портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонија ќе има мали штети, Европа огромни
март 2014




Со само нешто над 130 милиони кубни метри природен гас, колку што лани се потрошија во земјава, Македонија е многу мал корисник на рускиот гас. Сепак, со оглед дека тој во земјава доаѓа преку Украина, случувањата во таа земја можат да се рефлектираат и на нас, односно на компаниите што го користат. Но, нормално не во толкав обем колку во другите европски земји кои се огромни потрошувачи. Токму и затоа нашата единствена можност во поглед на испораката на гас е да ја чекаме разврската од случувањата во односите меѓу Украина и Русија.

- Македонија има минимална потрошувачка на природен гас (без ТЕ-ТО се користат околу 60 милиони кубни метри). Kај нас нема подземни резервоари, каде што би можела да врши складирање залихи, ниту има какви било резерви на сопствен гас, со исклучок на резервата во самиот гасовод, која може да ја ублажи состојбата неколку дена. Бугарија, преку која доаѓа рускиот гас кај нас, има можност за складирање и таа како резервоар ги користи старите наоѓалишта на гас. Тие се полнат во периоди кога има доволно (и евтин) гас и може да послужат во некој ограничен период. Дотур на гас со копнен пат преку Грција, пак, не е можен бидејќи ние немаме соодветна опрема за да се компримира - објаснува Kрсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси, и додава дека се очекува да нема прекин на испорака со оглед на последиците со кои можат да се соочат европските земји што се големи консументи на рускиот гас, секако ако кризата не ескалира во поголеми размери.

- Токму сегашнава состојба е најдобар показател колку за целиов регион е важен новиот гасовод „Јужен тек“ бидејќи претставува алтернатива и дава сигурност - вели Миладинов.

Најновите информации зборуваат дека испораката на природен гас од Русија од почетоков на месецов скокна за 8 отсто и се очекува да продолжи да расте поради обемот на пумпање на гасот во европските подземни резервоари за евентуално да не дојде до целосен прекин на неговата испораката за Украина. А тоа, како што се проценува, може евентуално да се случи ако Украина не го плаќаа енергентот или ако реши да не купува гас по цена од 400 долари за 1.000 кубни метри. И најлошата варијанта е во случај на евентуална војна да се уништи украинскиот гасовод.

Експертите се поделени за процените дали ќе дојде до „војна за гас“. Според едни, до престанок на испорака за Украина нема да дојде зашто тоа не ~ се исплаќа ниту на Русија бидејќи со тоа „Газпром“ би останал без третина од извозниот ќар. А Украина и Европа би можеле да издржат само до следната зима. Гасот во Европа инаку доаѓа и преку гасоводот „Северен тек“, но ако се стопира Украина, Европа ќе добива само околу две третини од тоа што е предвидено со договорите. Сепак, генерален директор на Фондот за национална енергетска сигурност на Русија, Kонстантин Симонов, како што пренесуваат руските медиуми, смета дека сериозна гасна криза е можна во септември. Тој вели дека Европа има с` уште залихи во подземните резервоари и на пазарот, но од есен гасот ќе треба да се пумпа во украинските подземни резервоари за во следната сезона да има за сите. Имено, во зима Украина дава во Европа гас токму од своите резервоари, а тој транзитниот го зема за себе. Па ако нема доволно испумпано во резервоарите, постои опасност да нема гас за Европа, а Украина ќе продолжи да го зема за себе тој што би требало да биде транзитен.

Топланите можат да работат и на мазут

Повеќето корисници на природен гас во Македонија имаат можност да преминат на друг вид гориво како мазут, екстра-лесно масло или пропанбутан, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Најголеми количини на гас се користат за производство на топлинска енергија за греење, но сите топлификации во Скопје се со можност за производство и од мазут.

- Потрошувачите на гас во услови на нарушување во снабдувањето имаат обврска и должност континуирано да ја одржуваат способноста на своите постројки за користење алтернативен вид погонско гориво - соопштуваат од РKЕ.

Автор: Зденка Павковиќ

Превземено од:

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=C169252B6144DE46B4BE255D4BAB719E
Коментари
Нема коментари.
 
Архива