портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Кој се плаши од избори?
ноември 2012
Гордан
Георгиев
Не е прашањето зошто опозицијата бара минимум фер услови за игра, туку кои се намерите на власта која е спремна категорично да го одбие ова барање?


Со фрлената ракавица од страна на СДСМ за предвремени парламентарни избори, во провладините медиуми се отвори темата „Кој и зошто се плаши од избори“? Преку неколку аргументи и кратка анализа ќе се обидам да објаснам зошто на Република Македонија и' се потребни предвремени парламентарни избори и зошто власта не сака и/или се плаши да оди на такви избори.

Најпрво, да ја расчистиме дилемата дали барањето за предвремени избори е каприц на опозицијата. Одговорна опозиција, која претендира да дојде на власт, во една крајно недемократска атмосфера во државата, има обврска пред граѓаните да побара легитимитет за да ги промени катастрофалните состојби во државата. Прашањето за предвремени избори логично се наметнува во ситуација кога овој модел на владеење на ДПМНЕ и ДУИ не е во состојба да испорача решенија по сите клучни прашања за иднината на граѓаните. Напротив, оваа коалиција од јуни 2011, па до денес, упорно создава нови и нови проблеми. Последната меѓукоалициска блокада околу законот за бранители е само логично крешчендо на аутистичките политики кои ги води актуелната власт. Тиквата е пукната и како по обичај сета негативна енергија ќе се стрмоглави врз грбот на два милиона граѓани на Република Македонија. Кој разумен човек денес би можел да тврди, после седум години владеење, дека ДПМНЕ може да ни ја подобри економската состојба, да ја намали сиромаштијата, да ги откочи евроатланските интеграции или да ги подобри влошените меѓуетнички односи? Власта е издишан балон, кој веќе не се ни труди да нуди решенија за излез од проблемите, туку само создава нови проблеми и измислува теми (посвојување на деца од хомосексуални бракови, наталитет итн.) за да го сврти вниманието. Немањето излез од ваквата позиционираност во владејачката коалиција не' носи до најлогичниот заклучок: овој гордиев јазол мора да се реши на предвремени парламентарни избори.

Доаѓаме до втората, измислена теза, дека опозицијата се плаши од избори. Најпрво, здравиот разум кажува дека нема поголем апсурд од тоа опозицијата да бара избори истовремено плашејќи се да не ги добие. Самиот факт што кумот на Груевски, на привремена работа како министер за финансии, мораше да се истопори на говорница и да го одбие повикот за избори говори многу и за психологијата на премиерот. Имено, Груевски бега од лоши теми за него, не сака јавно да ги каже аргументите зошто е тој против предвремени избори. А еве ги аргументите кои и тие (ДПМНЕ) и ние (СДСМ) многу добро ги знаеме и секојдневно ги анализираме во нашите штабови.

Ако ја земеме последната анкета на ИПИС (основачот на ИПИС, Божиновски, е нескриен и прононсиран поддржувач на ДПМНЕ) таа, и покрај сите местења и „корекција“ на резултатите, покажува дека во моментов ДПМНЕ наспроти СДСМ има предност од 1,3 наспрема 1. Се мачеле, се мачеле луѓето од ИПИС и не можеле никако да извадат подобар резултат за ДПМНЕ. Ако се сеќавате, најлошата „реална“ анкета што ја правеше Груевски пред изборите во јуни 2011 година, покажуваше резултат од 2 спрема 1 за ДПМНЕ. Резултатот на изборите покажа дека имало најмалку 100 илјади „прикриени“ гласачи за опозицијата кои на крајот на денот направија резултат 1,2 наспроти 1 за ДПМНЕ. „Скриениот“ гласач е нормална појава во секоја недемократска држава, а во ситуација кога денес резултатите од анкетите претставени како опозициски блок (Сојуз за иднината) наспроти коалицијата предводена од ДПМНЕ покажуваат пата-пата рејтинг, многу е логичен стравот на власта од пораз на изборите.

Вториот аспект кој го покажува стравот на власт од пораз на изборите е целиот овој театар околу изборниот законик и избирачкиот список. СДСМ има многу едноставно барање: да се имплементираат само препораките од ОБСЕ кои беа содржани во извештајот од минатите парламентарни избори. Тие препораки овозможуваат минимум (повторувам: минимум) услови за фер и слободни избори. ДПМНЕ не сака да прифати ниту една од овие забелешки и со тоа паѓа во опасен преседан: изборниот законик да не биде донесен со консензус. Ние сме потполно свесни дека ниту на следните избори (локални или парламентарни сеедно) нема да има амбиент на фер пристап. Следните избори, на пет месеци пред нивното одржување, веќе не се фер. Власта уште од сега подготвува пакети „мерки“ за социјални бенефиции и условување на гласачите во месец март. Со скандалот во Ресен, власта ни покажува дека нема да се воздржи и од изборен фалсификат и со вметнување на до вчера непостоечки гласачи (во случајов од Мала Преспа). Фер предизборен амбиент не може да има во Македонија во ситуација кога власта ги држи под директна контрола сите значајни медиуми. И сето тоа нам ни е јасно.



Извадокот е превземен од:

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=B077605EA3E0C24AAB76A01C592044CC


Коментари
Нема коментари.
 
Архива