портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Гвантанамо, цензура, “окупирај го Волстрит“...
ноември 2012
Мирче
Адамчевски
 Поглед во Извештајот на руското МНР за човековите права во САД

Од девет основни документи за човекови права, Американците имаат прифатено само три конвенции, за кои се предвидени контролни механизми. Таквата состојба со работите е спротивна со претензиите на САД да бидат во улога на глобален лидер во делот на заштита на демократските вредности и ни демонстрира активна примена на двојни стандарди од страна на американските власти, велат Русите.

 




Ситуацијата со почитувањето на човековите права во САД предизвикува сериозна загриженост кај меѓународната заедница, невладините организации во САД и во медиумите. Вака во една реченица руското Министерство за надворешни работи ја сублимира содржината на неговиот  извештај „За ситуацијата со почитувањето на човековите права во САД”. Мачење во затвори, педофилија, трговија со луѓе, силеџиство врз децата, цензура, трговија со луѓе...тоа се само дел од списокот на проблемите со човековите права во САД, а кои се набројуваат во извештајот. Спомнати се многу гревови на Американците, почнувајќи од проблемите  со затворот во Гвантанамо, преку односот на полицијата, интернет цензурата, слободата на изразување, па се до движењето „Окупирај го Волстрит”.

Според руското министерство, Извештајот е правен врз основа на проверени информации од авторитетни меѓународни и американски извори. Тој е надополнет со факти за многубројни проблеми, во тие рамки и системски, со кои се судрува американското општество во сферата на почитувањето на човековите права

Најнапред, во Извештајот се вели дека САД немаат ратификувано низа меѓународни документи, кои се однесуваат на човековите права. Од девет основни документи за човекови права, Американците имаат прифатено само три конвенции, за кои се предвидени контролни механизми. Па оттука и констатацијата на авторите на Извештајот дека „Таквата состојба со работите е спротивна со претензиите на САД да бидат во улога на глобален лидер во делот на заштита на демократските вредности и ни демонстрира активна примена на двојни стандарди од страна на американските власти. Оттука и потребата за усвојување на активни мерки за решавање на постојните големи проблеми во сферата на човековите права во согласност со меѓународните обврски на САД”.

На над седумдесетина страници во 16 поглавја на Извештајот, се разместени руските видувања, составени, како што се тврди, врз основа на податоци од американски и меѓународни извори, со конкретни факти за непочитувањето на човековите права во САД. Па така се нагласува опасната тенденција на засилување на расизмот и ксенофобијата. Потврда за тоа е констатацијата на американските правозаштитни органи, за постојано зголемување на бројот на екстремни групи и дела направени врз расна и религозна почва или национална нетрпеливост.

Што беа тоа работнички права?

Не помалку загрижувачка е и ситуацијата со полицијата. Според американски НВО, ориентационо, еден полицаец од сто учествувал во криминални злоупотреби. Било да се работи за сексуално вознемирување, развратни дејства, силувања, меѓу кои и малолетни. Има случаи кога  недоличното однесување на полицајците доведуваат и до смртни случаи. А само околу 30 проценти од нив се осудуваат за направените работи. Има многу жалби од учесниците во протестни движења против социјалната нерманоправност. Пример, имало жалби за прекумерна примена на сила од страна на полицијата врз учесниците на протестното движење „Окупирај го Волстрит”.Во јануари 2012 година, во Окленд биле уапсени 400 луѓе, по обвинение за вандализам и одбивање да се разотидат. Логорите на  учесниците на  „Окупирај го Волстрит” биле ликвидирани со сила во Њујорк, Бостон, Денвер, Балтимор, Сан Франциско, Лос Анџелес, Филаделфија, Вашингтон и во други градови на САД.

Авторите на извештајот пишуваат дека во САД годишно околу 200.000 мигранти и жртви на трговија со луѓе се затвораат на различни временски казни. Има случаи за насилно терање на мигрантите да работат од 16 до 24 часа во денот. А, да не се зборува за сексуалното насилство врз нив. Посебна тревога предизвикува големиот број на смрттни случаи меѓу мигрантите кои се обидуваат  да влезат во САД илегално. Во САД има 12,8 милиони невработени,  40 милиони Американци немаат медицинско осигурување. Недостиг од храна е забележан кај 14,5 проценти од семејствата. Во земјата е крајно ниско нивото на животниот стандард кај домородното население - Индијанците, дури има знаци на економска сегрегација.

Системот за заштита на правата на работниците да се обединуваат во синдикати и да склучуваат колективни договори во САД е најслаб во светот. За последните 10 години САД немаат ратификувано ниту една конвенција на Меѓународната организација на трудот. Заедно со тоа во земјата широко е распространет системот на лобизам, која главно дејствува во полза на крупниот бизнис. Според мислење на американски експерти, се вели во извештајот, тоа во суштина е легална форма на корупција, која што негативно влијае врз спосоебноста на САД да се спротивстави на многубројните кризни појави во економската, политичката и социјачлната сфера од животот.

Посебна нагласка во Извештајот е дадена на слободата на зборот и на медиумите, како и на достапот до информации за работата на владата.Па се вели: Меѓународните рејтинг агенции во 2012 година значително ја намалија оценката за нивото на слободата на зборот. Тоа е последицца на крајно жестоките мерки преземени од страна на полицијата против новинарите, кои известувале од протестните манифестации, неугодни за американската администрација.

Новинарите се засегнати и од натамошното затегнување на законодавството во областа на средствата за јавно информирање, со што се намалуваат нивните права. Не се ретки случаите кога новинарите ја губат својата работа поради своите „политички некоректни” искажувања.

Се споменува во Извештајот и интернет цензурата. Американската администрација, се вели, прибегнува кон посреден притисок врз компаниите кои во САД одговараат за веб-содржините. Па така, од јули до декември 2011 година само на адреса на „Гугл” од страна на американските државни структури се испратени за 103 проценти повеќе барања за отстранување на содржини, отколку за истиот период претходната година. Од 2004 до 2007 година количеството на електронски содржини, прегледани од страна на американските специјални служби, се зголемило за три илјади насто!

САД - најголем затвор во светот

Има мношто критика и во поглед на смртната казна, која се уште се извршува во 33 американски држави и на  системот за казнување. При ова се соопштува дека САД се најголемиот затвор во светот со околу 2,2 милиони затвореници. Секој 99 жител на таа земја е во затвор. Над 60 отсто од затворениците се претставници на расни и етнички малцинства.

Следењето на лицата со подруго мислење и потенцијалните терористи во САД се заостри по настаните од септември 2001 година. Специјалните мерки што беа преземени тогаш, како и актите од типот на „Патриотскиот акт”, речиси им дадоа одврзани раце на специјалните служби да прават што сакаат. Па така, во Извештајот пишува дека денешното американско законодавство им дозволува на разузнавачките служби да ги прави целосно проѕирни сите електронски комуникации на странците и на Американците без судска наредба. Во 2011 година американските правозаштитни органи упатиле над 1,3 милиони барања за откривање на информации за телефонските повици на претплатниците на мобилната мрежа. Посебно ранливи се правата на странците, кои можат да бидат објект на електронско набњудување, дури и без некоја основа да се претпостави дека тие се вклучени во каква било криминална активност. Сериозна загриженост се искажува во поглед на рстењето со геометриска прогресија на базата на податоци од ФБИ со примероци на ДНК.

Круна на Извештајот претставуваат тврдењата и податоците за неселективна примена на сила во зоните на воени дејства, потоа програмата за „отстрел” на поединци, па киднапирањето на луѓе, тајните затвори на ЦИА и примената на мачење врз нив. Па така од 117.000 загинати во Ирак до август 2012, 14,7 илјади лица биле убиени од силите на меѓународната коалиција предводени од САД и најчесто како резултат на воздушни удари и беспилотни летала. Во Авганистан ситуацијата е иста, но таму посебна загриженост, предизвикува продолжувањето на практиката за убивање на лица осомничени за тероризам со беспилотните летала. Ова, според мислењето на меѓународните правозаштитни организации преставува казнување без судење или чисто убиство.Истото се однесува и за Сомалија и за Јемен. Многу ретко има случаи виновниците да бидат обвинети за кривична одговорност.

Секако во Извештајот неизбежни се и киднапирањата и тајните затвори на ЦИА. Па се вели дека како и досега, не е решен проблемот со нив, при што се посочува дека такви затвори имало во Полска, Аганистан, Ирак, Тајланд, Мароко, Џибути, Романија и во Литванија. Се споменува и извештајот на швајцарецот Дик Марти. Но, се додава дека лицата одговорни за овие кривични дела се заштитени од органите на американското правосудство. На тој начин се блокираат барањата на киднапираните затвореници на специјалните затвори  поднесени кон американските власти.

И затворот во базата Гвантанамо е посебна тема. Во него денес се наоѓаат десетина затвореници со нарушување на меѓународното право – на неодреден срок и без покренато обвинување. Мерките што се преземаат сега од страна на САД не дозволуваат да се зборува дека американската администрација има намера да го реши проблемот – Гвантанамо.

Од девет основни документи за човекови права, Американците имаат прифатено само три конвенции за кои се предвидени контролни механизми. Таквата состојба со работите е спротивна со претензиите на САД да бидат во улога на глобален лидер, во делот на заштита на демократските вредности и ни демонстрира активна примена на двојни стандарди од страна на американските власти, велат Русите.

(Авторот е новинар со дописничко искуство од Москва)





 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива