портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Се што е легитимно не е и оправдано
март 2014
Георги
Барбаровски
Одбивањето да се седне на заедничка маса и да се најдат механизми заеднички да се донесе одлука макар само за едно битно прашање за државата, е несфатлива во општествата со западна демократија. Како мисли утрешната власт да влезе во решавање на спорот за името со Грција, ако за тоа воопшто не разговараат домашните политички ривали?



Предвремените парламентарни избори неспорно се легитимна одлука на политичките партии, откако народните избраници го прифатија предлогот на ДУИ кој, наводно, произлегувал од фамозниот мартовски договор од 2013 година, што го потпишаа најголемите политички партии во земјава, во присуство на Штефан Филе, високиот претставник на ЕК, како дел од разрешницата на случувањата од 24 декември 2012 година. И да не бил тој договор, ДУИ можеше да го постигне истиот ефект откако ќе ги направеше нефункционални Владата и Собранието. Според нашите закони, иако изборите за пратеници се одржуваат на секои четири години, легитимно е, на пример, и на две-три години да се организираат вонредни избори.

Но, дали тоа е оправдано - кажуваат граѓаните со избирачкото ливче. Зашто изборите не се само промена или продолжување на власта. Секој изборен циклус е дополнителна мобилизација на економски и човечки ресурси, прекинување на многу од редовните текови во стопанството, испумпување финансиски средства надвор од планираното, економски и социјални потреси. Изразената партизираност на државната администрација кај нас предизвикува и дополнителни реални застои во функционирањето на системот.

За партиите, се разбира, најважно е која од нив колку пратенички мандати добила. Клучното прашање за граѓаните е: што ќе се случи со Македонија по 27 април? Кои државни интереси (пред партиските) ќе се остварат во новиот политички амбиент, на кој начин Македонија ќе почне да ги препознава и да ги остварува интегративните точки за внатрешно обединување и како ќе ги остварува стратешките определби за евроатлантско интегрирање. Зашто сегашната етничка, политичка, верска и јазична поделеност што ја практикуваат политичките врхушки, го прават македонското општество лесно ранливо, нестабилно и некадарно за било каков потфат.

Одбивањето да се седне на заедничка маса и да се најдат механизми заеднички да се донесе одлука макар само за едно битно прашање за државата, е несфатлива во општествата со западна демократија. Како мисли утрешната власт да влезе во решавање на спорот за името со Грција, ако за тоа воопшто не разговараат домашните политички ривали? На кој начин ќе го менаџира вработувањето е прашање за кое има премолчен  приоритет, на што и колку транпарентно ќе се трошат народните пари, кои инвестиции најнапред треба да се реализираат итн., тоа се прашањата на кои граѓаните очекуваат одговори. 

Инаку, легитимни се заложбите на водачите на политичките партии кои бараат поддршка од гласачите за да освојат 62 (Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ), односно 25 (Али Ахмети и ДУИ) пратенички мандати. Легитимно е секоја партија што излегува на избори да претендира на мнозинство. Тоа е смислата на политичката борба. Но, легитимно е и граѓаните да бараат одговори од политичките елити кои им се потенцијалните партнери доколку добијат шанса да формираат влада и врз таа основа да донесуваат одлука на изборите.

Прашан дали ДУИ е единствениот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ или доколку условите се неприфатливи постои ли опција тоа да биде и ДПА, Груевски изјави дека „прво ќе се разговарало со партијата која освоила најмногу гласови“. Само доколку не мислел на СДСМ (Упс!), одговорот на премиерот упатува на тоа дека не го исклучува довчерашниот политички партнер во власта. И тоа е легитимно, иако ниту Уставот ниту законите го обврзуваат идниот составувач на владата да го земе за партнер „оној со повеќе гласови“. Во тој случај, на што ново може да се надеваат државата и нејзините граѓани? Можно ли е оној кој „претера со барањето за консензуален претседател“ по шест месеци повторно да излезе од коалицијата и да побара нови избори? И тоа ќе биде легитимно, се разбира, како што е легитимно да се разговара за консензуален претседател и да се бара да се измени изборниот законик. Од друга страна, глупаво да се организираат избори за претседател ако партиите претходно консензуално го договориле кандидатот.

Легитимно е и прашањето на ГРОМ како ДУИ размислува да учествува во работата на владата во која мандатот на владата ќе го даде претседател за кој тие сметаат дека е нелегитимен? Затоа е смешно кога ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „не подлегнува и не прифаќа никакви уцени и закани кога се во прашање националните и државните интереси на Република Македонија“, но нема ништо против уценувачот. Ништо друго меѓу себе не проблематизираат „уценувачот“ и „уценетиот“.

Од друга страна, опозицијата како неволно да е влезе во тој процес.Сите опозиции во други земји пекаат по вонредни избори, а нашата само што не извика: Кој ме втурна во изборната каша! Таа продолжува да ги лови злоупотребите на власта со истиот зајадлив речник со кој оперира цело време додека е опозиција, наместо да го окупира обвинителстволто со документирани докази за наводните злоупотреби. Дури и со такви обвинители и со такви судии, зашто на изборите нив не може да ги менува. Но, она што бездруго мора еднаш да го направи е да подготви сериозна и конзистентна изборна програма со која ќе покаже на кој начин ќе овозможи подобар живот на граѓаните и посигурна иднина за државата. Не парчиња од некакви замислени проекти. Некои од нив мора да го работат и тоа. Само така ќе го симне од себе тулпанот на салонска дама која никогаш не научила да ги засука ракавите.

Професорска четворка ќе седи во сенчестата нишалка на претседателските избори: Ѓорге Иванов со ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски со СДСМ, Иљаз Халими со ДПА и Зоран Поповски со ГРОМ. Без сомение, само првите двајца ќе дотрчаат до целната лента, зашто избирачкото тело тешко може да се опбедини околу еден кандидат уште во првиот круг. Независно од предизборните анкети и од речиси профилираното гласачко тело, претседателските избори се поподложни на промени за кои може да бидат решавачки и последните изјави на претендентите за шеф на државата. Се разбира, тоа ќе го дозираат партиите врз кои се поптпираат кандидатите, кои од поодамна почнаа да работат врз мобилизација на гласачите. Впрочем, затоа вториот изборен круг е во ист ден со парламентарните – за да се исполни цензусот од 40 отсто  избирачи. Иако ДУИ настапи како предгрупа на таа претстава, зашто нема свој кандидат, не е исклучено на своите гласачи да има намени некоја посебна улога. Тие, патем, и онака ќе добијат гласачко ливче со претседателските кандидати, а токму тоа ДУИ подоцна ќе можат да го валоризира како евентуален учесник при поделба на извршната власт. ДПА, исто така, остави капара со изјавата на Тачи дека „Македонците имаат ексклузивитет во преговорите за името“ и тие веќе си дадоа демнечка улога во постапките на ДУИ. Секој некого лови на двојните избори.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива