портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
На (про)западниот Балкан ништо ново
мај 2014
Огнен
Малески
Само една земја за овие 11 години успеа да го комплетира процесот, и само една ги почна пристапните преговори со ЕУ.



Пишувањето колумни во ритам еднаш на две недели, меѓу другото за последица има да се пишува за некоја тема која по сите медиумски стандарди е веќе бајата/изгустирана. Притоа, го сакале тоа или не, не можете да побегнете од чувството дека ќе прозвучите како оние „умни“ генерали по завршената битка. Меѓутоа, темата ЕУ и Западен Бакан е толку атрактивна, а воедно и толку ретко дава конкретни поводи за осврт и коментар, што едноставно одржувањето на Министерската конференција ЕУ-Западен Балкан пред повеќе од една седмица не можам никако да ја одминам.

Иако од самиот старт на лансирањето на иницијативата за нејзино одржување од страна на грчкото претседателство со ЕУ беа влечени директни (ко)релации со амбициозната, и за тоа време инспиративна и охрабрувачка т.н. „Солунска агенда“, резултатите од минатонеделната министерска средба се далеку под она што на регионот, но и на Европа и' е неопходно потребно. Притоа, свесно избегнувам да ја користам фразата „под очекувањата“ бидејќи, за волја на вистината, и очекувањата на земјите учеснички, вклучувајќи ги и институциите во Брисел, како и во самата земја домаќин не беа спектакуларни.

Се разбира, далеку од умот е да не се охрабруваат и сесрдно поддржуваат средбите и дијалогот за така важни теми - проширувањето на членството и регионалното/европското транспортно и енергетско поврзување - кои се од животно значење за Република Македонија, за нашиот регион, но и за Европа во целина. Тоа сепак не може да го надвладее впечатокот за скромните дострели од оваа конференција. Своевидна потврда за ова е и скромното присуство на министри за надворешни работи од европските престолнини, како и обемот на покривањето на овој настан од страна на европските медиуми, па би рекле и на оние во регионот, вклучувајќи го и домаќинот - Грција.

Дел од причините би можеле да се окарактеризираат како „објективни“. Тајмингот на одржувањето (кој секогаш има специфична тежина) на конференцијата беше далеку од идеален. Преокупацијата со настаните во Украина, подготовките за одржување на изборите во Европскиот парламент и новата поделба на функциите во институциите на Унијата, растечкиот евроскептицизам во повеќето земји-членки на Унијата, јавно манифестираниот „замор од проширувањето“ и потребата од пролонгирање на приемот на новите членки, но и проблемите со кои се соочува веќе подолго време земјата домаќин на конференцијата, секако беа ограничувачки фактори кои влијаеја фокусот на Брисел и на другите европски престолнини да биде насочен во други правци.

Но, причините мораат да се бараат и во т.н. „субјективни фактори“. Тоа, пред се', се однесува на ЕУ и на нејзиниот конзервативен приод во поглед на проширувањето на Унијата со земјите од Западниот Балкан на кои се' уште се применува политиката на „стап и морков“, форсирањето на своевидна „регата“ со вреднување на индивидуалните резултати и други слични концепти, кои на крајот резултираат со тоа што магарето/едрилицата се движи со брзина на полжав. Како поинаку да се протолкува фактот што само една земја (и тоа неодамна) за овие 11 години успеа да го комплетира процесот, и само една ги почна пристапните преговори. (За „случајот Македонија“ и петте последователни препораки на Европската комисија и на Европскиот парламент и да не зборуваме).

Токму таквиот пристап доведува до ситуации каде реакциите на институциите во Брисел во многу наликуваат на оние на зимските служби во Македонија, кои, по (непишано) правило, се многу изненадени кога во јануари-февруари ќе падне снег. Тука секако мислам на збунетите реакции во однос на Украина, претходно Грузија, утре можеби Молдавија, заткавкаските, централно-азиските држави и господ знае која земја-регион потоа.

Но, кога сме кај „субјективниот“ фактор мора да се укаже и на разочарувачкиот степен и ниво на фактичка (а не декларативна) соработка и заемна поддршка меѓу земјите од регионот. Притоа, ниту од далеку не се искористени потенцијалите кои ни стојат на располагање во рамките на многубројните регионални инцијативи, но и оние проверените од инструментариумот на билатералната соработка. Сето тоа доведува до една апсурдна ситуација - во јавноста на земјите соседи во регионот негативната перцепција за оној другиот да биде повисока дури и од онаа која со години е присутна во повеќето земји-членки на Унијата.

Во говорите на сите учесници далеку најспомнуван е, без сомнение, зборот „соработка“. Но, дали сите ние истото го подразбираме кога го користиме тој збор? Од сите повеќе или помалку познати дефиниции мене, токму во овој контекст, најблиска ми е онаа на кај нас малку познатата американска авторка Вирџинија Бурден, која вели: „Соработката е целосно убедување дека никој не може да стигне ТАМУ, доколку сите не стигнат ТАМУ...“. За жал, и по оваа „успешна“ конференција останувам со впечатокот дека оние „ТАМУ“ посакуваат уште „некое време“ да си бидеме „ВАМУ“, додека „условите не созреат за тоа“.

(Авторот е поранешен дипломат)

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=C6257DB7F1209C44840D548BFECE64D1
Коментари
Нема коментари.
 
Архива