портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Месијанска пропаст на Македонија
април 2016
д-р Тони
Науновски
….  во 21 век, со помош на странски шпионски служби сака да биде власт, бескруполозно сеејќи нетрпеливост и омраза кон сите други кои не запаѓаат во нивниот ефтин превратнички филм.



Чувството дека си пратеник од Господ на земјата, во библиска Македонија, дека си овде и сега исклучиво заради тоа да ја извршиш својата мисија, несомнено е длабоко херменевтичко лично искуство. Вистинската интерпретација на зборовите, значењата, пораките, подзатскриените метафори, достапна е само на посветените, на оние кои се допрени од божјиот дух или рака на месијата, пратеникот господов на планетата. Ние непросветлените, кутри души, може само да веруваме, Тертулијански, на вдахновеноста и аподиктичноста на се што е искажано од месијата – та, не може секоја скромна душа да ја види вистината, таа е само за избраните, сеедно дали се од Муртински ниви или Синајски гори.

Реално, тежок е тој земски, човечки живот на месиите, на оние кои се тука исклучиво за својата мисија. Се друго станува неважно, небитно. Неважно е дали се возиш во најновиот модел на ауди, или имаш милиони во банки, па животот е толку минлив во споредба со божјите вистини и дела за кои, ете, сте избрани да ги направите, лично од Господ. Какви костуми армани, или чанти луј витон, па на таквите луѓе и леб сув им е доволен, тие се тука само за нивната цел, да ја спасат земјата, Македонија. Ништо не смее да ги попречи на нивниот просветлен пат. Некои такви месијански типови го подарувале сето свое материјално богатство на сиромашните, на други (како Фрањо Асишки) и скинатата наметка им била товар на сопственост.

Месијата не дава одговор на дребни и логични прашања, се е подредено на големата вистина. Холистичката визија е исклучива, таа не трпи подробности и прецизни прашања за некакви конкретни аспекти. Есхатолошката приказна, кога ќе се случи, ќе биде спасението на сите и секого, што па сега ќе се поставуваат прашања за иманентните контрадикции на таа визија. На пример, прашањето дали месијата ќе делегира дел од својата власт на други и кои ќе бидат тие други, да не бараат тие нешто за учеството во проектот самоиронично наречен спас за Македонија? Каква двојазичност, какво редефинирање на изворите на политички легитимитет кој досега беше лоциран кај Македонскиот народ, ако некој бара (на пример ДУИ) во вистинската Македонија сега етничките заедници да го даваат легитимитетот, па и тоа може, ништо не е поважно од целината, Хегелијански кажано („Вистината е целина“).

На месиите, среде месијанскиот занес, не им е додуше јасно дека позади сета оваа грозоморна реалност се наоѓа и поширок геополитички контекст, дека можеби се инструментализирани откако некој го идентификувал месијанскиот комплекс кај таквите.

На месијанските митинзи има толку многу странски знамиња, туѓи јазици, психотични врескања на остарени и озлогласени луѓе. Накратко дури и му успеа да ги инструментализира автентичните граѓански движења кои од разни причини се незадоволни од определени политики на власта. Но, нема рационална презентација на алтернативни политики и решенија, само понижувачко објавување на приватни телефонски разговори од сомнителни мафијашки типови на луѓе кои се во бегство пред правосудниот систем на РМ.

Месијански е да ги знаеш сите разговори на сите оние обични луѓе во твоето небеско-земско царство – па ете го одговорот од каде десетици илјади снимени приватни разговори, плус подложени на обработка (доработка), можеби и лично од месијанската рака. Не десетици илјади, ма стотици илјади, милиони, за секој и секого мора се да се знае, во најдлабока приватност, за да се биде сигурен дека големата вистина ќе остане цела, недопрена со критика од било каков вид. Море, и приватност нема, како можат слугите божји и месијански да имаат приватност, кога иднина светла им се случува, планира. Каков Орвел, голем брат, животински фарми, тоа е за земските царства, не за небесните како Македонија во иднината. Некој го спомна Попер, Устав, закони?! Ма сето тоа се веќе само бледи реминисценции на времињата кога на земјата македонска не газеше лично тој, месијата.

Крв ќе се лее?! Па, вистината се случува, секоја жртва е толку бесмислена од Олимпот  т.е. нивите на месијанската личност. Отозгора тој гледа само суштини, не досега неговиот поглед до улиците реални и капките крв. Не го гледа ниту Идризово, оти на ова парче земја Македонска и таму завршуваат некои, плус на буништето на историјата. 

И, после се. После ова ефтино шпионско сценарио, толку погубно за Македонските национални и државни интереси, преисполнето со ужасни последици кои веќе практично и доведоа до отворено уништување на правната држава, па дури и почеток на класична Хобсовска состојба, предполитички ситуации во социо-економската и политичка сфера. После се, зарем може да се замисли месија навистина да биде Премиер на РМ?! Што ќе дочекаме ние обичните смртници Македонци кога реалност ќе станат неговите ставови за виткање на рбетот пред антицивилизациското барање на политичките елити на Грција за наше идентитетско обезличување и национално-историски анихилирање. Потоа, за „јадење живи луѓе“, односно безобѕирниот политички реваншизам кон неговите неистомисленици, што патем кажано неговите медиумски загари долго време веќе го најавуваат сосема отворено и сериозно. Понатаму, ставот дека била грешка коалицијата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Кичево и Струга за локалните избори односно дека на СДСМ не му личи патриотизам. Исто така, евидентната соработка со ДУИ (им прават тука проблеми некои чауши за пари) и додворувањето кон ДПА, на кои којзнае што им ветува за да направат нова влада (федерализација, целосна двојазичност, консензуален претседател?!). Тука некаде по своето негативно значење се и оние т.н. соросоиди околу него, како и толку веројатното очекување на странците „чадори“, да го смени името за брз прием на РМ во НАТО во контекст на геополитичките случувања со Украина, Турски тек итн.,итн.

Но, наспроти месијанските фрустрации, можно е враќање на политичката и правна рационалност во РМ. И таму, пред институциите на системот, ќе завршат оние кои навлегле во ефтини шпионски сценарија. Нивниот очај кој долго време блика од сите нивни заканувачки зборови и недемократско политичко однесување се обидуваат да го прикријат со лажен триумфализам позади кои се наоѓа помислата дека токму така и ќе биде. А очигледно им е на сите рационални луѓе во РМ дека токму на нив им истекува времето, на таквите „политики“ и нелегални, дури и криминални методи за превземање на власта, валкани политички игри во недостаток на решенија за економско-политичките и општествени проблеми на нашето Македонско денес и овде. Незаконски прислушувани разговори за сериозни луѓе, без месијански комплекс, немаат никакво значење дури ниту во политичка смисла, а камоли законска; оттаму, бесмислено е сериозно да се третира „бомбастична“ содржина на некакви шпионски конструкции и симулакруми со помош на современите технологии.

Да бидеш црпнат од својата татковина, земја, милениумски сукцесивитет кои објективно те создал како личност, сигурно е мачно. Да се откинеш од сите тие суштински, толку сложени безбројни нишки кои те поврзуваат со својот корен без кои си обично ништо во светот и животот, е незамислива агонија. Да се направиш себеси инструмент на некои „повисоки од надвор“ во поставена функција против демократските принципи и практики, мора да е ужасно болно за својата совест. И кога ќе се соочиш, по многу самозалажувања, дека црпнатата визија е пред објективен крај, останува само бес, кој на крајот се свртува против себеси во легалистички контекст. Го дознаваме со секој ден тоа. Ние Македонците денес само треба да го откриеме каузалниот ред на настани кои кулминираат во избивање на нивната невроза, а потоа да преминеме во забавно истражување на светот на политичките фантазии на пациентите црпнати.

Историска вина во долгата, вечна Македонска историја за овој несреќен политички случај ќе имаат оние што на ваков нелегитимен, недемократски начин државата и Македонскот народ ги истрауматизираа со страв дека некој насилно, во 21 век, со помош на странски шпионски служби сака да биде власт, бескруполозно сеејќи нетрпеливост и омраза кон сите други кои не запаѓаат во нивниот ефтин превратнички филм.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива