портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонски интеграции - има алтернативи ама нема подобра замена за ЕУ
март 2013
Гоце
Трпковски
Русите веќе не функционираат на тој начин, не ги интересира геополитичкото влијание и создавањето сојузи, туку само енергетското, гледаат што повеќе енергенси да извезат и тука завршува нивниот интерес. Кина, пак, е уште помалку заинтересирана за геополитика од Русија, особено кога трговските интереси и` се задоволени.


Соработката со Истокот е голем неискористен простор, политички поради неговата слаба заинтересираност да го шири своето влијание наваму, а економски поради нашата 90-отстотна ориентираност на извозот кон Европа, па за тој да ни стане главен партнер ќе треба да поминеме многу подолг пат отколку оној кон Европската унија, и тоа да почнеме речиси од нула.

Темата што ретко се отвора кога е во прашање високата поддршка за европските и за евроатлантските аспирации на Македонија и покрај тоа што четири години по ред се соочуваме со вето (многу анкети покажале дека над 90 отсто од граѓаните се за зачленување на земјата во ЕУ) е желбата за реафирмација на државниот суверенитет, пред се` кај Македонците. Од формален аспект, не постои никаква разлика меѓу нашата држава и, на пример, Велика Британија, или Чиле, или, пак, Непал. Сите тие се независни држави, членки на Обединетите нации, кои самите си се управуваат и решаваат со кого ќе соработуваат или ќе се врзуваат. Од друга страна, Македонија е истовремено сегашна држава, но и бивша, според меѓународното име. Земја со свој народ, чие право да се смета за посебна нација е оспорувано.

Држава со своја територија, од која други сакаат да земат дел (за жал, тоа го видовме дури и во предизборната реторика на една владејачка партија, ДУИ). Сето тоа создава едно необично чувство на „недопризнаеност“ кое што се смета дека може да се надмине со членство во Европската унија. Таа би обезбедила чувство на рамноправност на македонската држава со германската, француската, шведската и со другите. Професорката Билјана Ванковска, на пример, зборува за нашето национално чувство на отфрленост, бидејќи, како што вели, Македонците секогаш биле „сирачиња“, особено во времињата кога се создавале националните држави на Балканот.

Лидија Димова, директорката на Македонскиот центар за европско образование, образложува дека ЕУ обезбедува опстанок на државите на две нивоа и за тоа не може да се најде супститут.Унијата го гарантира идентитетот, и националниот и европскиот. Глобализацијата е најголемиот непријател на националниот идентитет, но во ЕУ тој е заштитен. Затоа се многу чудни и контрадикторни тврдењата што повремено се појавуваат овде, а понекогаш доаѓаат и од самата Влада, дека зачленувањето во ЕУ може да го загрози нашиот национален идентитет - додава Димова.

Какиви се` сојузи има

Структурно и организациски, не постои друг меѓународен сојуз како Европската унија, или сличен на неа, во кој што Македонија би можела да припаѓа. Најблиска по формата и` е Африканската унија, сличен модел на интеграција се подготвува и во Јужна Америка, но не само што тие организации се се` уште далеку од степенот на интеграција постигнат во ЕУ, туку нема никаква географска логика да бидат на нашиот радар. Источно од ЕУ (и релативно блиску до нас) постои Заедницата на независни држави, која обединува девет поранешни членки на СССР, без балтичките земји и Грузија, со Туркменистан како набљудувач и со Украина како неформален, но активен член. Но тоа е лабав сојуз со неразвиена структура, и служи за политичка соработка без економско поврзување.

Економскиот пандан му е Евроазиската економска заедница, која е царинска унија меѓу само пет од деветте членки на ЗНД. Со векови веќе опстојува идејата и за пансловенска унија, но, како што потенцира Ванковска анализирајќи ја оваа идеја во списанието „Руска реч“, мора да се признае дека словенските држави одамна не се чисто словенски. Освен тоа, додава таа, Словените развиле сосема различни културни матрици, политички и други традиции, па според тоа може да се заклучи дека словенството не може да биде доволно здрава основа за сојузништво во 21 век.

Но од чисто политички аспект, дали ни е потребен сојуз што е структуриран на овој начин? Овде може да се потсетиме на одлуката Нобеловата награда за мир во 2012 година да и` се додели токму на Европската унија. Тоа беше дочекано со негодување, дури и со потсмев, поради дискутабилниот придонес на ЕУ кон светскиот мир. Но образложението беше многу јасно - унијата го претворила европскиот континент во подрачје во кое вооружените конфликти меѓу државите се невозможни.

Со сведувањето на границите на административни линии (како да се општински, а не државни) ЕУ ги прави беспредметни барањата за територијални решенија на етничките проблеми, кои што биле извор на тензии и на конфликти во минатото (големоунгарските амбиции, обединетото кралство на Холандија, тиролското прашање, Германците во околината на матичната земја и многу други). Кој е најголемиот проблем на Балканот, вклучително и на Македонија? Токму тој.

- Од целата Европска унија, ние гледаме само кон кешот. Но него можеме да го оставиме настрана за момент и да се сконцентрираме на постигнување на високите демократски стандарди, почитувањето на човековите права и меѓунационалниот соживот. Тоа е вистинскиот ќар што можеме да го имаме од ЕУ - вели професорот Стево Пендаровски.

Геополитичка воздржабност на истокот

Од друга страна, од малку попрактичен аспект, се наметнува и прашањето дали строгата структурираност (со уинифицирани стандарди за се`) овозможува поразвиените и подобро организираните држави да ги наметнат своите вредности, или пак своите интереси врз другите. Познавачите и овде и` даваат предност на ЕУ, нагласувајќи дека, за разлика од други сојузи, во неа доминацијата на суперсилите е помалку изразена.

- Нормално е дека големите држави имаат поголемо влијание, затоа што имаат и поголема одговорност. Но самата ЕУ, со начините на донесување одлуки (двојно гласање) истовремено оневозможува и големите сили да се наметнат над другите, како и малите држави да се сојузат против најсилните - објаснува Димова.

Ванковска во „Руска реч“ ја потенцира и потребата од поголемо билатерално здружување меѓу Македонија и Русија, оценувајќи дека тука има голем неискористен простор. Во оваа смисла, пред се Русија треба поексплицитно да покаже дека за неа Македонија не е слепо црево, како и да се вклучи во медијаторска улога во идентитетските спорови што ги имаме со соседните држави, а со кои таа има традиционални врски.

И многумина други аналитичари излегуваат со коментари дека е потребно поголемо внимание да им посветиме на односите со Русија, Кина, Турција и со другите држави на Истокот. Пендаровски е помалку скептичен, објаснувајќи дека тие не можат да ја понудат политичката заштита што може да ни ја даде ЕУ.

- Дваесет години ниту еден руски политичар не му предложил сојуз на македонски политичар. Ниту на некој друг на Балканот. Затоа што Русите веќе не функционираат на тој начин, не ги интересира геополитичкото влијание и создавањето сојузи, туку само енергетското, гледаат што повеќе енергенси да извезат и тука завршува нивниот интерес. Кина, пак, е уште помалку заинтересирана за геополитика од Русија, особено кога трговските интереси и` се задоволени - вели Пендаровски.

Една десеттина неевропски извоз

Штом истокот го интересира само економијата, тогаш треба да се обидеме да го искористиме за нашиот економски развој, за поголем извоз на наши производи, на пример. Многумина ја заговараат и оваа опција, не само академските кадри, туку и стопанските комори, како и властите. Во неодамнешно интервју за агенцијата МИА министерот за земјоделство Љупчо Димовски се пофали за зголемениот извоз на нашите производи во Русија и во Кина, пред се` на македонското вино, укажувајќи дека тоа се пазари со голема апсорпциска моќ и со повисоки критериуми за квалитет, па затоа и во иднина би требало да им се обрне доследно внимание. Многумина покажувале и сомнеж во нашата способност за освојување т.н. трети пазари, на пример професорот Ванчо Узунов има истакнато дека за такво нешто треба да произведуваме големи серии стандардизирани производи, а такво нешто не се прави во нашето стопанство. Мислењата се различни, но кои се фактите?

Мошне илустративно се, на пример, податоците на Државниот завод за статистика, според кои во 2012 година 63 отсто од нашиот извоз отишол во ЕУ, 24 отсто во Западен Балкан (како европски ориентиран регион) и само 13 отсто во остатокот од светот. Од целиот извоз вреден нешто над четири милијарди долари, 169 милиони сме извезле во Кина, а само 33 милиони во Русија. Податоците од јануари годинава, пак, покажуваат уште поголемо поврзување со ЕУ - 70 отсто извоз во унијата и 19 отсто во Западен Балкан, со само 11 отсто надвор. Во азиско-пацифичкиот регион сме извезле стоки од 17 милиони долари, а во Заедницата на независни држави помалку од четири милиони. Тоа покажува колкав пат треба да се помине за Истокот да стане вистинска економска алтернатива на Европа. Исто така, тука е и самата структура на увозот на големите источни економии - увезуваат машини, возила, оптички материјали, горива, медицинска опрема, транспортна опрема и друго, додека земјоделските производи, барем засега, се нашиот главен извозен адут.

На крајот, заклучоците би биле дека секогаш постојат алтернативи за Европската унија, но не и квалитетни алтернативи, односно поквалитетни од самата унија. Така е во овој момент, но и на подолг рок.

- На Истокот може да најдеме нешто, но нема да го најдеме тоа што го бараме од Западот - нагласува професорот Пендаровски.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива