портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Американската судница и ...нашето судство
август 2013
Саше
Димовски
Превртувајќи ги фотографиите од мојата посета на правосудните органи во САД, неминовно ми се поставува прашањето: зошто кај нас 20 години траат реформите во судството а не сме мрднале ни милиметар напред?! Колку ли само пари се фрлија на обуки во земјава и во странство, а судииве се однесуваат како да сме во некоја африканска колонија во која зборот на главатарот е над сите закони, а судиите се однесуваат како понизни слуги.



Овде, во САД, тешко е додека ја добиеш довербата на граѓаните, додека те изберат на непосредните избори, потоа, еднаш добиената доверба ви ја продолжуваат, а вие се трудите да не ја изиграте и работите во интерес на граѓаните – вели мојата домаќинка, судијка од Кривичниот оддел во судот во Портланд, Орегон, додека гордо ми ја покажува „нејзината “ судница, а потоа ме кани во „нејзиниот“ кабинет. Овие зборови, на американската судијка постојано ми одѕвонуваат во уши, на секоја реакција упатена кон нашето судство, кон недовербата за судиите, нивната нестручност и несовесност, за обвинувањата дека секоја одлука може да се купи со пари, а секој може да стане судија, ако има поддршка од било кој функционер во власта, кој ќе ја потврди неговата лојалност.

Но, она што, исто така го запомнив од кажувањето на американската судијката која потроши значително време со мене во разгледувањето на судскиот систем, е и податокот дека тие, секој понеделник заедно со полицијата, обвинителите, адвокатите, центрите за социјална политика, градот и градските служби се состануваат и според извештаите од терен се критикуваат и се коригираат. Еднаш се жалат на благата казнена политика на судот, втор пат на неефикасноста на полицијата или улогата на социјалните служби. Затоа кај нив, независно од тоа што применуваме различен правен систем, нема судења кои траат со години, а обвинетиот сам носи одлука колку време ќе остане во притвор: на испитното судење сам кажува колку време му е потребно за подготвување на одбраната, еден месец или една година. Ако се подготви порано, ќе поднесе молба, па судот одлучува кога ќе му закаже судење. Во судницата, за која мојата пријателка судијката, велеше „мојата“ судница (зашто таму, за разлика од кај нас секој судија има кабинет, стручна служба и своја судница) добив желба во исто време да бидам и порота и судија и обвинител и обвинет. Ако не фактички, тогаш, барем без проблем можев да се сликам на сите позиции. Превртувајќи ги фотографиите од мојата посета на правосудните органи во САД, неминовно ми се поставува прашањето: зошто кај нас 20 години траат реформите во судството а не сме мрднале ни милиметар напред?! Колку ли само пари се фрлија на обуки во земјава и во странство, а судииве се однесуваат како да сме во некоја африканска колонија во која зборот на главатарот е над сите закони, а судиите се однесуваат како понизни слуги.

Но, ајде накратко да лоцирам, зошто никогаш нема да го од сонуваме сонот, нашето да биде барем приближно до американското судство.

Како за инает, секоја гарнитура става од лош, полош министер за правда. Според политичките договори, овој ресор често е во рацете на партијата на Албанците која коалицира во Владата, па така, имавме еден министер кој пред да дојде на позицијата работел како „сопственик на мелница за мелење брашно“ друг министер се шеташе од позиција на позиција затоа што лидерот на партијата имал доверба во него. Сегашниов пак, не се меша ни во сопствената работа! Затоа, тешко на реформи со вакви министри.    

Кога беше во рацете пак на македонските политички партии имавме ситуација, министерот да си полага правосуден пред комисија која тој ја составува, вториот толку се занесе дека светот почнува од него, па вгради решенија за кои цела правна фела беше против, што не ќе можеме уште 20 години да ги исправиме грешките. Третиот пак, си ги расчистуваше личните и семејни недоразбирања со сите што ги сметаше за противници па во негово време се разрешени сите судии, за кои најмалку има елементи за нестручно однесување. Поради тој министер „реформатор“ сега Македонија ќе плаќа голема отштета, затоа што судот во Стразбур ги прифати апликациите на незаконски разрешените судии и кај и да е, од септември се очекува финална одлука. Ова се министрите, но не помалку важни се и претседателите на судовите.

На тие позиции се најдоа луѓе кои посилно лобираа меѓу неколкуте лоби групи и во самата партија на власт! Судовите ги сфатија како приватни гранапчиња, во кои небаре предметите се производи на рафтови, ги редат ли ги редат таму каде што мислат дека најдобро ќе се пресудат. А, јавно се крстат во реформираното судство во кое има компјутерски систем за автоматска  распределба наречен „акмис“. Но, системот толку е совршен, што дозволува да се смени предмет од еден кај друг судија, со опција „по решение на претседателот на судот“. -Да, никој не видел такво решение во пракса кое би имало и образложение – фала на прашање!

Судиите пак се посебна приказна. Конечно, од 1 јули 2013 година стапи системот на кариера, па не ќе може некој кој не бил судија на Основен суд да оди во Апелација или во Врховен. Фино вели законот, ама праксата пак кажува дека Судскиот совет се отепа работејќи за преку ноќ, до последен ден да ги пополни сите места во Врховен и Апелација со луѓе, кои со критериумиве по 1 јули, може само да сонуваат за тие места. Но, затоа, тие судии немаат име и презиме, туку јавноста ги знае како: сопруга на полицискиот портпарол, сопруга на амбасадорот во Атина, на амбасадорот во Русија, братучетката на Трајко, бабата на Ивица, ќерката на овој, снаата на оној, пријателката на тој. Со таква збирштина на кадри, драги мои, нема судство. Државната правобранителка на пример, на која апелациските судии и рекоа дека со години незаконски водела постапка за поништување на приватизацијата на „Фершпед“ стана Врховен судија, без ниту еден ден стаж како судија. За што е наградена тогаш, за знаењето или за незнаењето?

И така, редот на „мој до мој„ е долг, критериумите беа да се избере секој кој е поблизок до власта, додека академците, во кои се крстеше државата и кои требаше да го реформираат судството беа присилувани да конкурираат за Куманово, Гостивар, Дебар, Прилеп, зашто во Скопје, местата беа резервирани за проверени партиски кадри. Сега, државата пак се чуди зошто по „стоти“ пат пропаѓа огласот за кандидати за судии и јавни обвинители на Академијата и зошто никој не сака да се едуцира за судија.

Па, прво, кој би се јавил кога треба да исполни критериуми посилни од тие за лет во веселената и програмите на НАСА, кога гледа дека пред него во повисоките судови влезе кој стигне, и тој така влезениот, кој е попаметен според закон, утре ќе ги оценува и укинува неговите одлуки. Втората работа е присилувањето државата да може да ги распореди за работа каде што таа ќе сака. Ја зголемија од 12 на 24 илјади денари и платата додека трае обуката на идните судии, но интерес нема. Затоа, в година ќе се соочиме со недостиг на кадри за судии, а посебно обвинители кои за неколку месеци ќе треба сами да ја водат истрагата.

И, му има ли чаре на вака раштиманото судство? Еден пријател, кој цел живот го поминал во правосудството а на стари години, пред пензија е прекомандуван во „млаѓи референт“ ме убедува дека спасот е во генерален реизбор на судиите. Јас пак не сум убеден дека тоа ќе ни го реши проблемот. Ако оваа власт си нашла свои судии и таа која ќе го прави реизборот ќе најде свои. Друг предлага изборот на судии да го прави чистачката во судот?! Збунето прашувам зошто, но ми објаснува: таа им ги знае сите валкани работи и таа е вистински репер кого би пуштила во судот да суди. Јас во принцип прогнозирам кој на која позиција ќе го наместат и за чудо сите комбинации ми се добитни, кого и да го напишам, го поставуваат на функција.

Овој пат, за да не му ја украдат идејата, јас ќе молчам, нема да коментирам што треба да се направи, но затоа ќе забележувам, ќе нотирам кој што направил, затоа што има работи во македонското правосудство кои не можат и не смеат да се заборават. А, со настаните, секако и ликовите кои биле или се директни извршители.

Дефинитивно, далеку е сонот дека некогаш, на ова тло ќе имаме американско судство.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива