портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Ни треба крвоток исток - запад
септември 2014

Генералната патна инфраструктурна поставеност во земјава е насочена кон поврзување на северниот и на јужниот дел, а недостигаат патишта со кои луѓето и стоката полесно би транзитирале од исток кон запад и обратно.


Регионално патно и железничко поврзување за побрз развој на Балканот е една од главните пораки што изминативе денови беа упатени од Берлин, каде што се одржуваше самитот Германија - ЕУ - Западен Балкан. Иако во овој период активно се работи на довршување на автопатот по Коридорот 10 (делницата Демир Капија -Смоквица), како и на изградба на автопатските делници Скопје - Штип и Кичево -Охрид, бизнисмени и експерти коментираат дека во земјава сѐ уште има само еден квалитетен автопат, како и дека генералната патна инфраструктурна поставеност во земјава е насочена кон поврзување на северниот и на јужниот дел, а недостигаат патишта со кои луѓето и стоката полесно би транзитирале од исток кон запад и обратно.

Македонија сѐ уште се поврзува со три соседни земји со регионални патишта наместо со автопати, а кон Албанија и Бугарија воопшто немаме железничка врска.

Професорот Митко Кочовски од Универзитетот „Гоце Делчев“ вели дека патната инфраструктура е сериозен проблем на македонското стопанство, појаснувајќи дека освен автопатот Е-75, кој нѐ поврзува со соседна Грција, во земјава нема други патни правци што ги задоволуваат европските стандарди.

- Со другите соседи, Србија, Бугарија и Албанија, нѐ поврзуваат регионални патишта, несоодветни по широчината и по квалитетот на површинската асфалтна облога. Што се однесува до товарниот патен сообраќај, основните согледувања од истражувањето направено во рамките на Здружението на организациите од областа на сообраќајот и врските при Стопанската комора на Република Македонија упатуваат на податок за регистрирани 3.510 транспортни единици за меѓународен превоз на стоки. Според бројот на возните единици, Македонија располага со доволни транспортни капацитети за задоволување на потребите на македонското стопанство, меѓутоа според квалитетот на расположливиот возен парк од аспект на задоволување на утврдените еколошки и безбедносни стандарди, што претставува услов за пошироко вклучување на европскиот транспортен пазар, македонските товарни патни капацитети се крајно ограничени - посочува Кочовски.

Тој заклучува дека воспоставувањето сообраќајни комуникации и во другите делови на земјата се наметнува како императив, кои, според него, во голема мера се ускратени од погодностите што современата сообраќајна комуникација ги нуди.

Сличен став имаат и бизнисмените во земјава.

- Секое ново поврзување значи и нови можности за пазарот, за суровините и за готовите производи. Поврзувањето на источниот и на западниот дел на земјава ќе овозможи и освојување други региони и побрзо поврзување со Европа. Не може да им се дава приоритет на локални патишта пред магистрали и автопатишта, особено пред коридорите 8 и 10. Поради некомплетирањето на коридорите, тие го губат значењето, бидејќи во меѓувреме другите земји изградија современи патишта со кои се поврзаа со другите земји - истакнува Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Тој додава дека е многу значајно што поскоро да се довршат автопатиштата и да се поврземе по современ пат со Бугарија, Албанија и со Косово.

Предуслов за економски развој

Современи патишта за полесна комуникација и транспорт се предуслов за економски развој на земјата. Овој постулат го повторуваат сите бизнисмени, економски експерти, но сепак развој на патиштата во Македонија, особено на автопатиштата, во изминативе две децении речиси немаше.

- Сообраќајната и енергетската инфраструктура се основните претпоставки за подинамичен економски развој, но во нашава земја, за жал, никогаш овој ноторен факт не беше разбран, што имаше и има силни рефлексии на вкупните економски состојби. Сообраќајната инфраструктура во основа е останата на нивото кога била градена и гледано низ призмата на актуелниве економски состојби, кога количинските аутпути на индустријата се далеку под инсталираните капацитетни можности, состојбата се чини по малку загрижувачка - вели Кочовски.

Тој вели дека прашањето на транспортот поради специфичната геосообраќајна положба на Република Македонија (доста оддалечена од најблиските морски пристаништа и други пловни комуникации), а со оглед на обемноста на количините, останува една од носечките развојни детерминанти и значаен интегрирачки фактор на националната економија во глобалните европски и светски текови. Кочовски појаснува дека поради својата интегрирачка улога Европската Унија се определи за паневропска сообраќајна политика, чија цел е формирање трансевропска мрежа на пруги за големи брзини и интегриран систем на автопатишта со фибер-оптичка технологија.

- Окосница на оваа политика претставуваат мултимодалните сообраќајни коридори од транснационален карактер и хармонизацијата на сообраќајното законодавство, која станува обврзувачка за сите земји што претендираат кон вклучување во европската комуникациска мрежа и единствениот европски пазар на сообраќајни услуги. Паралелно со развојот на инфраструктурата во Европа се развиваат и нови транспортни технологии, технологии на утовар, растовар и складирање, технологии на производство на нови транспортни средства и опреми, кои даваат сложен генерирачки импулс на новите видови сообраќајни услуги - појаснува Кочовски.

Лимитирачки фактор

Професорот смета дека актуелните состојби во овој значаен сегмент на националната економија претставуваат сериозен лимитирачки фактор не само за реализација на долгорочните развојни проекции туку и сериозна пречка за одвивање на нејзиното тековно работење. Истакнувајќи дека железничкиот сообраќај како окосница на сообраќајниот систем на земјата се карактеризира со ограничена мрежа, дека развиеноста во споредба со другите европски земји е крајно неповолна. Вкупната должина на железничките пруги е 699 километри, со дополнителни 226 километри станични колосеци и 102 индустриски колосеци, состојба што со години е непроменета и мрежата со „слепи“ завршетоци на правецот исток - запад. Поради ова, според него, сите линии, освен главната, можат да се сметаат за разграноци за опслужување на локалните потреби.

- Ова важи и за паневропските коридори. Како за Коридорот 8 од Албанија до Бугарија, и 10Д од Велес до Грција. Отсуството на алтернативна сообраќајна опција претставува сериозна закана за непречена физичка дистрибуција и допрема на влезните индустриски ресурси и отпрема на производните аутпути и во дадената сообраќајна и политичка констелација и проблем со далекосежни економски импликации - заклучува Кочовски.

Нови патишта, нови пазари

Поранешната советничка на управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, Љубица Нури, смета дека иако има поделени мислења во однос на прашањето дали ни е потребно поврзување на истокот и на западот, таа посочува дека тоа е важен сегмент и доста значајно за поврзување со руско-унгарскиот пазар.

- Не треба да гледаме само дали имаме развиена индустрија во овие региони, туку да се свртиме и кон иднината, да видиме како да се подобри и да се зголеми бизнисот. Ако го земеме за пример новиот автопат меѓу Косово и Албанија, ќе видиме успешен пример, кој се покажа како доста корисен за сите, па дури и за нашите превозници - појаснува Нури.

Таа посочи дека важноста на транспортните коридори може да се види и од определбите на Европа да се развива транспортот и да се поврзе со новите соседи, Африка, Грузија, Азербејџан, па поради ова, смета Нури, Македонија мора да ги развива патиштата и да обезбеди и поврзување на истокот и на западот.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92141048594&id=10&prilog=0&setIzdanie=23263

Коментари
Нема коментари.
 
Архива