портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Спасувањето на Асад, воздигнувањето на Путин
октомври 2015
Бошко
Јакшиќ
Идејата на рускиот претседател Владимир Путин е врз политичкиот пејзаж на Сирија да исцрта јасна демаркациска линија. На едната страна се легитимниот режим во Дамаск и сите што ќе му се придружат, на другата се „терористи“.



Краткото траење на руската воена интервенција во Сирија е сосема доволно за да се заклучи оти Москва по секоја цена има намера да го штити режимот во Дамаск од неговите противници, но и да ја искористи можноста за да го утврди статусот на светската сила со единственото упориште на Блискиот Исток.

Западот е изненаден зашто повторно ја потценил одлучноста на Русија да го одбрани режимот што е во центарот на геостратегиските и геополитичките интереси на Москва во блискоисточниот театар на операции во кој може да се бори и против радикалните исламисти чија вахабистичка и салафистичка идеологија сериозно ѝ се заканува на Русија.  Воздушните удари нема да ги уништат џихадистите на Исламската држава чиј самопрогласен калифат контролира повеќе од половина сириска територија, што е номинален повод за акцијата на Кремљ, но ќе го смени текот на војната во Сирија, во полза на претседателот Башар ал Асад.  Овие шпекулации ги потврдува и распоредот на руските цели, кои се концентрирани на просторите во кои силите на Асад ги загубија упориштата. Станува збор за стратегискиот коридор што се протега од Дамаск кон средоземните пристаништа Латакија и Тартус, штабот на сегашните руски операции и област главно населена со алавити, шиитска секта на која ѝ припаѓаат семејството Асад и поголемиот дел од владејачката сириска елита.  Додека Вашингтон проценува дека 90 отсто од руските напади не се насочени кон исламистите, според руската доктрина, сите што се борат против легитимниот режим во Дамаск се „терористи“, без оглед дали ја имаат поддршката од САД, Турција, Саудиска Арабија, Катар или од Јордан.  Москва затоа и не се труди многу да го скрие фактот оти сите тие се руска цел, но ги потврдува нападите врз позициите на Исламската држава, нивните командни центри и магацини со муниција.  Путин постапува обмислено. Москва во Сирија испрати авиони, хеликоптери, танкови и засилен баталјон морнаричка пешадија за да го спаси режимот во Дамаск, кој во изминативе месеци доживеа пораз на повеќе фронтови и кој контролира само 25 отсто од сириската територија.  Сириската армија, која се соочува со постојаниот недостиг од регрути, е под засилен притисок од сите четири страни. Прво, тука е Исламската држава, најопасната од сите групации, која оперира во северните, централните и во источните делови од земјата.  Создадена е и нова бунтовничка коалиција позната како Освојувачката армија, која има силна поддршка од Турција, Катар и од Саудиска Арабија. Со оваа коалиција се бори и Фронтот Ал нусра, кој е близок до Ал каеда, чии позиции Русите ги бомбардираат поради процена дека моментално за Асад тие се поопасни од Исламската држава.  Исламистите и салафистите имаат уште една коалиција, Исламското движење на слободните луѓе на Левантот. Конечно, тука е и Јужниот фронт на умерените бунтовници, кои имаат поддршка од САД и од Јордан.  Руската интервенција несомнено ќе влијае врз текот на воените операции по речиси четири години војување во текот на кои ниту режимските сили ниту разните бунтовнички групи не успеваат во воената смисла да го нарушат статус квото во конфликтот во кој загинаа 250.000 луѓе и кој ја предизвика бегалската трагедија од библиски размери.  Големата офанзива на владините сили што имаат руска воздушна поддршка потврдува дека воената среќа би можела да се сврти против противниците на Асад.  Краткорочно, Русите како прво сакаат да ја елиминираат заканата за режимот и за сириската армија. Анализа на досегашната руска кампања укажува дека непосредно треба да се очекува интензивирање на борбите во провинцијата Идлиб и околу градовите Алепо, Хомс и Хама, каде што армијата на Асад сака да ги поврати загубените позиции. Руските бомби и ракети би требало да придонесат кон тоа.  Среднорочно, проектираната цел е да се добие на време за режимот на Асад да може да ги консолидира позициите што сака да ги поврати. Со тоа би се ослабила воената и политичката позиција на бунтовниците и би се создала ситуација во која Исламската армија или Фронтот Ал нусра би била единствената алтернатива на Асад, што понатаму ги легитимира силите на режимот како дел од коалицијата против Исламската држава.  Идејата на рускиот претседател Владимир Путин е врз политичкиот пејзаж на Сирија да исцрта јасна демаркациска линија. На едната страна се легитимниот режим во Дамаск и сите што ќе му се придружат, на другата се „терористи“, сите што се борат против Асад. Бунтовниците ја одбиваат идејата, а нивниот негативен став долгорочно ѝ одговара на Москва, која се претставува како лидер во борбата против терористите, како разумна сила што поставува приоритети: прво исламистите, потоа ќе се види што со Асад, кој без сомнение е помалото зло.  Американците, изненадени од првата офанзивна акција на Москва надвор од границите на Русија уште од времето на распадот на СССР, од почетокот му приговараат на Путин дека неговата цел е да го заштити Асадовиот режим, а не да ја уништи Исламската држава.  Претседателот Барак Обама вели: „Путин мораше да тргне на Сирија не поради силата, туку поради слабоста зашто неговиот клиент, Асад, пропаѓа“. Американскиот секретар за одбрана Ештон Картер предвидува дека Русите наскоро не ќе можат да одбегнат и жртви на сопствената кампања, која се интензивира.  Отворената руска помош на Асад го исфрлува на површина прашањето: што направил Западот во текот на сите овие години за да им помогне на своите миленици во Сирија. Многу зборови, речиси ништо конкретно. Ништо суштински ниту сега не е сменето.  Затоа не треба да зачудува тоа што по интервенцијата рускиот претседател во Ирак го слават како „Путин шиит“. Така шефот на Кремљ успева да се позиционира и како заштитник на малцинствата во регионот.

Исламската држава ги доведе секташките поделби до ниво какво што не е забележано во историјата на современиот Блиски Исток. Големиот број христијани, шиити, исмаилити, алавити, Језиди и Друзи, во голема мера, ја загубија вербата во решителноста на Западот да ги заштити.  Путин го користи просторот што Западот му го остави. Русија доби шанса да го преобликува регионалниот поредок на нештата, кој не мора да биде создаван само според западниот или сунитскиот модел. Кога го штити Асад, Путин ја штити и својата стратегија за создавање нови сфери на руското влијание на Блискиот Исток. Утврдувајќи ги позициите во Сирија, Русија на голема врата се враќа на Блискиот Исток. Путин за Запад е дел од проблемот, но несомнено се наметна и како дел од решението за сириската криза. Западот не ќе може да го игнорира. Со или без Асад, Запад ќе мора да ја контактира Москва за какво било решение за сирискиот конфликт. Токму тоа е она што Владимир Путин го сакаше.      

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=101315934182&id=13&prilog=0&setIzdanie=23588
Коментари
Нема коментари.
 
Архива