портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
За кого работи времето - за Груевски или за Заев?
јуни 2015

Нема изненадувања во домашната јавност по вчерашниот неуспех на разговорите во Брисел. Груевски се обиде да го обезбеди својот спас, Заев кредибилитетот на опозицијата, велат аналитичари.



Дојдоа, се видоа и не се договорија. Со неуспех и уште подистанцирани позиции меѓу политичките опоненти, завршија 12-часовните разговори на македонската лидерска четворка под медијаторство на комесарот Јоханес Хан во Брисел. Разговорите, според партиски извори, поминале во „исцрпувачка и тензична атмосфера, со намера до крајот на денот по секоја цена да се постигне некаков договор“. Но, без успех. Во македонската јавност, која до доцна во ноќта ги чекаше информциите за епилогот од средбата, нема големо изненадување од „резултатот“. Заради целосна дискреција на разговорите одржани зад затворени врати, уште во текот на вчерашното попладне кружеа многу шпекулации, но сите без исклучок навестуваа дека лидерите се далеку од решение. И повеќе регионални телевизии, повикувајќи се на дипломатски извори, известија дека се топи оптимизмот со кој комесарот Хан го започнал денот.

Нема изненадување

Домашните аналитичари и политичари, не се изненадени од неуспехот во разговорите. Дел чекаат подетални информации за да го оценат вчерашниот учинок од средбата, други сметаат дека разговорите ќе мора да продолжат и нема да бидат ни кратки, ни лесни. Ермира Мехмети, пратеничка од владејачката ДУИ, смета дека воопшто не е лесно да се преговара со Груевски.

„Ова е прв пат Груевски да седне на маса и да преговара со неистомисленици околу прашања за кои тој, длабоко сум убедена, се уште цврсто верува дека му припаѓаат ексклузивно нему. Тој настапува од позиција на посилниот и тој факт секогаш досега му давал чувство на супериорност и немање потреба од каков било дијалог или пак, не дај Боже, договор со било кој друг. Не е лесно, ниту пак едноставно да преговарате со таков лидер“, вели Мехмети. Таа разговорите ги гледа низ призмата на потреба од длабоки системски промени.

„Преговорите во Брисел имаат за цел да го стават процесот на изнаоѓање решение за кризата во некаков систем на договорена транзиција, по теркот на договорените транзиции кон плурализам кои настанаа во Југоисточна Европа по падот на Берлинскиот ѕид. Целта на тие договарани транзиции своевремено беше да не дозволат насилство и улични судири, туку преку дијалог меѓу политичките лидери да се изгради рамката за пад на едниот систем и воспоставување на новиот“, укажува пратеничката на ДУИ.

Но, во однос на мандатот на евентуална преодна влада, Мехмети нема големи очекувања.

„Јас не мислам дека преодната влада може или треба да има мандат да ги реши сите проблеми поврзани со демократскиот дефицит предизвикани од владеењето на Груевски - медиуми, судство, НВО сектор, итн. Напротив, мислам дека преодната влада треба да има лимитиран мандат да организира и спроведе фер избори и да обезбеди мирна транзиција на власта по изборите следната година“, вели Мехмети.

Од епилогот на бриселска рунда, не е изненаден професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

„Ова е сосема очекувано, имајќи предвид дека Груевски во целиот изминат период инсистира и работи за сопствениот спас. Тој бара да добие во време, затоа што времето му дава можност да ги зачува монополските позиции кои му помагаат и да ја добие и да ја зачува власта. Што подолго остане на власт до терминот за избори, тоа му гарантира дека под контрола ќе ги има механизмите што и досега ги употребуваше за добивање избори. Но, и покрај тоа што Груевски се бори да добие време, реално, времето работи за Заев. Лидерот на СДСМ може да чека, бидејќи негов приоритет се системски промени кои ќе доведат до услови за фер избори. Тоа е принципиелен став и Заев и не може поинаку да се однесува, бидејќи во него е заложен целиот кредибилитет на здружената опозиција, но и очекувањата на граѓаните кои бараат темелни системски промени“, вели Ружин. Според него, периодот во кој некоја идна техничка, преодна или експертска влада ќе ги организира изборите но без Груевски во неа, не смее да има мандат пократок од 9 месеци или една година, бидејќи тоа е минимум период потребен за да се елиминираат изворите и механизмите на изборни нерегуларности.

Груевски: Заев не сака договор!

Што ги закочи преговорите? Според информациите од Брисел, Груевски прифатил формирање преодна влада, но три месеци пред парламентарните избори кои беа условно договорени за април 2016, а дотогаш тој да остане на чело на Владата. Заев пак барал заминувањето на Груевски од функцијата да се случи многу порано, бидејќи е потребен подолг период за да се направат потребните промени во земјата и да се создадат услови за одржување фер избори. Лидерот на СДСМ наводно бил под голем притисок од Хан да ја прифати варијантата за повлекување на Груевски три месеци пред изборите, но бил и под притисок од лидерите на ДУИ и на ДПА. За да помине овој предлог, Груевски, наводно го зголемил влогот и му понудил на Заев пет функционерски места: опозицијата да раководи со три клучни владини ресори - финансии, внатрешни работи и транспорт, ја понудил и претседателската функција во Собранието и копремиерско место. Лидерот на СДСМ одбил таква „трампа“, која на Груевски ќе му овозможи и натаму да остане на премиерската функција.

За неуспехот во вчерашните разговори, Груевски уште синоќа директно го обвини политичкиот опонент.

„Заев не дојде да се договори. Тој дојде за да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее фијаско и најтежок пораз на СДСМ во неговата историја. Тој сака да не се појави на избори и колку што може поголема штета да и направи на државата - да се запре отварањето на нови работни места, верувајќи дека во еден таков хаос што ќе го предизвика, тој и СДСМ ќе можат нешто политички да добијат. Не сака ни договор, ни избори, само правење економска штета на Македонија“, обвини Груевски.

Заев категорично ги отфрли ваквите обвинувања.

"Се надевам дека денес им стана малку повеќе јасно на нашите европски пријатели, кои вложија огромни напори и дека разбраа како да се вратиме во нормала. Да ги подготвиме изборите да бидат регуларни и фер и истовремено да ги вратиме во нормала институциите, бидејќи само така имаме шанси да напредуваме кон ЕУ и НАТО. Тоа со Груевски не е возможно. Не може човекот кој е главен во проблемот да биде и решение за проблемот. Избори со Груевски не можат да бидат фер. Оставаме шанса разговорите да продолжат. Тоа ги најави и комесарот Хан. Паралелно ќе има и други активности за да им докажаме на сите дека нашите барања се правични. Не се тоа суети на опозицијата. Тоа се гаранции за Македонија за да се создадат услови за фер избори и да се вратат корективите во опшеството“, рече Заев. Со соопштение до јавноста по полноќ се огласи СДСМ, информирајќи дека разговорите во Брисел завршија без договор за разврска на политичката криза.

„Не е задоволен условот за суштинското прашање околу отворањето преговори и организирање Влада што нема да ја предводи Никола Груевски. Неразумно и нелогично е креаторот на политичката криза, Никола Груевски, да остане да раководи со Владата што треба да организира и спроведе предвремени парламентарни избори. Груевски беше подготвен да даде `се и да направи `се, само да ја сочува својата фотелја. Претседателот Заев и делегацијата на СДСМ останаа доследни на принципиелната позиција што е став и на граѓаните на Република Македонија. Нема пазарење со слободата и демократските вредности што ги заслужуваат граѓаните на Македонија, како и нивните сограѓани од Европа. Никола Груевски мора да се повлече“, се вели во соопштението на СДСМ.

Разговорите ќе продолжат

Иако е најавено дека разговорите ќе продолжат, засега не е прецизирано ниту кога, а неизвесно е и дали ќе бидат во истиот формат и со истото медијаторство. Во писмена изјава дадена по средбата, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, наведе дека разговорите биле отворени и детални, но не довеле до конечен договор.

„Европската унија ги повикува сите страни во интерес на својата земја и нејзините граѓани да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, за дефинирање на веќе постигнатиот договор во Скопје на 2 јуни. Определбата за реформи содржани во него, на која се посветени сите партиски лидери мора да се спроведе како итно прашање. Ова е од суштинско значење за земјата да направи каков било напредок на патот кон евроатлантските интеграции. Европската комисија сега ќе разгледа како да придонесе најдобро за политичкиот процес во земјата и останува подготвена да ги олесни дискусиите“, се вели во изјавата од Коцијанчич.

И комесарот Хан, лично најави дека не се откажува од обидот да се дојде до решение.

„Сé уште нема конечен договор во разговорите за ПЈР Македонија - многу сум разочаран од недостигот на одговорност и лидерство од страна на некои. Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европската иднина. Ние нема да се откажеме!“, напиша Хан на својот Твитер профил по средбата со Груевски, Заев, Ахмети и Тачи.

Превземено од:

http://www.dw.de/%D0%B7%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D0%B3%D0%BE-%D1%80%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%82%D0%B8-%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%B7%D0%B0-%D0%B3%D1%80%D1%83%D0%B5%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B8%D0%BB%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D0%B7%D0%B0%D0%B5%D0%B2/a-18509555?maca=maz-TB_maz_dnevnik_KOPIE-4629-xml-mrss

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива