портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Трансјадрански гасовод мина важни пречки
октомври 2014

Европа од 2020 година ќе добие земен гас од Каспиското Море преку гасоводот Транс-Адриа. По почетните тешкотии, проектот добива контури. Централна точка е што Москва останува надвор од него.


Гасоводот Транс-Адриа, заобиколувајќи ја Русија, треба да лиферува гас од Каспиското Море преку северна Грција и Албанија кон јужна Италија и таму да се приклучи на веќе постојната европска снабдувачка мрежа. Финансирањето на јужноевропскиот коридор за гасот се чинеше е на стаклени нозе откако германскиот гигант за гас Еон и францускиот концерн Тотал минатиот февруари сигнализираа желба да истапат од проектот, што и го направија на крајот на септември. Но, во меѓувреме подготвеност најави друг инвеститор: Енагас, еден од најголемите лиферанти на гас во Шпанија, кој ги презема најголем дел од уделите на Еон. Важни учесници во Транс-Адриа остануваат британскиот енергетски џин БП, норвешкиот Статоил, како и азербејџанскиот државен концерн Сокар со по 20 проценти.

„Жалиме, се разбира, што се откажаа Еон и Тотал, но секое претпријатие треба да реши во корист на сопствениот интерес“, истакнува деловниот раководител на Транс-Адриа, Луц Ландвер во разговор за Дојче веле. Шпанскиот снабдувач со гас Енагас е исто толку силен и донесува и конкретни, специфични искуства. Се‘вкупно гледано, проектот од смената излегува зајакнат, убеден е Ландвер.

Прединвестициите, на пример за приодните патишта, се во тек уште во 2015 година, изјави тој на Конференцијата за енергетика за Балканот и Јадранот, одржана неодамна (01.10.2014) во Атина. Првите испораки на гас од азербејџанското наоѓалиште на гас Шах Дениз, што треба да опфаќа над еден билион кубни метри гас, можат да се очекуваат најверојатно дури на почетокот на 2020 година. Трансјадранскиот гасовод би требало да покрие околу 20 проценти од европските потреби.

Клучна улога на Грција

Од 880 километри долгиот планиран гасовод, околу 540 отпаѓаат на Грција, со што земјата, потресувана од криза, добива клучна улога во реализацијата на проектот. Уште во 2013 година Грција, Албанија и Италија во Атина склучија договор за изградбата на Трансјадранскиот гасовод, потенцирајќи ја на тој начин политичката поддршка за проектот тежок милијаради евра.

Но, сепак постојат пролонгирања: уште не е дефинитивен текот на гасоводот низ северна Грција, зашто повеќе градови и граѓански иницијативи протестираат против градежните планови, барајќи измени во планираната траса. Според извештаите на атинскиот весник „Та неа“, досега има над 140 желби за измени. Конзорциумот на Транс-Адриа вети сите да ги испита и да реализира „социјална инвестициска програма“ на теренот, во соработка со општините, со цел да воспостави поголема приемливост за инфраструктурниот проект.

Ни постапките на издавање дозволи не одат без потешкотии. Многу време е потребно за обработка на документите за еколошкиот аспект. Но, сега на чекањето му е дојден крај, изјави грчкиот министер за енергетика Јанис Маниатис.

„Со задоволство можам да ви соопштам оти пред дваесетина дена ги добив дозволите за еколошката оправданост на Трансјадранскиот проект“, изјави тој во разговор за Дојче веле.

За иритации во последно време сепак се погрижи најновата најава на грчката левичарска опозициона партија Сириза во случај на победа на изборите да врши наново преговори за делови од договорот за Трансјадранскиот гасовод. Маниатис веќе водеше вербална битка во Парламентот со пратениците од Сириза кои протестираа, а и во разговор за Дојче веле тој покажува мало разбирање за опозициската критика. Незамислива е желбата наново да се преговара за проект од општо европско значење, предупредува Маниатис. Освен тоа, запазени се сите важечки прописи во поглед на конкурирањето и транспаретноста, поради што постои мала оправданост од преземање измени во договорот.

Пристап до европските енергетски системи

Трансјадранскиот гасовод се чини не е атрактивен само поради тоа што нуди поволен, евтин пристап кон залихите од гас во Каспиското Море. На земјите-учеснички не им е неважно да можат наново да се позиционираат на европскиот енергетски пазар. На пример Албанија: досега земјата на Јадранско Море речиси немаше можност за учество во европската енергетска мрежа. Сега тоа треба да се промени, истакнува албанскиот заменик-министер за енергетика и индустрија, Дориан Дука во разговор за Дојче веле:

„Преку Трансјадранскиот гасовод Албанија ќе стане дел од јужноевропскиот гасен коридор и со тоа и на енергетските системи во регионот“.

Гасоводот е интересен и од деловен аспект, зашто на тој начин на Албанија и‘ се нудат странски директни инвестиции од околу една милијарда евра, нови работни места и повисоки даночни приходи.

Уште поважно: во Албанија долгорочните планови предвидуваат гасоводот Транс-Адриа да се поврзе со планираниот Јонско-Јадрански гасовод, кој треба да ги снабди со гас локалните системи на западнобалканските земји.

„Со тоа Албанија ќе стане крстопат за натамошно распределување на земниот гас во правец на Западен Балкан-кон Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска“, задоволно заклучува Дориан Дука. Слични размислувања има и во северна Грција: оттаму 180 километри долгиот грчко-бугарски гасовод од Азербејџан треба да го носи гасот во правец на Бугарија, Романија и Унгарија.

Непожелна конкуренција за Русија?

Останува за разјаснување уште прашањето: дали Русија проектот за Трансјадранскиот гасовод го смета за конкуренција на „Јужен тек“, кој треба од 2018 година да пренесува руски гас, заобиколувајќи ја Украина, преку Црното Море кон Бугарија и западна Европа. Речиси сите учесници на конференцијата за енергетика во Атина тоа го негираа. За грчкиот министер за енергетика, Јанис Маниатис, прашањето воопшто не се поставува. Во идните години на Европа ќе и‘ требаат и онака дополнителни 100 милијарди кубни метри гас и добро ќе и‘ дојде секоја испорака на гас и нова траса, смета тој.

Ова мислење го дели и Теодорос Цакирис, професор-асистент за геополитика на универзитетот во Никозија. „Јужен тек“ и Трансјадранскиот гасовод не се конкуренти, истакнува експертот:

„’Јужен тек’ не ја зголемува европската зависност од рускиот извоз на гас и нема да освојува нови делови од пазарот, туку единствено нуди алтернативна траса за веќе договорените испораки на гас. Трансјадранскиот гасовод не може да се смета за сериозна конкуренција уште поради својот мал капацитет. Додека ’Јужен поток’ годишно ќе испорачува до 150 милијарди кубни метри гас, Трансјадранскиот може да достигне максимално до 20 милијарди кубни метри во 2025 година“.

Превземено од:

http://www.dw.de/%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D1%98%D0%B0%D0%B4%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B3%D0%B0%D1%81%D0%BE%D0%B2%D0%BE%D0%B4-%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%B2%D0%B0%D0%B6%D0%BD%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%87%D0%BA%D0%B8/a-17973742?maca=maz-TB_maz_utrinski-5917-xml-mrss

 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива