портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Петрич: Германија и Австрија го преземаат Балканот во свои раце
септември 2015

Австрискиот дипломат Волфганг Петрич, кој на македонската и на регионалната јавност ѝ е познат од многуте мисии што ги имаше на Балканот во конфликтните 1990-ти години и во постконфликтните 2000-ти, и Франц Карл Прулер, кој како дел од фондацијата „Ерсте“ и претходно на организацијата „Каритас“ веќе две децении активно е ангажиран за Балканот, за време на неодамнешниот виенски самит меѓу ЕУ и Западниот Балкан ги дадоа своите видувања за проблемите и за перспективите на регионот.


 Зад Волфганг Петрич стојат функциите на австриски амбасадор во Југославија додека на власт беше Слободан Милошевиќ, специјален пратеник на Европската Унија за Косово, главен преговарач на ЕУ во преговорите за Косово во Рамбује и висок претставник во Босна и Херцеговина за време на имплементацијата на Дејтонскиот договор. Неодамна пензиониран од активната дипломатска кариера, Петрич се занимава со аналитичка, истражувачка и експертска работа и важи за еден од најдобрите познавачи на Балканот.

Како го гледате балканскиот регион денес споредено со 1990-тите или со почетокот на новиот век, кога бевте многу повеќе вклучен во случувањата?

- Имаше голем ангажман на меѓународната заедница, но во последниве седум-осум години, по почетокот на економската криза, работите се забавија. Причините за тоа не лежат само на Балканот туку и Европската Унија веќе не е фокусирана на него толку многу. Исклучок се само Германија и Австрија, што се покажа и на оваа конференција. Зашто тие сфатија дека тој на многу начини е клучен регион за Европа и за нејзиниот напредок. Што се смени откога јас бев таму? Тогаш мислевме дека можеме да ги решиме проблемите задржувајќи ги во регионот. Но ја имавме Русија како многу кооперативна, не постоеше ИСИС, а сега сѐ е различно. Сега има големо руско мешање, кое не може да се оспори во слободната економија, но факт е дека не станува збор само за економијата, туку има и многу политика во тоа. Важно е дека Германија и Австрија, како и други земји, сфатија дека не може да има значителен напредок само со решавањето на економските и социјалните проблеми, туку и на безбедносните, на односите со Русија итн.

Но дали балканските држави навистина мора да направат единствен избор во кој или ќе се интегрираат во ЕУ или ќе соработуваат со Русија? Не може ли да се имаат двете заедно?

- Апсолутно, јас не сум од оние што велат дека тие не смеат да соработуваат со Русите, Кинезите или со кои било други. Но мора да има фер однос, кој ќе се заснова на европски стандарди, а не на руски или на кинески. Тоа е главниот проблем. Инаку јас не сметам дека само Австријците или Европејците треба да бидат привилегирани, туку секој што сака да инвестира, треба да ја има таа можност. Тоа дури може да води кон здрава економска конкуренција. Но секогаш треба да биде јасно, без никакво сомневање, дека кога станува збор за политичките односи и за интеграцијата, патот е кон Европската Унија.

Каде, според Вас, Балканот напреднал, каде стои во место, а каде назадувал?

- Атмосферата на конфликти што траеше во 1990-тите и сѐ до Охрид мислам дека не е веќе толку изразена. Тука сум оптимист и верувам дека враќањето на војната е исклучено. Луѓето не би го сакале тоа. И ова е огромен напредок. Секако, главен предизвик сега се економијата и желбата на владите да спроведат реформи. Потребни се реиндустријализација, иновации, инвестиции и работни места. Државите треба да утврдат во што се најдобри, за што имаат најсилен капацитет и да вложуваат во тоа. И особено да се потрудат да ги вратат своите иселеници. Ми се допаѓа движењето на луѓето, но тоа не може да биде еднонасочна улица. Луѓето што ќе работат по неколку години на Запад, потоа да можат да се вратат со знаење и со капитал. Сум запознал многу успешни бизнисмени во Германија и овде во Австрија, кои се од регионот, и кога ќе ги прашам зошто не инвестираат таму, велат: „Не, сѐ уште не е време“. И тоа е лош знак што мора да се надмине, а тоа може да се направи само преку реформи, добро владеење и со судство што функционира.

Некои решенија што произлегоа од решавањето на конфликтите се критикувани дека произведоа дисфункционалности во државите, особено Дејтонскиот договор во Босна, но и Охридскиот во Македонија, па се поставува прашањето дали истото ќе се случи и со Косово. Што мислите за ова?

- Деведесеттите години беа време на голем оптимизам. Мислевме дека можеме да постигнеме сѐ што ќе замислиме. За жал, научивме дека тоа не е така. Тоа што се пропушти во договорите беше да се вметнат реформски механизми внатре во нив, па кога состојбата ќе се унапреди, да може да се сменат, а не да се вели „ова е Дејтон и ќе остане за навек“. Но промената мора да дојде однатре. Има недостиг од соработка внатре во земјите. Добро е што заедницата на српски општини во Косово нема да добие извршна власт и со тоа нема да се создаде нова Република Српска. Важно е и во Македонија албанскиот дел да не се гледа себеси како посебна држава, како нешто издвоено. Мора да бидат инклузивни.

Како ја гледате актуелната политичка ситуација во Македонија?

- Бев многу уплашен кога се случија оружените инциденти. Ова е уште еден знак дека на Балканот секој проблем што може да има политичка или етничка димензија мора да се реши брзо и затоа спроведувањето на правото е многу важно.

Што е со политичкиот судир, во кој двете страни како да го гледаат решението преку барање единствен победник, низ изборите?

- На долг рок мора да се смени таа политичка култура. Мора да се создадат ситуации во кои сите се победници. Не може резултатот да се гледа како нула наспрема нешто, во кој или победувате или губите, и нема ништо помеѓу. Тоа е најлошото сценарио и сѐ уште е многу изразено на Балканот. Можеби тоа е дел од наследството од авторитарното минато, во кое имало еден силен лидер и толку. Но политичарите треба да сфатат дека мора да соработуваат, во корист на државата и на граѓаните.

Има мислења дека зад кризата во Македонија е прашањето за името, односно дека се подготвува терен за земјата да биде принудена да се согласи на име што инаку е неприфатливо. Дали е можно ова?

- Не е можно. На мнозинството во Европа, и на државите и на граѓаните, им е јасно дека прашањето на името е скандалозно однесување на една земја-членка. Затоа австрискиот став е дека прашањата што може да се решат во рамките на Европската Унија, треба да се решат така. Но не треба ни политиката во Скопје да ја злоупотребува оваа тема и затоа очекувам ЕУ да се стави во многу посилна улога на посредник отколку досега.

Но и порано било споменувано можното европско медијаторство, па сепак се смета дека тоа би било неизбалансирано, бидејќи Грција е дел од ЕУ. Има ли рецепт во кој ЕУ би имала посилна улога, но не би била пристрасна?

- Ова е многу чувствително прашање и затоа треба да му се пристапи на многу чувствителен и дискретен начин за да се најде европско решение. Двете страни треба да бидат флексибилни, но јасно е дека ситуацијата е асиметрична и оттаму треба поголема поддршка да му се даде на Скопје отколку на Атина.

Мислите ли дека некој сериозно ги сфаќа грчките аргументи, дека постои ризик од иредентизам, кражба на културата и други опасности од една мала држава како Македонија?

- Грција не само што е во Европската Унија туку ЕУ практично ја финансира земјата во последниве пет години. Грција е и членка на НАТО. Каква опасност може да дојде за неа од земја како Македонија? Ова нема никаква рационалност. Но токму поради емоционалната димензија на прашањето, медијацијата мора да биде многу дискретна и исходот да биде позитивен.

Автор: Гоце Трпковски / goce.t@novamakedonija.com.mk      

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=91015835336&id=9&prilog=0&setIzdanie=23561

     

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива