портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
За наследството, минатото и идентитетот
октомври 2012
проф. д-р
Донка Барџиева Трајковска
,,Оној кој го контролира минатото ја контролира иднината; оној кој ја контролира денешнината го контролира минатото“, George Orwell (1984).

,,Археологијата  и археолошката интерпретација на артефактите  ја поставија основата на  криминалниот проект за промена на идентитетот и создавање на лажна слика за континуитет кој неможе да ја издржи научната критика, затоа што не е  научно фундиран туку фабрикуван за потребите  на партиска идеологија со далекусежни последици. Но она што е уште пострашно е фактот што ,,преку партискиот поглед на ВМРО-ДПМНЕ кон минатото“ и (зло)употребата на археологијата и наследството, се подели националното ткиво на македонскиот народ, до степен кој е конфликтен и тешко измирлив.“





Наследството во неговите најразлични изразни форми претставува значајна и влијателна сила во општеството а неговото истражување прерасна во посебна  дисциплина во областа на уметничките и хуманистичките науки позната како херитологија или наука за наследството. Ова особено  е видвливо во процесот на создавањето на  идентитетот  и наследството (како нивна взаемна поврзаност) но  и во  растечкиот интерес за интеграција на наследството во општеството. Наследството, (материјално и духовно) неговата заштита и презентација содржи многукратни значења и игра многукратни улоги во општеството, надминувајќи ја со тоа припадноста кон културата, како негова примарна рамка во која обично се сместува.Од овде не е случајно што во светот одамна егзистираат повеќе интердисциплинарни  студиски области посветени на наследството но истовремено тоа е неодвoив сегмент во проучувањето на други научни области, како што е антропологијата, археологијата, историјата на уметноста, архитектурата, историјата, психологијата, социологијата и туризмот. Секоја од овие области, на наследството  му приоѓа од различен агол на гледање и со различен пристап во однос на неговото значење - од обичен предмет на проучување, преку вредност која може да се оприходи, до политичка активност насочена кон создавање дух на заедништво и поврзување. Но, интересот за наследството не секогаш се движи само во овие насоки, туку  оди и во правец на дешифрирање на неговото мнострано значење и многустрани улоги, па одовде некои проучувачи на него гледаат како  на  сопствено неотуѓиво право на секоја нација, додека за други тоа е конструирано или е  безвремено и им припаѓа на сите.

На различни начини и врз основа на  различни искуства, наследството/а, играат значајна улога  во современото општество почнувајќи од дефиницијата за него и потрагата по идентитетот како централен инкам  преку културниот туризам. Јасно е дека со толку многу различни улоги, значења и појави, наследството тешко може да се смести во една основна терминологија, но исто така не може да се врами  ниту  во одредена концептуална рамка која е критички фундирана. При истражувањето на наследството освен  вклучувањето на  физички, практични и нтелектуални средства,неопходно е да се биде рефлексивен, претпазлив, критичен и имагинативен.Ова од причина што резултатите од истражувањето  се зависни главно од два суштински аспекти - како ја поставуваме нашата истражувачка агенда и како одговараме на практичните предизвици кои директно влијаат на третманот на наследството во општеството,односно на  начинот на неговата презентација и интерпретација, употреба/ злоупотреба.

Национализмот и археологијата

Современите случувања во пост-комунистичката ера поврзани со распадот на  Советскиот сојуз, распадот на СФРЈ и  создавањето на нови национални држави повторно го актуелизира прашањето за  наследството и идентитетот но и за археологијата и национализмот. Врската меѓу археологијата и национализмот е особено значајна и не случајно била и се уште е предмет на релевантни студии од различни аспекти, но доминантно  во однос на нејзината улога  во историското создавање на  националниот идентитет. Една кратка сумарна анализа на досегашните истражувања на релација археологија и национален идентитет, ги открива трите  клучни прашања  со кои се судираат проучувачите.

Едно од најчесто поставуваните прашања  е до кој степен, праисториската и историската археологија помага во создавањето и опстојувањето/негувањето на националниот идентитет, во услови кога одреден простор или област, се уште не бил конституиран како држава? Во овој контекст се посочува примерот на баскијците и бретонците кои  како народи не формирале свои држави.

Второто прашање е поврзано со разгледувањето на взаемната поврзаност на  создавањето на националните држави и  институционализацијата на  археологијата, или во случај на потиснат национализам, формирањето на организации за развој на археологијата и пропагирање на самосвест за постоење на  посебна нација.

Третото исто така  значајно прашање за анализа  е поврзано со откривањето на врските за тоа, кога и зошто се појавуваат  археолошките музеи  и специјализираните студии за археологија и до кој степен нивната појава има  било каква врска со  националистичката идеологија. Друг извор на ,,мрежна“ поврзаност е секако  законодавството, правното нормирање на  заштитата на наследството - кога и зошто се формира, кој период и кои локалитети/места, посебно се заштитуваат и обновуваат.

Тесната врска помеѓу национализмот и археологијата произлегува од концептот на нацијата. Суштината на  идеата на која е базиран политичкиот национализам, најчесто се интерпретира како природен процес на група на луѓе или одредена формација, со природно право да конституираат сопствен идентитет. Одовде по дефиниција, простото постоење на нацијата претпоставува постоење на  минато кое им припаѓа само ним и потреба тоа  да се обзнани и да се пропагира. Голем број на проучувачи  го потенцираат фактот дека појавата на национализмот кон крајот на  XIX век, го конвертираше истражувањето на историјата во патриотска должност, а историјата доби ново политичко значење. Во овој период се  формираат државни институции за  продуцирање на образовани граѓани, чиј легитимен статус во државата опстојува врз база на идентификувањето со нацијата. Овие институции - музеи, нституции за заштита, универзитети - се организирани  и функционираат на политичка територија на националната држава и служат за потврдување на фактот  дека ,,тие ја  поседуваат  таа територија,, врз база на  нивната сопствена историја на нацијата. (Margarita Diaz - Andreu, Timothy Champion). Вака создаваната историја  со цел  да го ,,мапира,, потеклото и да ги истакне посебните  карактеристики  на нацијата и секој поединечен степен на еволуција, претставува затворен круг, бидејќи нацијата истовремено е основа и цел во истражувањата. (Margarita Diaz - Andreu, Timothy Champion)

Национализмот како политичка идеологија во себе содржи и обврска  за јакнење  на националното чувство а во исто време се јавува и како двигател во функционирањето  на државата и нејзините институциии, но сето тоа треба го направи на едно популарно ниво. Во однос на взаемните врски на нацијата и археологијата, особено значајни се согледувањата на Anderson (1991) дека нацијата  не е  измислена само од одредена група националисти туку дека таа е резултат на чувствата и замислите на граѓанините, истакнувајќи понатаму, дека растечкиот број на интелектуалци  одговорни за екстензивна апологетска историска литература која се создава во секоја нација,се сметаат себе си за патриоти. Национализмот се појавува меѓу интелектуалците во потрага по место во општеството во кое доминира  монархијата и Црквата.Од друга страна, се смета дека токму декаденцијата на овие две институции е главната причина за појавата и успехот на национализмот како политичка доктрина.Сличностите помеѓу национализмот и археогијата во реализацијата на взаемната цел се лоцирани во три фази.

Во првата фаза,  интелектуалците  се организираат во изолирани  мали групи  без особено општествено влијание. После втората фаза, поврзана со патриотска агитација и кога овие групи  се стекнуваат со зголемено значење, националистичката идеологија се распространува на целата популација.

Овие три фази кои се дефинирани од Hroch, можат да се забележат и во археологијата. Имено, во првата фаза само неколкумина интелектуалци  го насочуваат својот интерес кон минатото на начин кој се уште е под големо влијание од просветитетелството и без националистички артикулиран  јазик кој се појавува подоцна. Според проучувачите, првата држава  која влезе во оваа втора фаза е најверојатно Данска и тоа  на  почетокот на  XIX век, кога кај одреден број претставници на пониските средни слоеви се појави зголемен интерес за антиката, овозможувајќи го создавањето на данскиот национализам. Набрзо им се приклучи и останатиот дел  од данското општество. Данскиот ,,модел“ јасно покажува дека друг тип на национализам во кој не е вклучена антиката/староста, бара многу повеќе време за  привлекување на народните маси дури и кога е само во прашање нејзиното проучување.

Денес е општо прифатено дека  минатото/ историјата е од клучно значење за сегашноста - тоа е минато обликувано од и во границите на нацијата.Од  овде,сознанијата за различните елементи  кои се употребени во дефинирањето на нацијата  ни овозможуваат создавање на претстава за специфичните интереси  со кои или кои ги воделе археолозите во Европа и во светот. Концептот на политичка нација  кој  беше промовиран  со Француската  револуција, поврзан со правото на граѓаните  да се изјаснат каква држава сакаат,многу брзо е сменет од филозофските учења, какво што е она на Gottfried Herder  кој говори за своевиден култ кон различноста и верувањето дека секоја нација поседува  нешто единствено и непоместиво.Но овие уникатни/единствени и непоместиви  елементи кои ја чинат основата на  нацијата, не се  фиксирани туку зависат од  нацијата  и истите можат да се појават како културни, лингвистички, етнички или расни. Додека двата последни елементи се во блиска взаемна релација,  етничката припадност се  смета како послаб  термин, додека културата  е  двосмислена  и разновидна и нејзината појава  е длабоко поврзана со национализмот  и неговите потреби  за користење на  широк и ексклузивен термин кој ќе упатува на  сложеноста на човечката  компонента во секоја нација (Diaz-Andreu).

Археолошките интерпретации на артефактите укажуваат на сложеноста на национализмот и концептот на нацијата.Така, многу често се истакнува фактот дека  археолозите во Источна Европа ја потенцираат етничката и лингвистичката компонента на нивното потекло, односно Русија и Полска  го потенцираат словенското потекло, додека Литванија балтичкото.Во овој контекст многу е значаен примерот со Словенија во која присутната, државна лингвистичка хомогеност  е ставена во преден план. Во деветнаестовековна Германија елементите на нацијата, расата и јазикот се испреплетени со идентификацијата со археолошките артефакти, како основа за индо-европска  раса и база за формирање чувство и идеологија на супериорност на германската нација.

Шпанските археолози исто така, имаат голем удел во религиозните аспекти на  деветнаестивековниот шпански национализам, со нивното толкување  дека муслиманите кои  пред седум века го  окупирале иберскиот полуостров не биле шпанци.

Трансформација на наследството во пост-комунистичка Источна Европа Теориско-историските основи на взаемната поврзаност на нацијата, идентитетот и национализмот во периодот на создавањето на националните држави во деветнаесетиот век,  повторно се актуелизираат од проучувачите во врска со обновениот интерес кон националните посебности  во ерата на глобализацијата, но особено после распадот на  Советскиот Сојуз и формирањето на новите држави . Посебен проблем за проучување се актуелните процеси кои се случуваат на релација наследство - идентитет - нација во Македонија и како такви заслужуваат сериозно внимание.

Кога се говори за современите случувања  во  пост-колонијалните земји и земјите од Источна Европа, проучувачите  најчесто се служат со најцитираната дефиниција на   Lowenthal (1989) кој говори дека ,, наспроти вообичаеното мислење  дека историското минато  е наративен термин составен од  низа датуми и хронолигии кои ни овозможуваат  да ги атрибуираме на самото минато,, го спротивставува  мислењето дека ,,тие самите по себе не се тоа туку дека ние ги аплицираме овие елементи на минатото“. Имено, станува збор за конструктивистички концепт на наследството,според кој  самото наследство не е предмет и не постои само по себе, ниту претпоставува  некакво движење или проект. Многу повеќе е процес  со кој народите го користат минатото или ,,дискурзивна конструкција“ со материјални консеквенци (David  C. Harvey). Ваквиот фокус на гледање е поврзан со историјата на наследството како историја на  борба за контрола   на употреба на наследството во општеството, дополнет со аргументи за свртеноста на наследството кон сегашноста.Во овој контекст проучувачите многу често  се повикуваат  на George Orwell, и неговата позната изјава: “Оној кој го контролира минатото ја контролира иднината;оној кој ја контролира денешнината го контролира минатото“ (1984).

Во последните дваесетина години сведоци сме на реализацијата на овој конструвистички концепт предаден  и документиран од страна на проучувачи кои потекнуваат од земјите на поранешниот Советски сојуз, во врска со трансформацијата на наследството во земјите од Централна и Источна Европа. На ова прашање подетално се осврнува Monika  Murzyn ( Heritage  Transformation in Central and Eastern Europe,The Ashgate  Research Companion of Heritage and Identity).  После еден краток  историски  пресек на случувањата на земјите од овој регион, поврзан со честа промена на границите и на  политички и економски системи, што резултира со сличности во културата која е постојано помеѓу Запад и Исток, со многу традиционални блискости и различности во наследството но и со ,,наследство без наследници,, подетално се задржува на периодот после 1989 година - перидот на пост-комунистичката трансформација. Авторката дава исцрпна слика за случувањата во неколку земји - Полска, Украина, Литванија, Латвија, Унгарија и Бугарија - кои распадот на Советскиот сојуз го доживеаа како ослободување од окупација и повторно создавање на национална држава. Создавањето на новите национални држави  кон крајот на дваесетиот век неодминливо го  вклучи  наследството, минатото и идентитетот со истакнување на националните посебности и афирмација на личности  поврзани со идеата за самостојна национална држава од поблиското и подалечно минато. Паралелно со изградбата на нови споменици, меморијални комплекси, историски музеи и музеи на жртви од комунизмот, се руши се што претставува спомен од советската доминација,се именуваат  нови улици и се преименуваат старите. Се уништуваат  спомениците на Ленин и мавзолејот на Георги Димитров во Софија. Соцреалистичката фабрикувана архитектура наменета за работничката класа се менува и се нуди концепт на  индивидуални семејни куќи инспирирани од старата традиционалната и буржуаска архитектура со неокласицистички елементи - со тимпанони и столбови на луксузните тремови (Полска). Како реакција на форсирањето на работничката класа за време на социјализмот, наспроти традиционалните вреднсоти на руралното население, се истакнуваат и афирмираат старите традиционални градителски вештини и занаети и се имплементираат во нови дизајнирани проекти кои се презентираат и надвор од државата( Официјалниот полски павиљон на  World Expo  Exhibition  во Јапонија, 2005). Слични свртувања кон традиционалните национални вредности во архитектурата се забележуваат и во Унгарија во проектитет на познатиот архитект Imre Makovecs. Во врска со политичките импликации поврзани со односот кон наследството од поранешниот Советски сојуз индикативни се неколку примери   кои од една страна сликовито го презентираат брзото менување на политичкото наследство и парадоксот на самите промени. Негативниот однос кон Советскиот сојуз и кон војниците на Црвената армија создава конфликтни ситуациии во услови кога одредени споменици добиваат вредност,,0“ и како такви се уништуваат. Познат е конфликтот помеѓу Русија и  Естонија во врска со рушењето на Споменикот на црвената армија,изграден во спомен на руските војници кои ја ослободија Естонија од Германија кон крајот на Втората светска војна. Селективниот пристап кон минатото доведува не само  до повредување на чувствата на малцинствата во одредена земја, во случајот на руското кое се уште живее во Естонија, но истовремено се  повредува и еден дел  од сопствената историја затоа што да не беше Црвената армија исходот од војната ке беше сосема поинаков.Сличен е примерот со Украина, особено во западните  делови каде што се уништени сите траги од полското и руското наследство, а изградени се нови споменици на заслужни историски украински личности.

Додека се бришат сите траги од  советското минато на овие земји, вклучително и она поврзано   со борците на Црвената армија, во Русија се работи на негова афирмација. Во чест на славното минато од големата татковинска војна на прославата од петесетгодишнината од победата над фашизмот, на 9 мај 1995 година во Москва,во Паркот на победата (44.000м-2) е отворен Меморијален комплекс посветен на победата во татковинската војна 1941-1945 (Централнии музеи Великои Отечественои воини 1941-1945). Огромно, импозантно здание  со изложбен простор со шест диорами со прикази на главните битки за Москва,опсадата на Ленинград, Битката за Берлин, бројни музејски експонати, скулптури на заслужни генерали и своевиден мавзолеј на паднатите борци за слобода...

Периодот од 1989 година во Централна и Источна Европа е еден од најтурбулентите и најпроменливите и во однос на третманот на наследството кое  не е разбрано само како материјален и духовен реликт од минатото туку и како средство кое се користи на различни начини и за различни потреби  во новите современи држави - како социјален, економски и политички ресурс. Ваквиот третман  на наследството само уште еднаш  го потврдува фактот дека промените на идеолошките и економски ситеми се инспиративни  и паралелни со промената  на односот, употребата и интерпретацијата на наследството. Исто така,силната врска помеѓу наследството и идентитетот  и во овој период упатува дека на него сеуште се гледа како на национална светост, која истовремено е многу комерцијализирана и ,,продавана,, на различни пазари, па одовде,, Централна и Источна Европа можат да се гледаат како земји на парадокси“ (Monika Murzyn).

Македонија: наследство - идентитет - нација

Во услови на воени конфликти кои го следеа распаѓањето на СФРЈ,Македонија релативно мирно и  по пат на демократски избори  се стекна со својата  независност како национална  држава. За разлика од земјите на поранешниот Советски сојуз,во Македонија токму реформираната  комунистичка партија  СКМ-ПДП, го трасираше патот за новиот повеќепартиски систем, појавата на ВМРО ДПМНЕ на политичката сцена и нејзината победа на првите парламентарни избори. Познатите историско-општествени околности во кои опстојуваше македонскиот народ се до  АСНОМ 1944 година, ја формираа и доминантната слика  во однос на  главните  карактеристики на наследството.Честото менување на државните граници и различните политички и идеолошко/ општествени уредувања, на  нашето наследство му ја даваат главната карактеристика - словенскo потекло и  јазик, доминантно православна религија, византиска култура,  етнолошки  регионални посебности во рамките  на балканскиот регион,со ориентални влијанија  и историски задоцнети, реминисцентни,стилски барокизирани елементи, кои се појавуваат во романтичарско - преродбенскиот период во втората половина на XIX век. Токму во деветнаесетиот век кога во Европа се појавува национализмот и се формираат националните држави,организираните интелектуалци патриоти,  делуваат  во мали групи  во услови на национализам без држава, (во рамките на турската империја) со нагласена пропагандна активност и  артикулација на нивното залагање за посебна македонска држава. Масовната подршка од македонскиот народ резултираше со Илинденското востание кое за жал не ги оствари вековните желби  за ослободување и  конституирање на посебна држава.Во вакви услови и од разбирливи причини, археологијата не беше вклучена  како средство за потврдување на посебниот идентитет, но затоа акцентот беше ставен на етничката посебност на фолклорните обележја и на митологизацијата на одредени личности и настани од поблиското и подалечно минато.

Во првите години од осамостојувањето на Македонија, наследството не беше директно вклучено во процесот на зајакнување на националното чувство за посебноста на македонскиот идентитет дури и во услови на јавно изразено негирање на името на државата од страна на Грција.Не се случи трансформација на наследството ниту пак се градеа  нови историски музеи и меморијални комплекси со исклучок на Меморијалниот комплекс Пелинце (2004, заради  неможноста  да се чествува АСНОМ  во манастирот Св.Прохор Пчински) иако првите знаци на интервенција во наследството се појавија во 1999 година со ,,возобновувањето“ на светиклиментовата црква на Плаошник.

Конфликтот од 2001 година кој резултираше со промена на уставот, кај голем дел од македонското население беше доживеан како уште еден пораз и чувство на загрозеност на македонскиот идентитет за сметка на албанскиот. Овој настан, во услови на долгогодишниот и нерешлив спор со името наметнат од страна на Грција,секако има свој удел во концептот на преродбенската програма и победата на ВМРО ДПМНЕ  на изборите во 2006 година. Требаше да се претпостави дека токму таквото именување на  изборната програма после петнаесет години самостојност, нема да се сведе само на економска ,,преродба“. Сега веќе станува јасно дека она што го нарекувавме ,,феномен“ беше добро разработен  концепт за промена на идентитетот,преку наследството и археологијата,скриени во новиот термин  ,,заштита и (ре) креација“ на културно  наследство (Буџет за 2007).Сериозноста на еден ваков политичко-идеолошки зафат, нужно е обвиткан со превезот на конспирација и делување во тесен круг на интелектуалци, се до моментот додека не се создадоа услови  за јавно обзнанување на  проектот ,,Скопје 2014“ со сите неговите контраверзни содржини. После поќеке  од еден век, археологијата  повторно се вклучи   на сцена во  веќе елаборираната спрега  - национализам - наследство - идентитет. Паралелно со  поставувањето на  новите споменици на историски личности, во медиумите се повеќе е  присутен ,,државниот археолог“ кој отворено, го проблематизира  словенското наследство во нашата држава ( а со тоа и словенските основи на идентитетот), заради отсуството на  артефакти, нагласувајќи ја  потребата од подлабоко навлегување во археолошката  стратиграфија - во антиката преку  Александар Македонски до праисторијата.Типичниот школски пример за  почетоците на национализмот – од мала организирана група на партиско/владино ниво, преку агитација и  агресивна медиумска пропаганда, до масовно прифаќање од широките народни маси, кое на партијата на власт и обезбеди уште еден мандат во предвремените избори во 2011 година. Исто така уште еднаш се потврдии фактот, дека колку подлабоко се копа  во потрагата  по корените на идентитетот,толку е поголем и побрз успехот, особено во услови на ограничен мандат. Со помош на археологијата и  националните установи за заштита  не само што се трансформира и рекреира наследството – туку се  создаде лажна слика за линијски континуитет на наследството / идентитетот, од праисторијата до денес ,,поткрепен“ со изградба  на нови градби – ,,маркери“ – во неавтентичен, позајмен ,,стилски израз“ кој е туѓ на нашето наследство - од споменикот на  Александар Македонски  па се до  Споменикот на паднатите херои  за Македонија, новиот  Археолошки музеј, Архив на Македонија, Уставен суд, Министерство за надворешни работи, Музејот на  на македонската борба  за државност и жртвите на комунизмот, и промената на фасадите на  зградите во централното градско јадро на Скопје. Археологијата  и археолошката интерпретација на артефактите  ја поставија основата на  криминалниот проект за промена на идентитетот и создавање на лажна слика за континуитет кој неможе да ја издржи научната критика, затоа што не е  научно фундиран туку фабрикуван за потребите  на партиска идеологија со далекусежни последици. Но она што е уште пострашно е фактот што  ,,преку партискиот  поглед на ВМРО ДПМНЕ кон минатото“ и (зло)употребата на рхеологијата и наследството,се подели националното ткиво на македонскиот народ, до степен кој е конфликтен и тешко измирлив. Ваквиот начин на партиска идеолошка конструкција не е непознат во историјата, но е краткорочен  и со штетни последици, кои најчесто ги надминуваат  државните граници.Македонија во оваа смисла е типичен пример на злоупотреба на археологијата и  наследството и неговата иманентна улога - да создава дух на обединување и почитување на различностите, затоа што не постои пример на праволиниски континуитет на наследството, односно ,,дури и во еднонационално општество, минатото, наследството и идентитот  треба да се разгледуваат како множина“ и ,,тоа не само затоа што наследството има многу намени (и  корисници), туку затоа што има и многу креатори“, (Brian Graham, Peter Howard).   



Авторот е претсетадел на ЗГ-ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, Скопје

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива