портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Информацијата како оружје
април 2015

Македонските политичари од власта и од опозицијата во моментов нудат целосно спротивни реалности. Наместо да повикаат на обединување, тие ги јакнат поделбите и ги засилуваат тензиите. Сепак, поларизацијата предизвикана од спротивставените информации не е карактеристична само за Македонија Тргнувајќи од познатото мото „дејствувај локално, мисли глобално“, светските политичари, аналитичари и медиуми како да го следат примерот на македонските колеги. Но тие не дејствуваат локално и не ги поларизираат само своите граѓани, туку мислат глобално, па го поларизираат целиот свет. Во новата студена војна Западот и Русија отворија нов фронт, пропагандниот.


СУДИРОТ НА РЕАЛНОСТИ Е СВЕТСКИ ТРЕНД

Во Македонија во моментов има судир на две целосно спротивни реалности. Власта нуди една реалност, а опозицијата друга. Политичарите, наместо да повикаат на обединување за да се реши сложената политичка ситуација, ги делат граѓаните на „нивни“ и „наши“ и од нив бараат веднаш да се определат. Некои од медиумите со едностраното информирање само го потхрануваат судирот на реалности. Ситуацијата е тензична, а јавноста е поларизирана. Нездравите партиско-политички поделби се зголемуваат и општеството погодено од информациската војна се доведува до општо лудило.

Тргнувајќи од познатото мото „дејствувај локално, мисли глобално“, светските политичари, аналитичари и медиуми како да го следат примерот на македонските колеги. Но тие не дејствуваат локално и не ги поларизираат само своите граѓани, туку мислат глобално, па го поларизираат целиот свет. По воените вежби и закани, новата студена војна меѓу суперсилите како да добива нов фронт - пропагандниот.

Информациската војна меѓу Западот и Русија зема сѐ поголем замав, особено по избивањето на украинската криза. Светската јавност се соочува со вистинска војна на (дез)информации, а во натпреварот, кој повеќе западни претставници го оценуваат како „нерамноправен“, полека се вклучува и Европската Унија.

ЕУ БАРА РАЗБИВАЧИ НА „РУСКИТЕ МИТОВИ“

Најнова епизода во информациската војна меѓу Западот и Русија се напорите на Брисел поактивно да се спротивстави на „руската пропаганда“. Па така, во неодамнешниот оглас на Европската дипломатска служба до амбасадите на членките на ЕУ во Брисел се бараат експерти чија задача ќе биде „исправка и проверка на дезинформации и митови“. Покрај тоа, меѓу работните задачи на овие експерти се и „развојот и редовното обновување на приказната на ЕУ преку клучни пораки, статии, колумни и инфографикони, со фокусирање на поволностите од Источното партнерство“. Експертите, кои треба да бидат бивши новинари или портпароли што активно ги користат социјалните мрежи и одлично го владеат рускиот јазик, ќе бидат платени од земјите што ќе ги назначат, зашто институциите на ЕУ немаат издвоени средства за проектот, пренесува ЕУ обзервер.

Ваквиот чекор следува откако лидерите на ЕУ во март ѝ дадоа задача на дипломатската служба да се „спротивстави на актуелната руска дезинформациска кампања“. Тие побараа до јуни да се развие план за стратегиски комуникации за поддршка на медиумските слободи. Меѓу земјите-членки што го заговараат проектот, според ЕУ обзервер, се Британија, Германија, Данска, Естонија, Литванија, Полска, Холандија и Шведска. Експерти од овие земји веќе одржуваат состаноци и средби во европските престолнини, на кои учествуваат и нивните американски колеги. Но, неизвесно е кога и дали ќе профункционира планот. Дипломатски извори од Брисел оценуваат дека истите земји што се противат на санкциите против Русија (Кипар, Грција, Унгарија, Италија, Словачка, Шпанија) сметаат дека проектот се коси со вредностите на ЕУ за медиумска недвижност.

- Тоа беше вистинска битка и големо достигнување е тоа што лидерите од ЕУ проговорија за „руската дезинформациска кампања“. Сакавме во заклучоците да пишува „руска пропаганда“. Но, некои европски престолнини не сакаат да ги стават во иста реченица зборовите „руска“ и „пропаганда“ - вели еден бриселски дипломат.

„ЗАПАДОТ ЈА ГУБИ БИТКАТА“

Истовремено, во Вашингтон се слушаат сѐ погласни повици за зајакнување на борбата против „руската пропаганда“. На неодамнешното сослушување пред Комитетот за надворешни работи на Конгресот беа упатени остри критики кон Русија дека ја користела информацијата како оружје. Според присутните, САД мора да инвестираат повеќе средства во медиумската битка во светот.

- Руската пропагандна машина е во подем, работејќи на субверзија на демократската стабилност и поттикнување насилство во Источна Европа, додека американските преноси се во опаѓање - порача Ед Ројс, претседателот на Комитетот.

Питер Померанцев од лондонскиот институт „Легатум“ пред Комитетот предупреди оти Русија почнала информациска војна против Западот и дека Западот губел. Поради ова се предлагаат 751,1 милион долари за буџетот на американското медиумско надзорно тело во 2016 година, кое треба „да ги зајакне глобалните активности, поагресивно да се фокусира на телевизиите и дигиталните медиуми и да ги поддржи високоприоритетните публики“.

И дел од домашните и регионални експерти се согласуваат со фактот дека Западот ја губи пропагандната битка, односно војната на дезинформациите. Мирче Адамчевски, поранешен новинар и познавач на состојбите во медиумите, смета дека судирот е во полн ек и оти Западот ја губи битката.

- Да бидеме реални, информацискиот судир меѓу Западот и Москва одамна е започнат и тој сега, поради последните тензии во Европа, слободно можеме да кажеме дека е во полн ек. Впрочем, доколку ги отворите руските медиуми, ќе увидите дека наидувате на информации што се афирмативни за Русија. Спротивно на тоа, западните медиуми не заостануваат зад пласирањата свои информации, кои го согледуваат сосема спротивниот агол од оној на Русија - вели Адамчевски.

(ПОЛУ)ВИСТИНИ И ФАКТИ

Тоа, според него, најмногу од сѐ во последно време се забележува во случајот со известувањата за конфликтите во Украина и на Блискиот Исток.

- Целта на медиумите е да се шират официјалните позиции и да обезбедат објективно информирање на јавноста. Разновидноста во информирањето, кое не доаѓа само од еден центар на моќ, помогна светската јавност да добие поточна слика за актуелната војна во Украина. За време на битките западните медиуми од една страна и руските медиуми од друга страна даваа свои верзии на случувањата, а гледачите што се далеку од боиштата, следејќи ги двете крајности, можеа да стигнат до објективни информации поврзани со нив - заклучува тој.

Засега Западот ја губи информациската војна, бидејќи руските медиуми во последните случувања се докажаа дека го добиле „првото полувреме“ од мечот, во кој Брисел и Вашингтон решија да се „бранат“ со парирање на „руската пропаганда“, заклучува Адамчевски.

Српскиот новинар Александар Бечиќ вели дека медиумската борба на Москва од една страна и Брисел и Вашингтон од друга страна за власт над информациите е привлечна за светската публика.

- Америка неодамна јавно призна дека ја изгубила информативната битка со Москва. Американските медиуми ја губат информативната војна не само против сè помоќните руски ТВ-канали што известуваа директно од кризните области во Украина туку и против радикалните исламисти. Она во што на времето Америка и нејзините сојузници беа супериорни во однос на СССР, денес стана слабост на Вашингтон. Телевизиските канали од Русија, но и другите медиуми, во целиот период на војувањето на истокот на Украина имаа по неколку екипи на линијата на фронтот, од каде што во живо ја информираа својата, но и светската јавност. Од друга страна, американските, односно западните медиуми во своите извештаи и написи само ги демантираа руските информации, а ретко пласираа свои - вели аналитичарот Бечиќ.

Тоа, според српскиот новинар, наведува на мислење дека руската пропагандна машина работи со полна пареа во однос на американската медиумска пропаганда, која сѐ повеќе заостанува.

Како и да е, големите сили знаат дека кога ситуацијата е во пат-позиција, најдобро е да се понудат целосно спротивставени реалности и максимално да се поларизира јавноста, а потоа да се направи обид да се придобијат што повеќе приврзаници кога ќе се повлечат потези со контроверзен предзнак. За едни, ваквата информациско-психолошка војна со пласирани полуточни и спротивставени информации всушност на крајот води кон подобро информирање и кон создавање поцелосна слика за одредени случувања. За други, пак, тоа води кон општо лудило, што на крајот може да резултира со многу посериозни последици.

Неодамна буквално изби судир меѓу медиумите што го претставуваат западниот, односно рускиот агол на состојбите во Украина. Новинарката на Си-ен-ен, Кристијана Аманпур, во својата емисија ја покани новинарката на руската телевизија РТ (бивша Русија денес), Аниса Науи, да разговара за улогата на руските медиуми, и тоа под мотото „пропагандната војна на руските медиуми“. Притоа изби жолчна расправа меѓу двете новинарки, делови од која Аманпур одлучи да не ги објавува на Си-ен-ен, но РТ подоцна ги објави на својата веб-страница. Во расправата беа разменети лавина обвинувања, како на пример, кој од кои држави и влади е спонзориран, кој признава дека зад него стои државата, а кој глуми „независен“ медиум, кој објавува еднострани вести. Во еден момент нападите се сведоа на лична основа, па се оспори начинот на кој Аманпур известувала од војните во бивша Југославија, а се спомна и нејзиниот сопруг Џејмс Рубин (бивш дипломат и десна рака на Медлин Олбрајт во времето на Бил Клинтон). На сето ова Аманпур одговори дека само сакала да има сериозен разговор меѓу две возрасни лица.

Според оцени на западните медиуми, аналитичари и политичари, најголем трн во окото на Западот е токму телевизијата РТ, која има буџет од 300 милиони долари и околу 2.000 вработени во 16 држави. Нејзината програма се емитува на англиски, француски, германски и на шпански јазик и допира до 700 милиони домаќинства. Во западните земји се водат повеќе истраги против РТ за лажно информирање. Од медиумската куќа, пак, тврдат дека се соочуваат со низа притисоци, па дури и со барања нивни новинари јавно да поднесат оставка поради „руската пропаганда“.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=42015929188&id=84&prilog=0&setIzdanie=23448
Коментари
Нема коментари.
 
Архива