портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Прулер: На Балканот најтешко се слуша гласот на малиот човек
септември 2015

Како прв човек на фондацијата „Ерсте“, Франц Карл Прулер го водеше граѓанскиот форум во рамките на виенскиот самит ЕУ-Западен Балкан, на кој им даде можност на граѓанските организации директно да се соочат и со регионалните и со европските политичари, за лице в лице да дебатираат за перспективите на државите, но пред сѐ на луѓето во нив.


Како го гледате Балканот, дали им се обрнува внимание на вистинските прашања или приоритет им се дава на теми што не се суштински?

- Не мислам дека погрешните прашања добиваат приоритет, но секогаш може подобро. Напредокот што се случи во изминативе години е многу голем и тоа го видовме и од фактот дека албанскиот и српскиот премиер, Еди Рама и Александар Вучиќ, заедно учествуваа на форумот и никој не правеше голем настан од тоа. Има конкретни напори да се зближат луѓето, особено младите, но клучно е да се обезбеди економски развој.

Ако треба да го издвоите најголемиот проблем на Западниот Балкан, кој би бил?

- Тешко е да се каже. Слободата на медиумите е дефинитивно проблем, а таа е основа за едно отворено, либерално и напредно општество. Корупцијата е исто така сѐ уште присутна, но слушнавме коментари од Албанија дека треба да се следи примерот на Романија како го решава тој проблем. Ова е многу важно, државите од регионот да учат едни од други и да се уверат дека напредокот е можен и е подобро од нешто што Европската Унија би го направила на тоа поле.

Колку е тешко граѓанскиот глас да се слушне на Балканот, низ бучавата на многуте политички, етнички, верски и други гласови?

- Сѐ уште е тешко да се слушне, бидејќи има многу случувања околу политичкото позиционирање, етничките или економските прашања, па гласот на малиот човек има тешкотии да се пробие. Неговите грижи не предизвикуваат голем интерес, ниту кај медиумите. Но ова не е феномен карактеристичен само за Балканот, бидејќи има и други земји во Европа каде што луѓето ги затвораат очите и ушите за тешкотиите на другите, сметајќи дека имаат доволно свои проблеми.

Но многумина на Балканот сметаат дека не постои вистинско граѓанско општество и дека тоа е секаде потиснато од групните идентитети.

- Не постои држава што се заснова само на граѓанското општество, но тоа не треба ни да биде случај. Потребна е владејачка политичка структура, како и економска структура ориентирана кон профитот, и граѓанско општество каде што луѓето слободно ќе се поврзуваат, но и ќе работат на зајакнување на позитивните трендови кај власта и кај економијата, или на борба против негативните ефекти, како коректив.

Колку вредат вашите програми на Балканот и мислите ли дека регионот добива доволно помош за да се развива?

- Тоа што фондацијата „Ерсте“ го дава е многу малку во споредба со она што можат да го дадат или го даваат владите или ЕУ. Ние имаме годишен буџет од 7 до 7,5 милиони евра за сите држави каде што работиме, и тоа е толку мала сума што дури и некоја влада од регионот може да си ја дозволи за општествени или за културни проекти. Ние се обидуваме со овие пари да поттикнеме критично граѓанство и да отвориме критични прашања. Дали балканските држави добиваат доволно помош, тешко ми е да проценам. Гледаме дека добиваат и можат да добијат и повеќе, но веројатно во моментов тоа не е доволно.

Обединета Европа е една од идеите во кои верува фондацијата. Што мислите за евроскептицизмот? Дали е тој повеќе реакција на актуелната состојба во ЕУ или на целата идеја на обединета Европа?

- Многу повеќе е реакција на сегашната состојба. Европа поминува низ тешки економски времиња. Лесно е да се поддржува нешто додека функционира добро, но кога има проблеми е различно. Во тешките времиња треба да видиме што навистина се случува и затоа и овде е клучно критичното граѓанско општество, прво да обезбеди вистински информации за граѓаните и самите да можат да изведат свои ставови за состојбите, но и да даде перспективи, како тие би се развивале во иднина, како граѓаните да се заинтересираат и да создадат емотивна врска со големата Европа. Има многу работа, но не мислам дека е загрозена основната европска идеја.

Автор: Гоце Трпковски / goce.t@novamakedonija.com.mk      

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=91015838556&id=9&prilog=0&setIzdanie=23561

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива