портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Денацификација – услов што може да го запре или прошири руско- украинскиот конфликт
март 2022
Јасминка
Павловска

Не е извесно дали, и покрај поддршката што во мигов ѝ ја даваат, соседите (како Полска) се подготвени да ги повлечат своите причини за денацификација на Украина, само зашто и Русија го бара истото тоа





Обвинувањата за неонацизам или нацификација, кои се легитимираа како еден од поводите за ескалирање во воени дејства на до пред еден месец „само“ контроверзно-провоцирачките руско-украински односи, всушност, не се „ексклузивна причина“ за судирот меѓу Русија и Украина. Навистина, денацификацијата на Украина беше (и сѐ уште е) некаков руски услов од принципиелен карактер (покрај геостратегиското барање за демилитаризација) во тешките и сложени обиди за преговори, додека продолжуваа оружените напади на украинска територија. Но барањата за денацификација на Украина, пред почетокот на „специјалната воена операција“ од страна на Русија, беа упатувани и од други украински соседи членки на ЕУ и на НАТО. Во услови на воена агресија, украинските соседи, како Полска, Унгарија и Романија, ѝ даваат поддршка на Украина, но, сепак, не е познато дали имаат намера да ѝ го простат за понатаму укинувањето на правата на нивните малцинства кога еден ден ќе биде смирена состојбата. 


Во 2017 година, кога Украина во борбата против Русија го повлече потегот со укинување на образованието на малцинските јазици на нејзината територија, швајцарските медиуми ја обвинија ЕУ дека „ја врти главата од она што се случува во Украина“. Тогаш ѝ беше забележано на Украина, која тврди дека е строго приврзана на европските вредности и сака да стане дел од ЕУ и НАТО, дека ги прекршила правата не само на руското туку и на унгарското и романското малцинство. Таквиот украински потег предизвика жестоки реакции и во Унгарија и во Полска. Во текот на 2017 година Будимпешта стави вето за одржувањето на самитот НАТО-Украина, со што беше достигнат уште еден врв во тензиите меѓу двете земји. Тоа беше одговор од Будимпешта на Киев за тогашниот нов закон за образование, со кој беше укинато образованието на малцинските јазици. Унгарските власти тогаш се заканија и со блокада на Украина за ЕУ. Сепак, во случајот со Унгарија се чинеше дека има шанси за компромис, но кога и да се отвореше истото прашање со Полска, тоа секогаш изгледало речиси невозможно.


Иако Киев и Варшава делат заеднички интерес за одбрана од Русија, старите несогласувања и понатаму знаат да испливаат на површина. Постои историја помеѓу Украина и Полска што говори за страдања на полските војници во текот на 20 век на територијата на денешна Украина. Гробовите на полските војници со децении не се обележени ниту со крст, како ниту оние на жртвите од геноцидот во Волин, каде што настрадале околу 100.000 Полјаци. 


Покрај сите заеднички надворешнополитички интереси, официјален Киев, сепак, не направи чекор да ги обележи гробовите на Полјаците, зашто геноцидот во Волин го направиле токму денешните херои на Украина, Степан Бандера и неговата Украинска востаничка војска (УВВ), военото крило на Организацијата на украински националисти (ОУН). Нацистичките колаборационисти и следбеници на Бандера убиле илјадници Полјаци, главно во регионот на Волин, кој денес е дел од Украина, но пред Втората светска војна бил дел од Полска.


Има две причини поради кои украинските националисти го направиле тоа. Меѓу двете светски војни, Полјаците навистина ги угнетувале Украинците од тој регион, ги принудувале да преминат во католицизам и, воопшто, ги третирале како граѓани од втор ред. Во текот на 1943 година, многу Полјаци од Волин биле симпатизери на Црвената армија, што предизвикало серија колежи и завршило со геноцидот во Волин. 


За официјална Варшава, обожавањето на Бандера е несфатливо. Колежот во Волин е меѓу најлошите ѕверства над Полјаците. Но во учебниците и во јавниот живот во Украина, на Бандера и на неговите следбеници им се придава значење како на херои. Поранешниот полски премиер Лешек Милер отворено констатира дека „’бандеризмот’ станал дел од државната идеологија на Украина, а геноцидните убиства во Волин служат за формирање на новиот украински идентитет“. 


Во историски сложените релации на Украина со нејзините соседи, испреплетени со моменти на сојузништво и непријателство, роднинска блискот и омраза, обвинувањето за силни нацистички елементи во нејзината современа политичка сцена и барањата за нејзина денацификација стануваат тема подложна на медиумско-пропагандна манипулација. Од една страна, се добива впечаток дека оној дел од светот што во овој миг ѝ дава поддршка на Украина е подготвен да ѝ ги прости (дури и да ги заборави) нацистичките инкриминации од минатото, но и да ги минимизира и преформулира неонацистичките појави (како одредот Азов) во овој миг, кога таа е неоспорна жртва на воена агресија. Но, од друга страна, не е извесно дали, и покрај поддршката што во мигов ѝ ја даваат, соседите (како Полска) се подготвени да ги повлечат своите причини за денацификација на Украина, само зашто и Русија го бара истото тоа. Останува непознато дали и другите соседи ќе се откажат понатаму од барањето права за нивните малцинства во Украина, зашто прашањето за правата на руското малцинство е еден од поводите за „специјалната воена операција“ на Русија. Се чини дека денацификацијата на Украина се претвора во услов што може да го запре, но и да го прошири руско-украинскиот конфликт.


Коментари
Нема коментари.
 
Архива