портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Анатомија на постапките на ЦИА - Македонија ќе плаќа за туѓи грешки
февруари 2013
Александар
Србиновски
Хари Костов: ...Знам дека американските власти конечно го ослободија г. Ел Масри без никаков надомест за неколкуте месеци поминати во притвор. Разбирам дека целиот овој случај со г. Ел Масри беше грешка. Но тврдам дека тоа не беше грешка на Македонија и тврдам дека од македонска страна немало никакви намерни прекршоци“...

      


Еден од водечките американски дневници „Вашингтон Пост“ имаше публикувано статија во која имаше направено хронологијата на настаните во врска со несреќниот Германец со либанско потекло, сега и судски поврзан со Македонија, каде беа изанализирани сите пропусти и пукнатини во работата на ЦИА околу конкретниот случај. Ако добро се прочита во она што е напишано таму во статијата и лаик ќе заклучи дека сега вие (Македонија) ќе одговарате финансиски за нешто за што само сте соработувале и ништо повеќе, објаснува Мајк Бечер професор на катедрата на Универзитетот на Оклахома кој инаку е експертот во областа на безбедноста и глобалниот тероризам.

Тој верува дека случајот Масри, ако воопшто се докаже не е изолиран предмет туку тој е дел од едно поголемо јато на логични промашувања, кога се работи под голем притисок а разузнавачите си имаат работа со терористи – едни од најопасните луѓе и организации на светот.

Експертот е дециден дека ваквите грешки за кои има индиции дека зад нив стои ЦИА, се направени во период на една хаотична ситуација и притисокот врз агенцијата по реалниот неуспехот да се спречат нападите врз САД (9/11).

 Сигурен сум дека случајот, исто така, во кој по грешка е нарушен меѓунариодниот имиџ на еден американски сојузник како Македонија, покажува колку е тешко да се исправат грешките во системот што за жал мора да функционира во најстрога тајност, истакнува Бечер.

Професорот напоменува дека не е тајна дека ЦИА, во соработка со други разузнавачки пријателски агенции, уапсила најмалку 5.000 луѓе, вклучувајќи и неколку клучни лидери на Ал каеда, и се обидува преку нив да ги разоткрие терористичките мрежи кои им се закануваат на сите оние кои се во меѓународната коалиција која се бори со глобалниот тероризам. Па природно е да се верува дека е невозможно е да се открие колку грешки направиле ЦИА и нејзините партнери.

Германците не ја испочитувале војата на Вашингтон

Соговорникот ја посочи сторијата на весникот од 2005-тата година каде се посчува дека во мај 2004 година Белата куќа го испратила американскиот амбасадор во Германија на невообичаена посета на министерот за внатрешни работи на таа земја. Амбасадорот Даниел Коутс носел инструкции од Стејт департментот испратени преку станицата на ЦИА во Берлин, зашто тие беа премногу чувствителни и строго доверливи за да се испратат преку вообичаените дипломатски канали, тврдат луѓе запознаени со пратката. Коутс потоа наводно го известил германскиот министер Ото Шили дека ЦИА по грешка пет месеци држела во затвор еден германски граѓанин, Халед Масри, и оти наскоро ќе го ослободи.

Судејќи по информациите на американскиот медиум, во препораката имало и барање: Германската влада да молчи за се што се случило, дури и ако Масри по ослободувањето проговори. Американските функционери се плашеле да не излезе на виделина тајната програма за ловење осомничени терористи во странство и нивно префрлање во разни земји. Но, тоа очигледно судејќи по развојот на настаните договорот не го испочитувала германската страна.

Пресудата е доказ за неправедната американска безбедносна политика

Клара Гатриџ која е правник по вокација и активист на граѓанско движење во Англија кое се занимава со истражување на правосудните и полициски систем во различни земји и особено работата на американските тајни служби (РЕПРИВЕ), чија база се наоѓа во Лондон, истакнува дека Македонскиот случај за превземање на вината на САД и ЦИА не е едиснтвен во светот, но е едиствен кој има судска завршница.

- Пресудата на Македонија за „случајот ел-Масри“ ако се парафразира е доказ дека полесно е да се удри врз самарот отколку врз магарето, вели Гатриџ.

Таа објаснува дека пресудата е само задоцнета победа, на угнетените невини луѓе кои влегле во филтерот на неоснованата работа на ЦИА и нејзиното самоволие.

Истражителот заклучува дека пресудата испраќа недвосмислен сигнал а тоа е дека во Европа нема бесправен простор во работата на американските служби во нивната работа, како што тие го уживаат тој статус на домашно тло.

Истражителот на РЕПРИВЕ смета дека комплетно правно и морално е осудена Македонија иако за жал таа е само помошник, во целиот процес но сепак нашата држава, според неа, извршила толерирање на непрофесионална работа на американската агенција.

- Индиректно со оваа пресуда врз Македонија, беше нагласена вината врз рамото на американците односно беше оцрнета нивната неправедната државна безбедносна политика, која по нападите од 2001 се откажа од секакво слушање и почитување на меѓународните правни норми. Пред американските судови случајот на Ел Масри доживеа неуспех, оти ним мрачните тајни на државата им се чинеа повредни отколку заштита на правото на праведноста на поединецот. Добро е дека ова е поинаку во Европа, заклучува Гатриџ.

Светски практики за избегнување одговорност за случаи како „Ел Масри“

По нарушувањето на меѓународниот имиџ на државата и изречената казна од 60.000 евра за одговорноста за случајот „Ел Масри“, кој Македонија го изгуби по пресудата на Судот за човекови права од Стразбур, се поставува прашањето како другите држави од светот што го имаат истиот проблем со операциите на ЦИА ја решиле оваа ситуација.

На пресудата за „Ел Масри“ директно чекаа уште неколку други предмети во Стразбур, чии пресуди ќе бидат напишани потпирајќи се на оваа одлука. Дополнително, македонскиот случај може да се интернационализира и да претставува основен документ на кој ќе може да се повикуваат дури лица уапсени за тероризам во затворски комплекс во американската база Гвантанамо на Куба, еднакво контроверзна приказна во светската и американската јавност.

Во незавидна ситуација како Македонија, но со свои предмети, се наоѓаат и други европски држави, како Финска, Данска, Португалија, Италија, Ирска, Грција, Кипар, Германија, Романија, Полска, Литванија и Обединетото Кралство.

Токму на денот на изрекувањето на пресудата за Ел Масри против Македонија во Стразбур беше објавено дека преку вонсудски процес Либиецот Самил ал Сади добил 2,7 милиони фунти како отштета за тоа што во 2004 година бил киднапиран во Хонгконг и бил предаден во рацете на тогашниот либиски режим на Муамер ел Гадафи, кој како дисидент потоа бил држен во затвор со години.

Официјален Лондон најпрво одрекувал одговорност, но кога се видело според најавите дека евентуално ќе треба да се плати отштета поради основа за поднесување тужба против државата и тајната полиција МИ-6, која имала свој дел во операциите на ЦИА и противзаконското апсење, Британците се одлучиле да изнајдат формула и преку вонсудски договор да го избегнат нарушувањето на државниот имиџ.

Иако по падот на режимот на Гадафи биле најдени официјални документи, кои говорат за работата на англиската и на американската служба во случајот за Ал Сади, по исплатата на оштетата најверојатно во јавноста никогаш нема да се знаат точните детали околу приказната на Либиецот.

Италија, пак, од друга страна, својот проблем го решила со префрлање на одговорноста на страната на американската централна служба. Судот во Рим во исцрпувачки процес изрекол затворски казни, изречени во отсуство на 23 агенти на ЦИА. Американците биле осудени за киднапирање на египетскиот имам Абу Омар во Милано во 2003 година.

На судењето во 2009 година била донесена пресуда против 22 агенти и еден пилот од американското воено воздухопловство. Сите биле осудени на 5 години затвор, а Роберт Селдон Лејди, кој, според обвинителството, бил шеф на канцеларијата на ЦИА во Милано, бил осуден на 8 години. Овие оперативци на ЦИА, кои, за жал, никогаш не се предадени во рацете на официјален Рим, треба да му платат отштета од 1,5 милион евра на Абу Омар. Судот во Италија во почетокот на процесот побарал судење и на поранешниот началник на италијанската разузнавачка служба за воена безбедност (СИСМИ), Никола Полариј, и на некогашниот шеф на операции Марко Манцини, кои за време на процесот биле ослободени од вина, иако државниот обвинител за нив барал затворска казна од 12 и 10 години.

                                                                           *     *     *

Случајот со Калед ел-Масри беше грешка, ама тоа не беше грешка на Македонија. Ова во својата изјава во својство на сведок го кажа Хари Костов, поранешниот министер за внатрешни работи на Македонија, за време на чиј мандат и се случи оваа афера. Случајот за Македонија заврши на крајот од минатата година со пресуда против државата и казна од 60 илјади евра во корист на Ел Масри.

Интегралната изјавата која ја даде Хари Костов за судот во Стразбур:

На 4 март 2010 година Хари Костов, македонски министер за внатрешни работи од ноември 2002, а од мај до ноември 2004 година премиер, даде писмена изјава, заверена од нотар, во која тој наведува:

„Апсењето на Калед ел-Масри се случи за време на мојот мандат како министер за внатрешни работи, во декември 2003 година и јануари 2004 година. Македонските агенти кои припаѓаат на УБК, постапувајќи под моја надлежност како министер и под директен надзор на тогашниот директор на УБК, беа ангажирани во апсењето на еден човек кој патувал со германски пасош под името на Калед ел-Масри. Г-дин Ел Масри се обидел на 31 декември 2003 година од Германија со автобус да влезе во Македонија. Македонски полициски службеници го запреле на граничниот премин со Србија, Табановце. Полицијата се сомневаше дека неговиот идентитет е лажен. Нашите агенти од УБК ги информираа колегите разузнавачи од САД кои информираа дека лице со таков идентитет е осомничен за вмешаност со исламски тероризам. Македонија доби валидна меѓународна потерница од САД за г-дин Ел Масри и официјално барање овој човек да се задржи. Постапувајќи по ова барање на САД, македонската Влада се согласи да го задржи г-дин Ел Масри се до предавањето на американските власти за понатамошно испрашување.

Како министер за внатрешни работи бев информиран за активностите на УБК кои беа овластени за тоа од самиот почеток, иако јас не бев вмешан на оперативно ниво. Јас ја одржував врската со американските колеги во име на македонската Влада.

Г-дин Ел Масри беше задржан на одреден период во Скопје, на тајна локација, без инциденти и под постојан надзор на агентите на УБК. Тој не беше никаква закана за Македонија, не беше од никаков разузнавачки интерес за Македонија. Ако одлуката за неговото приведување беше наша, тогаш ние сигурно ќе го ослободевме. Сепак, ние постапувавме по налог на нашите американски колеги, кои посочија дека ќе испратат авион и тим од агенти на ЦИА што од Македонија ќе го преземат г. Ел Масри и ќе го одведат надвор од земјата. Како што минуваше времето, им посочив на американските колеги дека треба да го преземат Ел Масри што е можно побрзо. На 23 јануари 2004 година г. Ел Масри на скопскиот аеродром беше предаден на тимот на ЦИА и пренесен надвор од Македонија со авионот на ЦИА.

Целата операција од македонска страна беше темелно документирана од агентите на УБК. Оваа документација се чува на безбедно во Министерството за внатрешни работи на Македонија. Додека бев министер за внатрешни работи, оваа документација не беше уништена.

Неколку дена по предавањето на г. Ел Масри го добив конечниот извештај за работењето на вработените во МВР во овој случај. Колку што се сеќавам во тој извештај беше наведено дека во овој случај Македонија постапила стриктно според условите на легитимната меѓународна потерница за г-дин Ел Масри. Македонија дејствуваше според своите закони и процедури за регулирање на активностите на Министерството за внатрешни работи.

Како партнер во глобалната коалиција за борба против тероризмот, статусот на Македонија, по оваа акција, беше зајакнат. Нашите американски партнери изразија голема благодарност за справувањето на Македонија со ова прашање.

Знам дека американските власти конечно го ослободија г. Ел Масри без никаков надомест за неколкуте месеци поминати во притвор. Разбирам дека целиот овој случај со г. Ел Масри беше грешка. Но тврдам дека тоа не беше грешка на Македонија и тврдам дека од македонска страна немало никакви намерни прекршоци“.

Во тајните префрлања на осомничени за тероризам на ЦИА помагале 54 земји

Во операцијата за тајните префрлања на лица осомничени за тероризам, што ја спроведе ЦИА, во рамките на „војната против теророт“ - по 11 септември 2001 година, учествувале преку 54 земји од разни делови на светот, вклучувајќи и многу од Европа, пишува „Гардијан“ повикувајќи се на извештајот на американската хуманитарна организација „Оупен сосајати џастис иништив“ (ОСЈИ).

Тоа значи дека во „тајните летови“ со осомничени за тероризам, во кои ОСЈИ вели дека се прекршени правото и човековите права, бидејшќи сите се уапсени и притворени без обвинување и чувани во затвор без судење, биле вклучени дури една четвртина од владите во светот.

Според оваа хуманитарна организација, ваквото сознание покажува дека ЦИА не можела самата да иаведе една ваква операција, без знаење и поддршка на тогашната американска администрација.

Претставник на ОСЈИ изјави за лондонскиот весник дека е јасна одговорноста на администрацијата на претседателот Џорџ Буш, но дека одговорноста не оди само на сметка на САД, туку и на сите странски влади кои на еден или друг начин биле дел од операцијата.

Во својот објавен извештај, хумианитарната организација зебалежува дека не станува збор само за влади какви што се оние во Пакистан, Авганистан, Египет и Јордан, каде имало скриени затвори и каде е применува тортура за да се добие признание, туку влади на држави како Ирска, Исланд и Кипар кои го дале својот воздушен простор за плетување на авионите на ЦИА, како и аеродромите за техничко слетување.

Во операцијата Канада не дозволила прелетувања преку нејзината територија, но таа учествувала со давање корисни информации за операцијата. Многу европски земји бил дека од „тајните летови“ а некои земји, како Полска, Романија и Литванија дозволиле на нивните територии да има тајни затвори. Само Франција, Холандија, Унгарија и Норвешка, како и Русија, не биле дел од операцијата.

Извештајот се појави во САД токму на денот кога почна сослушувањето на Џон Бренан, кандидат на претседателот на САД Барак Обама, за нов директор на ЦИА.









 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива