портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Бугарскиот воз ја гази ЕУ
мај 2013
Владимир
Мијановиќ
Пировaта победа на Борисов, кој допрва мака ќе мачи да формира коалициска влада, всушност е еден голем пораз. Пораз за Бугарите, за Бугарија, но и за Брисел, кој декларативно е ревносен кога станува збор за почитувањето на народната волја и кој очигледно сака да вежба демократија во овој дел на Европа.


Мечката повторно заигра во европскиот двор, кој Брисел никако да го зачисти и да го доведе во ред. Но за волја на вистината, овој пат не заигра грчката мечка, туку онаа на нашиот источен сосед, бугарската.

Дали како по договор за да се разбие балканската монотонија во Унијата или, пак, сосема случајно, Бугарија е на добар пат да ја замени Грција во улогата на непослушното европско дете. Зошто? Затоа што Софија во предвечерјето на предвремени избори покажа дека не може или, пак, навистина тешко ѝ оди да организира фер гласање. Фер, нели, според условите, патоказите и разните насоки што Европската Унија постојано им ги упатува на земјите што сакаат да станат дел од неа, како на пример, Македонија.

Па така, една релативно тазе членка на Унијата, која од никаде обожава да им става сопки на европскиот пат на соседите, покажа дека еден ден пред изборите може да се појават, ни повеќе ни помалку, 350.000 нерегистрирани гласачки ливчиња. Некој наивен оптимист ќе каже дека е спречен изборен фалсификат од мегаразмери. Но како бугарските граѓани, па и Брисел, ако воопшто е заинтересиран, ќе веруваат дека тоа се сите спорни гласачки ливчиња, дека во некоја друга печатница, блиска на бившиот премиер Борисов, немало уште илјадници нерегуларни ливчиња, кои потоа својот пат мистериозно го нашле до гласачките кутии?

Пировата победа на Борисов, кој допрва мака ќе мачи да формира коалициска влада, всушност е еден голем пораз. Пораз за Бугарите, за Бугарија, но и за Брисел, кој декларативно е ревносен кога станува збор за почитувањето на народната волја и кој очигледно сака да вежба демократија во овој дел на Европа. Делумен пораз за Бугарите бидејќи и покрај масовните протести против скапата струја и големата корупција во власта, протести што доведоа и до оставка на претходната влада, сепак на изборите го „поддржаа“ Борисов. Па така, наместо промена на подобро, нашите источни соседи, по сѐ изгледа, доколку не биде откриен нов и уште поголем изборен скандал, ќе добијат влада со козметички промени.

Сепак, дека не е сѐ така црно, односно дека обичниот граѓанин бавно се буди, говори и фактот за рекордно малата излезеност на предвремените избори. Најниска на парламентарни избори по падот на комунизмот во Бугарија на крајот од 80-тите години од минатиот век. Тоа треба да биде последно предупредување за бугарската политичка елита, без разлика дали е од десницата или од левицата.

Поразот е уште поголем за Бугарија како држава. Иако веќе шест години е членка на Унијата, Бугарија покажува дека, покрај слабото чувство за малцинските права, барем кога станува збор за Македонците, нема доволен демократски капацитет. Капацитет што е потребен за да стави јасно до знаење дека транзициско-мафијашката политика на бурните 1990-ти е минато. Минато, а не иста приказна, која постојано се повторува, менувајќи ги главните актери, час од левичарскиот, час од десничарскиот спектар. Па така, како што мудро забележува еден бугарски колега, изборите не донесоа промена, туку „козметички ремонт на моралниот систем во политиката“. Обидот за изборен фалсификат од огромни размери дополнително ќе го урниса угледот на најсиромашната членка на ЕУ, каде што повеќе милиони жители сѐ уште се гневни на нискиот животен стандард. Нашите источни соседи шест години попусто го очекуваат европското чудо, односно поголемите плати и пензии што им ги ветуваа нивните политичари, но и секој втор бирократ од Брисел. Но не треба да се радуваме на туѓата несреќа, особено не на нашиот сосед, кому „козата“ одамна му е умрена и никако ЕУ да ја реанимира. Не треба да се радуваме, ако воопшто некој нормален се радува, бидејќи ако вака продолжат работите, регионот ќе остане црна дупка во Унијата, што за нас е лошо и крајно непожелно. На европскиот пат, Словенија ја имаше поддршката од богатите соседи, како што е Австрија. Македонија на патот кон ЕУ и кон НАТО ја нема поддршката на соседите, кои, ако се остави настрана нивниот проблем со нашиот идентитет, и не можат да помогнат и да сакаат. Финансиски и морално банкротирани не може да дадат некоја позначителна поддршка. Едноставно се лоша, стара вест, за соседите и за европското семејство.

На крај, тоа што се случува во Бугарија е и пораз на ЕУ и на нејзината „објективна“ политика за оценување на подготвеноста на кандидатите за членство или, пак, на оние што мака мачат да го добијат кандидатскиот статус. За малку ќе поверувавме дека погрешната процена на Брисел за подготвеноста на Грција за членство во еврозоната ќе остане изолиран и несреќен случај, кога од никаде ете ја Бугарија. Ако економските бројки се фалсификуваа за Атина да стане дел од еврозоната, што како бумеранг ѝ се врати на монетарната унија, тогаш се поставува едно незгодно прашање - што се фалсификуваше за Софија да ги исполнува демократските стандарди за членство. Угледот на Брисел повторно се доведува во прашање.

Деновиве, првите луѓе на македонската дипломатија, придружувани од евроамбасадорот Орав и други амбасадори од земји-членки, го почнаа карванот низ селата во Македонија, чија цел е на жителите на руралните области да им ја доближи ЕУ. Што ли ќе им раскаже бугарскиот амбасадор на македонските селани, како се организираат демократски избори во Унијата?

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=51413917582&id=13&prilog=0&setIzdanie=22878
Коментари
Нема коментари.
 
Архива