портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Еј, Словени!
септември 2012
д-р Емил
Ниами
Фактот што на територијата на денешна Република Македонија живееле други народи, воопшто не значи дека современите Македонци можат да се идентификуваат со дел или со еден од нив, со оглед на тоа што со населувањето на Словените на овие простори е извршена делумна асимилација, со што исчезнува самосвеста за припадност кон некоја друга група.





Историјата отсекогаш предизвикувала интерес кај луѓето. Како што секое дете сака да знае кои се неговите родители и од каде е дојдено, така и возрасните луѓе трагаат низ историјата за да ги пронајдат своите корени и да се запознаат со историјата на својата земја и на својот народ.

Позната е констатацијата дека народ без историја е осуден на деградација, па во современиот свет народите сѐ повеќе се враќаат кон сопственото историско минато. Човекот не може да се откаже од своето минато, зашто во тој случај тој не би имал ниту иднина. Во современата човекова констелација Словените заземаат едно од најважните места... Но, кои се Словените?

Доколку започнеме да ја проучуваме светска историја и потеклото на народите, ќе забележиме дека сѐ до почетокот на нашата ера никаде нема да ги најдеме Словените. Ова се засновува на фактот што историјата на овој народ (или денес народи) ги има своите корени во најдалечната историја, во најдлабоката древност.

Доколку не се обрне внимание на потеклото и на историјата на Словените, на нивниот духовен развој, ќе бидат апсолутно неразбирливи меѓусебните односи на современите словенски народи, како и односите што тие ги имаат со останатиот дел од светот. Во својата долга историја, Европа постојано претрпувала некакви промени: соединувања, војни, преселби.

Токму овие процеси и метаморфози се клучни за настанувањето, постоењето и опстојувањето на една посебна група, која се нарекува Словени. Како одделен народ Словените за првпат се споменуваат во византиските писмени извори од средината на шестиот век. Ретроспективно овие извори ги споменуваат словенските племиња и во четвртиот век на нашата ера. Според историските факти, кои доаѓаат од писмените извори и од сознанијата на археологијата, Словените во периодот помеѓу VI и VII век живееле на територијата на Централна и Источна Европа, во потегот помеѓу реките Елба и Одра на запад, преку басенот на Висла, до Днестар и средниот тек на реката Дњепар на исток. Оттука, пак, тие го започнале своето раселување.

Ова јасно покажува дека Словените не биле староседелци на денешните територии, туку дека станува збор за миграциски процес кој се одвивал континуирано. Оваа теорија е наречена „дунавска‘‘ или „балканска‘‘ теорија, која до денешен ден е актуелна во историската наука, а е земена и како најприфатлива во славистиката.

Она што денес е најважно за словенските народи е фактот што станува збор за заедничко културно-историско множество на слични јазици и традиции, кои имаат ист, словенски, корен, а со кој се идентификуваат околу 350 милиони жители на планетава. Најзаслужни за задржувањето на словенските корени, кои во голема мера се засновуваат на јазичното заедништво, се, секако, Светите Кирил и Методиј, кои во деветтиот век започнале со својата мисија за христијанизација и описменување на Словените врз основа на сопствената кодификација на заедничкиот јазик, кој денес е познат под името старословенски.

Понатаму историјата ги пишува своите страници, како што се раселуваат и се оддалечуваат еден од друг, Словените започнуваат да се групираат во посебни, при што се јавуваат дистинкции на јазична и на културна основа, со расколот на црквата тие се поделени помеѓу католичката и православната црква, а со тоа започнува и културната самоидентификација на секој словенски народ одделно. Дали Македонците се Словени? Беспорно. Социологијата го објаснува терминот народ како група луѓе, кои се разликуваат според повеќе признаци – јазикот, културата, територијата, религијата, историското минато итн. Една од најважните карактеристики за еден народ е, секако, јазикот.

Македонскиот јазик е словенски и спаѓа во јужнословенската група јазици, источна подгрупа. Неговата основа, како и на другите словенски јазици, лежи во старословенскиот јазик.

Фактот што на територијата на денешна Република Македонија живееле други народи, воопшто не значи дека современите Македонци можат да се идентификуваат со дел или со еден од нив, со оглед на тоа што со населувањето на Словените на овие простори е извршена делумна асимилација, со што исчезнува самосвеста за припадност кон некоја друга група. Уште една мошне важна нитка е културата.

Македонската културна традиција е длабоко поврзана со словенската или, поточна кажано, таа е дел од словенската култура. Овој непобитен факт секојдневно можеме да го забележиме како во традиционалната уметност, така и во современите културни вредности, кои одат рака под рака со културите на останатит словенски народи. Во прилог на ова тврдење можно е да се наведат големо количество примери каде македонскиот народ се вклопува во словенската рамка, но во моментов тоа се чини беспредметно. Групирање на народите во новиот милениум во светот започна да се актуелизира прашањето за ревидирање на меѓусебните односи на народите. Во тој поглед прибалтиските народи почнаа со активна себепромоција и поддршка еден кон друг, со што ја зголемија својата политичка и културна моќ во Европа. На Истокот Арапската лига (Лига на арапските држави) започна да ја демонстрира својата воја и своето влијание, како на политички план (Арапска пролет), така и на полето на експонирање на својата култура, која за Западот се чинеше далечна, загадочна, неразбирлива, а со тоа и непријателска.

Вакви обиди за заедничко дејствување уште одамна постоеле и кај Словените, а е познато како панславизам.

Што е тоа панславизам?

Панславизмот е културно и политичко движење, идеја која е распространета кај државите населени со словенски народи, а во чија основа лежат идеи за неопходноста за нивно политичко обеинување врз основа на заедничките етнички, културни и јазични корени. Уште во седумнаесеттиот век хрватскиот мислител иавтор на првата општословенска граматика ја искажал и се борел за својата идеја за заедничко делување на словенските народи. Тој исто така сметал дека ова обединување треба да биде предводено од моќното Руското Царство. Но, неговата идеја останала само на зборови, зашто била оценета како неприфатлива за другите (помали) словенси народи. Како термин, панславизмот за првпат го споменува Словакот Јан Херкел во 1862 одина.

Оваа идеја мошне бргу била прифатена и од многумина други словенски мислители како што се Гај Лудевит, Вук Караџиќ, Јозеф Добровски, Јан Колар, Павел Шафарик и други. Нивната идеја била обединување на словените во една културна целина. Како предводник на оваа акција повторно посочена Руската империја, која се прославила со својата победа врз Наполеон и против Турција. Многумина дејци припадници на словенските народи, сметале дека под водство на Русија останатите помали словенски народи ќе можат да се заштитат од несловенските непријатели кои постојано ги демнеле.

Постоела и друга група мислители кои не се согласувале со идејата една ваква унија да биде предводена од Русија. На чело на оваа група бил Чехот Франтишек Палацки, историчар и писател, предводникна чешката ренесанса во деветнаесеттиот век, кој се залагал за зачувување на Австриската империја и за нејзино преобликување во федрација на Словените, Австријците и Унгарците. Во 1848 година во Прага бил одржан првиот меѓународен конгрес на Словените. Токму на ова место се судриле мислењата на двете групи, при што по долги и разумни разговори бил донесен манифест за народите на Европа. Во него, меѓудругото се вели:
МАНИФЕСТ ДО ЕВРОПСКИТЕ НАРОДИ НА СЛОВЕНСКИОТ КОНГРЕС ОД 1948 ГОДИНА.

Словенскиот конгрес во Прага е нова појава како за Европа, така и за самите Словени. За првпат од врмето кога почнува да нѐ споменува историјата, се собравме ние, разни членови на великото племе во голем број од далечни краево, за, спознавајќи ги своите браќа, мирно и опсудименашите заеднички работи. И ние се разбравме едни со други не само со нашиот прекрасен јазик, на кој зборуваат осумдесет милиони луѓе, ами и со созвучјето на биењето на нашите срца и со близоста на наште душевни стремежи. Вистината и директноста, кои раководеа со сите наши дејанија, нѐ поттикнаа да го искажеме пред Бога и пред сите луѓе, она што го сакавме и според кои принципи се раководевме во нашите дејанија. Романските и германските народи, кои некогаш се славеа во Европа како моќни завојувачи, пред илјада години со моќта на мечот не само што дојдоа до сопствената независност, ами и успеаја да ја обезбедат својата превласт.<...> Сега ја крена својата глава и Словенот, кој е постојано малтретиран, тој од себе го отфрла насилството и со моќен глас го бараат она што отсегоша било нивно – слободата. Силен според бројот, а уште посилен со својата волја и новодобиемото братско истомислеништво со нашите племиња, тој им останува верен на своите наследени својства и заветите на своите татковци: то не сака ниту да господари, ниу да освојува, тој бара слобода како за себе, така и за секој друг; бара слободата да ја има насекаде, без исклучоци, признаена како најсвето право на човека. Затоа ние, Словените, го отфрламе и го мразиме секое господарење со груба сила, која ги нарушува законите; ги отфрламе сите привилегии и секоја надмоќ, а исто така и политичката поделба на сталежи; бараме неусловена рамноправност пред законот и еднакви права и обврски за секој; онаму каде меѓу милиони ќе има само еден поробен, вистинската слобода не постои. Така, слободата, еднаквоста и братството за сите граѓани останува, како и пред илјада години, така и сега наша девиза. <...> Стапувајќи одново на политичкото поприше на Европа како најмлади, но никако како најслаби, во овој момент го покренуваме проектот за свикување на сеопшт конгрес на европските народи за разрешување на сите меѓународни прашања; ние сме длабоко убедени во тоа дека слободните народи полесно се договараат, од оние што се зависни од волјата на дипломатите. О, ако овој проект го привлече вниманието пред реакционерската политика на одделни дворови повторно да доведе до тоа народите опфатени со злоба и омраза да почнат да се погубуваат еден со друг. Во име на слободата, рамноправноста и братството на сите народи! - Ф. Палацки, претседател на Словенскиот конгрес

Откако во 1867 година Австриската империја влегува во сојузот наречен Австро-Унгарија, во Москва бил организиран вториот Конгрес на Словените. На него биле забележани два табора. Првиот бил проруски и повторно ја застапувал идејата за сојуз предводен од Руската империја, а вториот, кој се засновувал на романтичниот патриотизам на Полјаците за повторно востановување на голема Полска бил антируски и неговите приврзаници сметале дека главната улога во обединувањето на Словените треба да ја игра Полска.

Во втората половина на деветнаесеттиот век панславизмот доживува расцвет, особено во рамките на Руската империја. Во тој период Русите се залагале за ослободување на сите Словени од турското ропство и од австриското владеење и за создавање на единствена федерација на Словените. Но, кон крајот на деветнаесеттиот век ова движење започнало да ја губи својата популарност, а некои дејци почнале остро да се спротиставуваат на неа, сметајќи дека таа е погубна за постоењето на секоја нацијаа одделно, а исто така била презентирана и тезата дека Руското царство под завесата на братскиот соживот сака да ги асимилира останатите Словени и да ги приклони териториите на кои тие живеаат кон својата империја. По ваквите искажување идејата за панславизмот замрува. Пред почетокот на Првата Светска војна идејата за панславизмот повторно се појавува на сцената, но овојпат во форма на неославизам или на неопанславизам. Со цел зближување на словенското население и заедничко делување во одбраната од германските напади, во 1906 година во Прага и во 1910 година во Софија повторно биле организирани конгреси на Словените. По Втората Светска војна биле организирани уште два конгреса, едниот во Москва, а другиот во Белград, но по заладувањето на односите помеѓу СФРЈ и СССР сите комитети престанале со работа, а идејата за панславизмот паднала во вода.

Во времето на социјализмот и комунизмот во словенските држави постоела нишка на поврзаност меѓу словенските народи. Лингвистите, историчарите и воопшто научниците мошне често соработувале, а ненаучната јавност широкоградо ги прифаќала своите браќа Словени. Но, ова немало никакво влијание врз идејата за политичко делување или групирање врз основа на заедничкото потекло.

По крахот на источниот блок и распадот на југословенската федерација, панславизмот доживува огромен неуспех. Некогашната идеја е заменета со омраза меѓу словенските држави и народи. Полјаците и Русите, Русите и Украинците, Србите и Хрватите, Македонците и Бугарите, Босанците и Србите, Србите и Словенците еден во друг почнуваат да гледаат непријател и ја искористуваат секоја можност за каков било напад (физички и вербален) со цел да се уништи „непријателот‘‘ кој му посакува лошо на својот брат. Ваквата ситуација е поттикната од политиката, која на Балканот создаде ужасни војни проследени со геноцид. Згора на тоа „одродувањето‘‘ сѐ повеќе се истакнува и со разногласието на словенските држави во врска со членството во НАТО, ЕУ и други глобализирачки воено-политички и економски блокови.

По делумното смирување на страстите, во последниве неколку години на сцена стапи идејата за помирување на братските народи. Сѐ поактуелна е тезата дека словенските народи треба да соработуваат едни со други, без никакви политички аспирации. Денес панславизмот главно се темели на заедничко делување на научно – образовното, културнот и општественото поле.

На планот на науката и образованието во моментов не постојат никакви пречки за соработка. Доволно добар доказ за тоа е соработката на славистите, кои сѐ почесто се собираат на конференции и симпозиуми, како и на традиционалниот Славистички конгрес. Она што е мошне важно е дека одредени држави (Русија, Полска, Чешка, Словачка, Хрватска) изделуваат големи средства за поддршка на оваа гранка од филологијата, зашто славистиката кон крајот на минатиот век, па сѐ до денес го губи својот престиж и со право може да се констатира дека таа се наоѓа во криза. Токму во таа криза може и мора да се најде доблест за заедничко делување, за соработка, а се со цел зачувување на заедничкото, општословенското, но и на различното, националното на секој словенски народ.

На полето на културата словенските земји и понатаму продолжуваат да се интересираат една за друга, за тековите и за правците по кои се движи културата. Врските секогаш зајакнуваат за празнувањето на 24 мај - Денот на сесловенските просветители, кога во поголемите престолнини на словенските држави се чествуваат Светите браќа Кирил и Методиј. Секако, бројот на настаните и меѓусебната соработка е занемарлива, со оглед на фактот што сите словенски земји се наоѓаат на високо рамниште во поглед на културата и уметноста, така што постои огромен потенцијал за заедничко делување.

На општественото поле може да се констатира соработка меѓу источнословенските земји, кои се условени пред сѐ од традицијата наметната за време на постоењето на Советскиот Сојуз, како и на меѓусебните интереси што ги имаат овие земји. Тука, постои можност за заедничко делување, пред сѐ во граѓанскиот и во невладиниот сектор.

Во новиот милениум сѐ поизразена е свеста дека постои можност за реализирање на идејата за панславизам, ослободен од политички влијанија и аспирации на одредени општествено-политички структури, при што главен предуслов за една ваква соработка би бил зачувување и почитување на она што е заедничко и спознавање и унапредување на она што претставува вредност на секој словенски народ одделно.


Коментари
 
Архива