портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
ИМПЛИКАЦИИТЕ ОД ПРОМЕНАТА НА ГЕОГРАФСКОТО И ОПШТЕСТВЕНОТО ОПКРУЖУВАЊЕ ВРЗ ИДЕНТИТЕТОТ НА ЛИЧНОСТА
април 2018
Боби
Ивановски
Јас сум Боби Иванов, мотоциклист, кој никогаш не употребува кацига кога се вози низ скопските улици. Освен кога употребувам. Дали неносењето кацига е дел од мојот идентитет? Дали доколку отпатувам во Стокхлом или Копенхаген, или пак се преселам во некој од овие градови и возејќи се на мотор (бидејќи ќе бидам приморан), започнам да употребувам заштитен шлем до крајот на својот живот, дали тогаш дел од мојот идентитет ќе биде неповратно загубен?


Првата супстанција сме ние. Сепак, поради низа социолошки и психолошки фактори, оваа навидум константна и непроменлива категорија, со менување на географското и општествено опкружување, трајно ја "оштетуваме".



Варшавска, накај Коменски, липите на Партизанска, пешачка патека. Улиците низ Тафталиџе кои немаат име, бермудскиот триаголник во Дебар Маало, Градски Ѕид, кулите, плочникот, ГТЦ, стадионот на Вардар! Првата помисла во врска со тоа кој сум, е ова. Убаво, но што доколку ова го загубам? Дали и понатаму јас ќе бидам јас? Можеби во таков случај тавтологијата на исказот јас сум јас ќе добие вистинитосна вредност - невистина и ќе биде контрадикторна тавтологија, колку и да оксиморонски звучи ова. И се разбира, тавтологија е секогаш вистинит исказ, невозможно е да е контрадикторна, но доколку јас заминам некаде, засекогаш, јас ќе станам не јас. И тоа сега ќе го објаснам. Значи, да разјасниме.

Јас сум Боби Иванов, мотоциклист, кој никогаш не употребува кацига кога се вози низ скопските улици. Освен кога употребувам. Дали неносењето кацига е дел од мојот идентитет? Дали доколку отпатувам во Стокхлом или Копенхаген, или пак се преселам во некој од овие градови и возејќи се на мотор (бидејќи ќе бидам приморан), започнам да употребувам заштитен шлем до крајот на својот живот, дали тогаш дел од мојот идентитет ќе биде неповратно загубен? За да одговориме на прашањето "Дали промената на опкружувањето, го менува и идентитетот на личноста", неопходно е да се дефинира опсегот на терминот "идентитет на личноста" или "личен идентитет".

Секој од нас поседува мноштво од идентитети или поточно подидентитети. Потеклото, националноста, семејството, класната или културната припадност, професијата, полињата на интерес и сите останати фактори влијаат врз оформувањето на личниот идентитет. Но повеќе од се, барем така ми се чини, личните ставови или ставовите кои една личност ги гради и изразува врз непосредното опкружување имаат клучна улога. Сево ова е во доменот на факторите кои произлегуваат од нас, од самата личност.

Од друга страна, опкружувањето носи низа фактори, кои влијаат врз идентитетот на личноста, вон нашата воља. Климата, културните навики, легислативата, политичката свест и култура, моралот и многу други фактори кои ја сочинуваат животната околина влијаат врз нашиот идентитет. Поради ова, идентитетот не е избор на личноста, ниту нешто изворно и константно, туку променлива категорија, а до чие вообличување влијаат многу фактори, од кои најголем дел се вон нашата контрола и убедување. Во една статија од февруари 2005-та, на списанието Светска Психијатрија, официјално списание на светската психијатријска асоцијација, се вели дека сложената интеракција во процесот на миграција, културната загуба, културниот идентитет и културното вклопување, заедно со биолошките, психолошките и социјалните фактори, игра голема улога во зголемените стапки на ментална болест кај мигрантите.

Во еден друг меѓународен весник за интеркултурни истражувања, во една статија од 2015-та година, “Развој на идентитетот за време на културната транзиција: Улогата на општествено-когнитивните идентитетски процеси”, професорот Колин Вард пишува дека мигрантите се подготвени да ги приспособат своите идентитети за да одговараат на нивните нови и во тој процес се јавува ризик од идентитетска конфузија. Идентитетот не е нешто кое ќе го понесеме со себе кога ќе одиме да живееме во Нов Зеланд или Хјустон, Тексас, засекогаш. Или пак, голем дел од него ќе биде дел од нашиот иселенички багаж, но тој багаж ќе загуби секаква смисла под удар на новите околности. Таму ќе се соочиме со нова ситуација, нова култура, нов момент, нови вредности, нови полиња на интерес...нов зеланд. "Нова природа". Да, нова природа. Што и да воопшто значи тоа. Колку и да е проблематично, во изговорањето на тој термин "нова природа" да се себепронајдеме, сепак состојбата ќе е состојба на нова – за нас вештачка природа во која нашите лични белези ќе мора да доживеат коренита промена.

Исто како што кога на Берклиевото јаболко би му ја отстраниле слаткоста и убризгале некој друг вкус, тоа јаболко би добило нова, вештачка природа и би го загубило својот идентитет. Можеби погоре изнесеното, неупотребата на кацига возејќи мотоцикл е метафора, но со сигурност, нејзината употеба ќе го смени мојот идентитет, мојата личност. Тереза, главниот женски лик во култната новела на Милан Кундера, “Неподносливата леснотија на постоењето”, вели: Тој што е во странство се движи во празен простор високо над земјата, без заштитна мрежа што на човека му ја овозможува неговата сопствена земја, каде што има семејство, колеги, пријатели и лесно се разбира на јазикот што го знае од детството.

Во филмот Еквилајзер, Дензел Вашингтон, кој го толкува ликот на Роберт МекКол, објаснувајќи го крајот на романот, Старецот и Морето од Хемингвеј, завршувајќи во тој момент со читање и вели на својата млада пријателка: Старецот ја врза големата риба за една страна од бротчето и тргна назад кон брегот. Но, рибата крвареше во морето, дојде ајкулата и ја изеде целата риба и така, освен скелетот, ништо од неа не остана. Младата девојка, слушајќи го тоа вели: Тоа е огромна загуба, стариот рибар залудно се мачел. Зошто едноставно не го откачил скелетот за безбедно да се врати на брегот? Но Роберт вели; зависи како гледаш на тоа. Старецот го гледа својот опонент - ривал (рибата), кога веќе мислел дека одреден дел од неговиот живот е завршен и потрошен. Тој себеси се гледа во рибата. Тој ја почитува рибата толку повеќе – колку што таа повеќе се бори...и така, рибата му ја враќа самопочитта, за која се сомневаше дека ја загубил. Да, но зошто едноставно не ја оставил рибата да си оди, без борба? Забележува неговта млада пријателка. Роберт одговара: Старецот мора да е старецот. Рибата мора да е рибата. Во овој свет, мора да си оној кој што си, без разлика на се – you are who you are.

Интересно е, парадоксално секако звучи, дека оној кој нема што да промени, тој највеќе е подложен на промени. Замислете некој, кој постојано се сели од хотелска соба, во хотелска соба, кој нема перманентна адреса, кој како полжав, својата куќичка си ја носи со себе. Во неговиот свет не постојат идоли закачени на неговите ѕидови, нема никакви ознаки, етикети. Неговиот е еден вид "табула-раза идентитет". Во песната Модро и Зелено, фронтменот на српската рок група Екатарина Велика, Милан Младеновиќ, вели дека себе си од промени ќе се заштитиш само по пат на променa. Впрочем, зарем истото тоа не го заговара и институционалната психологија? Човек се менува и тоа е негова примарна карактеристика. Милан Младеновиќ има маркантен идентитет и всушност промените на неговиот имиџ, појавност, навики, се белег на неговиот творечки идентитет. Музиката која тој ја создава, секако и непосредното опкружување, неговата географска локација, го дефинираат како Милан, фронтменот на ЕКВ, a промените се растење и созревање, но не и промени кои означуваат дисконтинуитет на неговиот личен идентитет.

Секако, има ситуации во кои мора некогаш да отпатуваш и да бидеш отсутен, а баш заради тоа како би знаел каде да се вратиш. Мораш да отидеш во војна и да војуваш, за да си го обезбедиш своето понатамошно постоење. Своето себство. Но тоа е друго, тоа е во ред, тоа е всушност борба за сопствениот идентитет и не е напуштање или дисконтинуитет, напротив. Тогаш, менувајќи ги привремено своите географски координати, ги потврдуваш оние статични и стабилни координати, координатите на твојата супстанца, она што ти си. Ирскиот рок бенд U2, во првите мигови од својата слава, правејќи го својот прв пробив кон славата, влегувајќи на голема врата во рокенрол светот, одлучува да живее и твори во малата Ирска, иако Лондон и Њу Јорк, исто, “ги бара и повикува” и ветува многу побрз успех и погламурозен живот. Но, зошто? Зошто U2 се враќа во Даблин и го бира Даблин за творење и живот? Нивниот одговор е дека тој народ, ирскиот народ, тоа е нивното племе! If the door is open, it isn't theft - You can’t return to where you've never left - Blossoms falling from a tree - They cover you and cover me - Symbols clashing, bibles smashing - Paint the world you need to see - And sometimes fear is the only place - That we can call our home... Cedarwood Road. Ако вратата е отворена, тоа не е кражба - Не можеш да се вратиш онаму од кај што не си заминал - Цветовите паѓаат од дрвјата - Те покриваат тебе, ме покриваат мене - Симболи се судираат, библии кршат - Боејќи се онака како што имаме потреба да гледаме - И понекогаш стравот е единственото место кое го викаме наш дом, Сидарвуд Роуд... Сидарвуд Роуд е улица во Даблин, дрворед, како што мојот Сидарвуд Роуд е дрворедот, липите на Партизанска. U2 се познати космоплити, пацифисти и интернационалисти. Но секогаш го потенцираат своето потекло, всушност, не, не го потенцираат, но сосема нормално го истакнуваат пред и за време на нивните настапи. Лајф Еид – Лондон, 1985, ние сме ирски бенд и ние доаѓаме од Даблин Сити, Ирска...

Ценетиот професор, Ферид Мухиќ, во времето кога беше дел од социјалистичката партија на нашиот познат стопанственик Љубисав Иванов – Ѕинго, ќе рече: онолку сме луѓе колку што сме социјалисти... Jас пак, би си дозволил да речам: Не можеш да си глобал-патриот (пацифист), доколку не си локал-патриот. Еднаш, во еден од моите неврзани разговори, кои вообичаено ги водев со моите авганистански пријатели, додека живеев и работев во нивната пустинска земја, пиејќи чај (на јазик кој беше мешавина од англиски и урду или пашту, како и да е), прашав еден од нив, каде најмногу би сакал да живее? Веднаш ми одговори – тука, дома, се разбира. Не знам дали некој од вас бил некогаш во Авганистан и дали воопшто имате претстава како тоа изгледа? Тоа е пеколот на земјата. Екстремно високи температури, лето и дење, многу ниски ноќе и зима. Прашина, песок, земја, мирис на изгорена гума, мирис на хемиски супстанци, секојдневни напади, жртви. Зољи и узбуни. Сепак, за Авганистанците, тоа е нивниот дом. Тиe не сакаат да го напуштат, освен малцинството кое тоа го сака. Напроти претсавата што ја има западниот човек дека буквално сите од таму, сакаат да дојдат тука, мноштвото Авганистанци, сакаат да си останат дома и да "биваат" она за што се предодредени, она што тие вистински се.  Последниве години, бугарските пасоши кај нас претставуваат "асувајс" за подобор живот за лесен пробив во западните општества. Доколку си купиш бугарски пасош, отидеш во Брисел или Ла Валета, се вработиш, го смениш името, се ожениш за Белгијка или Британка, а при тоа со себе ги понесеш сите свои ставови, вкусови и гардероба, музиката и книгите кои ги сакаш, дали твојот идентитет ќе опстане онаков каков што претходно постоел? Очигледно, тоа нема да биде возможно. Прво, во комуникацијата со државните институции, ти ќе бидеш Бугарин. Потоа, во комуникацијата со сопругата и колегите ќе бидеш ставен во ситуација да ги објаснуваш твоите мотиви за ваквата твоја промена. 

Итан Коен, филмскиот режисер, во врска со својот филм - Сериозен Човек, вели дека целото опкружување каде се одвива дејството е опкружувањето во кое пораснал. Целото тоа миље е многу важно за него. Дејствието се одвива во 1967-ма и во огромен дел е приказ на неговиот правец, неговиот пат по кој ќе твори. Тоа е она кое го привлекува кон секоја приказна која настанува како резултат од неговиот ментален склоп. Местото во кое растеш, вели тој, е дел од твојот идентитет. Во завршетокот на филмот, Lady Bird, главната протагонистка, пишувајќи го писмото на мајка си, откако од Сакраменто, Калифорнија ќе замине на студии во Њу Јорк, и вели дека всушност таа е заљубена во својот град, колку и да го омаловажува во текот на фабулата од филмот. Чувството дека си ја знаеш сопствената адреса и чувството кога авионот треба да се спушти за неколку минути на скопскиот аеродром е непроценлив и оној кој ќе се врати во Скопје, но само на одмор ќе го почувствува истото, но во обратен правец, сакајќи или несакајќи да признае.

Сведоци сме на многу случаји кога ќе видиме некои наши бивши сограѓани кои се надвор од Македонија и веќе долг период живеат на некој друг континент, живеат друга култура. Кога по пет или осум, девет, десет години...ќе ги видиме како конечно дошле на одмор тука, гледаме дека се целосно сменети. Повеќе таа личност не е таа личност. Како што претпоставив погоре во овој текст, идентитетот имa два извори. Едниот е во нас, другиот во нашата околина. Но сосема извесно е, она есенцијалното, круциалното, првата супстанција, сепак произлегува од нас – самите.

Првата супстанција сме ние. Сепак, поради низа социолошки и психолошки фактори, оваа навидум константна и непроменлива категорија, со менување на географското и општествено опкружување, трајно ја "оштетуваме". Во последно време, актуелни се правата за кои се бори таканаречената ЛГБТ заедница, во обид да стекне еднакви права на склучување партнерства и брак, независно од половиот идентитет на единката. По ова убедување сите комбинации се можни: маж-маж, жена-жена, но и маж кој порано бил жена, со друг маж кој исто така порано бил жена, во хомосексуално брачно партнерство кое има намера да посвои и расте дете. Ова, во земја како Холандија на пример е реалност.

Кога размислуваме и говориме за идентитетот, навлегуваме во зона која е толку широка и толку длабока, што може да се разгледува од многу агли и да се донесат стотици различни заклучоци. Сепак, во домен на мојата теза, можам да го заклучам следново: Промената на географската средина, несомнено значи и промена на културното опкружување. Промената на тоа опкружување значи и промена на релациите на личноста кон општеството и останатите индивидуи и групи. Токму оваа промена, промената на и во односите е клучниот фактор кој влијае врз промената на идентитетот на една личност.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива