портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
И Македонија е дел од бегалската драма
мај 2015

Најмалку 27 лица во последнава година ги оставија своите животи на македонските пруги во обидот да го реализираат сонот за подобар и посигурен живот во западноевропските земји. Без глобално решение се заканува ескалација.


Трагичната судбина на група мигранти која настрада на железничката пруга кај Велес го вклучи алармот! Македонија како една од главните регионални рути е пред сериозен предизвик да се справи со напливот на бегалци од Африка и Блискиот исток. Проблемот добива загрижувачки димензии ако се земе предвид фактот дека бранот не запира туку се шири и тоа драматично. Експертите предупредуваат на сериозно делување за да се спречи ескалација на состојбата:

„Сите индикатори упатуваат дека процесот продолжува, не знаеме дали ќе има кулминација, можеби таа допрва претстои и сето ова говори за габаритот на опасностите што можат да следуваат. Македонија е во зенитот на континенталната рута, наједноставен пат кон западот и затоа не е чудно што огромен број мигранти ја користат како транзитна рута за да стигнат во западна Европа. Проблемот е уште посериозен ако се земе предвид фактот дека граничиме со земји членки на ЕУ кои знаеме дека преземаат сериозни мерки но очигледно дека тие стануваат недоволни. Ова е состојба која ќе предизвика дополнителна потреба за проверка на мерките, што и како да се менува, не само на национално ниво, туку глобално. Многу е тешко да се најде ефикасна мерка или механизам, Македонија и регионот стојат добро во делот на меѓународните правни норми, но за жал фактите зборуваат за една ситуација на недоволна солидарност или искрена соработка. Посебно со дел од земјите во околината каде некои политички бариери влијаат врз односите. Сериозни проблеми има и во делот на имплементацијата на мерките за кои најчесто се потребни значајни финансиски средства. Тоа исто така е сериозен проблем и многу често имплементацијата на тие мерки значи борба со ветерници. Сепак за ефикасно решение и справување со предизвикот потребен е политички, глобален план. Една или неколку држави сами не можат да најдат решение“, коментира за Дојче веле Трпе Стојановски директор на МАРРИ центарот-Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци.

Најголем дел од мигрантите според податоците на надлежните доаѓаат преку Грција. Речиси сите Македонија ја користат како транзитна рута кон Србија, Унгарија со крајна дестинација западна Европа. Многу мал дел од ние кои имаат финансиски средства користат услуги на локални луѓе кои заработуваат преку нивен нелегален транспорт и неретко паѓаат во рацете на полицијата која со чести контроли на патиштата се обидува да го сузбие овој криминал. Но сепак, искуствата покажуваат дека најголемиот дел се движат по железничката пруга како индикатор да стигнат од една до друга точка. Ваквата опција ги изложува на екстремна опасност што за жал го потврдува и статистиката. Ваквата состојба предизвикува сериозни проблеми во функционирањето на Македонски железници чии вработени, посебно кај машиновозачите кои честопати се сведоци на трагични инциденти:

„Вработените постојано реагираат, контактираме и со МВР, но верувајте дека тие не можат да се запрат. Подготвени се буквално на се`само за да преминат. Се качуваат во вагони со строго забранети и опасни материјали, контејнери, под вагони, ги кинат церадите и влегуваат во вагони што превезуваат руда, страшно! На граничните премини ги симнуваат, но џабе, масовно е. Очигледно е дека не помагаат ниту критичните точки кои ги обележавме со знаци за опасност, но очигледно дека не читаат. Истото го велат и колегите и на грчка страна кои ги наоѓаат секаде. Со идентични ако не и полоши проблеми се соочени и моите колеги во Србија со кои постојано контактираме“, вели за Дојче веле Никола Костов директор на Македонски железници АД Транспорт

Црниот биланс од синоќешната трагедија кај Велес е 14 загинати и неколкумина повредени. Сите загинати според информациите се од Сомалија. Нивни роднини се приведени на информативен разговор. Останатиот дел од групата која броела стотина се разбегале. Од МВР велат дека на терен работат интензивно. Досега се разбиени повеќе канали за криумчарење, но очигледно тоа е недоволно:

„Додека има криза во тие земји од каде што доаѓаат овие лица ќе бидеме изложени на овој проблем. Балканот е една од рутите преку која тие поминуваат, доаѓаат главно од Грција која исто така е под притисок, би ни помогнало доколку тие се поефикасни но факт е дека за ефикасно справување решение на проблемот не може да се дојде самостојно. Или Европа треба да го зголеми капацитетот да прима повеќе луѓе или од друга страна треба решение во нивните матични земји. Ќе повторам, проблемот е глобален и не може да се очекува да се најде ефикасно решение на локално ниво, ниту пак регионално“, изјави за Дојче веле Иво Котевски помошик министер за односи со јавност во МВР.

Мигрантите што се откриваат на патот низ Македонија завршуваат во транзитниот центар во Гази Баба каде се држат се додека не завршат судските процеси. Центарот е речиси преполн што дополнително укажува на сериозноста на проблемот.

Превземено од:

http://www.dw.de/%D0%B8-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B5-%D0%B4%D0%B5%D0%BB-%D0%BE%D0%B4-%D0%B1%D0%B5%D0%B3%D0%B0%D0%BB%D1%81%D0%BA%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B4%D1%80%D0%B0%D0%BC%D0%B0/a-18406515?maca=maz-TB_maz_utrinski-5917-xml-mrss

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива