, а не ги пријавувале и тоа не е кривично дело, туку прекршочно. Но, во овој случај тоа се злоупотребува од страна на СДСМ. Кривично би било ако едно лице гласа на две места. Во овој случај немаме таква ситуација, туку само дека некој граѓанин се преселил од едно на друго место, а не ја пријавил адресата во МВР“, рече Груевски.

Враќање на довербата

По ваквите обвинувања, според Новаковски, тешко ќе се стекне доверба во избирачкиот список, без разлика на напорите кои ќе се вложат.

„Премиерот за спроведување на изборите по средбата на ДИК дава оптимистичка изјава и тоа дека списокот е во ред, но институцијата која е единствено надлежна за него, не дава никаква изјава. Тоа ја зголемува конфузијата и недовербата“, вели овој поранешен претседател на ДИК и сугерира што треба да се направи за да се дојде до ИС кој би бил влеал доверба за кредибилни избори.

Откако ДИК ќе изврши контрола на квалитетот на ИС, во втората фаза треба да провери неколку работи: дали тој ги вклучува сите избирачи; дали ги исклучува неподобните избирачи; дали содржи точни, најнови информации за распределба на избирачите на лесно достапни места за гласање; дали е достапен за сите кои сакаат да се запишат и да ажурираат податоци и да ја проверат содржината на списокот; дали ја поддржува заштитата на податоците и мерките против измама, и дали влева доверба кај јавноста за квалитет.

„Се надевам дека институциите ќе се надминат себе си во овој момент, ќе соберат храброст и ќе излезат од теснопартиските интереси и ќе придонесат за добивање една соодветна, релевантна иформација за списокот. А тоа ќе се случи ако ДИК, МВР и премиерот за спроведување на изборите, излезат со заеднички став за состојбата со Избирачкиот список. Во спротивно, ако ДИК се надгласува како вчера, и има простор се поголеми за шпеклуации, довербата тешко ќе се врати. На крај, без разлика кој се е инволвиран во овие активности, (домашни, странски експерти и цела Влада), колку што е тоа добро, толку ја ставија ДИК во подредена позиција. Затоа ДИК треба јасно да стави до знаење дека тие се надлежни за спроведување на изборите“, сугерира Новаковски.

Во Ивештајот на експертскиот тим на ЕК, предводен од Рајнхард Прибе, до ДИК се адресирани повеќе препораки, во кои се потенцира нејзиното значење и мандат.

„Државната изборна комисија игра централна улога во надгледувањето/контролата на изборите. Секое вмешување во работата на ДИК е неприфатливо (...) Тајмингот на нерегуларностите или тајмингот на нивното објавување, не треба да претставува пречка за ефикасна истрага од страна на ДИК. Комисијата треба проактивно да ги употребува своите широки овластувања и да презема иницијативи, согласно со мандатот. Не смее да си забрани оценување на минатите избори, како што неодамна беше кажано со едноставниот аргумент, дека избирачкиот процес е затворен“, се вели во препораките.

Автор: Катерина Блажевска

http://www.dw.com/mk/%D0%B8%D0%B7%D0%B1%D0%B8%D1%80%D0%B0%D1%87%D0%BA%D0%B8-%D1%81%D0%BF%D0%B8%D1%81%D0%BE%D0%BA-%D1%98%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D1%88%D0%BB%D0%B0%D0%BA-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B0%D0%BB-%D0%B8%D0%BB%D0%B8-%D0%BE%D0%B4-%D1%81%D1%90-%D0%BF%D0%BE-%D0%BD%D0%B5%D1%88%D1%82%D0%BE/a-19110336
Коментари
Нема коментари.
 
Архива