портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Нема да може да се троши незаработеното
октомври 2013
Слаѓана
Димишкова
Дали се потребни посилни механизми за контрола, поголема пазарна дисциплина, мерки за поголема конкурентност на Европа? Ова се прашања што подолго време се поставуваат. Постојат различни нијанси на одговори, но едно е сигурно, германските избори ќе значат придвижување кон поголема пазарна дисциплина



ИДНАТА ЕВРОПСКА ЕКОНОМСКА ПОЛИТИКА

Конечно ќе почне нешто да се случува во Европа. Сѐ до изборите во Германија одделни теми што го засегаат Брисел не се чепкаа, на пример, банкарската унија или одговор на прашањето дали треба на Грција да ѝ се остави повеќе простор за маневар за отплата на кредитите. Сега изборите веќе не се изговор за одложување на решавањето на проблемите. Со ова се согласни речиси сите, без разлика дали се дел од ЕУ или се стремат кон неа.

- Ангела Меркел во Европа во текот на кризата упорно бараше реформи во замена за финансиска помош. И на тоа веројатно ќе остане - посочи неодамна Јанис Емануилидис од Центарот за европска политика во Брисел.

Меркел е често цитирана по нејзиното укажување на три основни статистички показатели за Европа. Таа постојано истакнува дека Европа има седум проценти од светската популација, 25 проценти од светскиот БДП, а 50 проценти од социјалните трошења. Тоа јасно ја сублимира нејзината економска провиниенција. Европа не може да биде толку галантна во социјалните трошења ако сака да остане конкурентна во светски размери.

Кои се размислувањата за идната европска економија? Дали се потребни посилни механизми за контрола, поголема пазарна дисциплина, мерки за поголема конкурентност на Европа? Едно е сигурно, германските избори ќе значат придвижување кон поголема пазарна дисциплина, посилни механизми на Унијата и мерки за поголема конкурентност на Европа.

Индиректно германско влијание

И Митко Кочовски, професор на Економскиот факултет при Универзитетот во Штип, смета дека нема никакво колебање дека Германија со своите правилни економски политики, индустријализацијата и финализацијата на индустриското производство, како силен извозен адут, успеа да се издигне во водечка економска сила во рамките на Унијата.

Како се развива приказната за монетарната власт на ЕУ и каков е ставот на Германија? Европската централна банка основана со договорот од Мастрихт од 1992 година, или познат како Договор за ЕУ, со која беше и отворено прашањето на воспоставувањето на монетарната унија како надградба на внатрешниот пазар на ЕУ и воведувањето на еврото како единствена валута, ја претставува монетарната власт на Унијата. Земјите што пристапија кон европската монетарна унија ѝ ги пренесоа надлежностите над своите монетарни политики на оваа заедничка европска финансиска институција. Таа како независен финансиски систем ја дефинира и спроведува монетарната политика на ЕУ, ги контролира буџетските дефицити, ги чува и управува девизните резерви на земјите-членки и се грижи за непречено одвивање на плаќањата. Сето тоа, вели Кочовски, е индиректно под „силно влијание“ на германската економија, бидејќи квотите на секоја од националните централни банки во Европската централна банка се определени според клучот население и учество во вкупниот БДП на Унијата.

- Германскиот став е во голема мера непроменет, односно без нагласени дефинирани заеднички механизми на контрола нема да има помош за банките што се соочуваат со проблеми. Дефинитивно нема да може да се троши незаработеното и да се живее над реалните можности - смета професорот Кочовски.

Чекор до банкарска унија

Минатата година се поведе иницијатива на шефовите на држави на еврозоната за формирање европска банкарска унија. Целта е да се зацврсти и продлабочи единствениот европски пазар и да се намали можноста за креирање криза во еврозоната. Беше предложено воспоставување институции во три чекори: единствен механизам за супервизија (контрола), единствен механизам за третирање проблематични банки и во подалечна иднина заеднички механизам за заштита на депозитите во рамките на европскиот простор. На тоа се гледаше како на предуслов за да се овозможи директно рекапитализирање на банките од страна на Европскиот механизам за стабилност.

Во септември се одобри планот за формирање на единствениот механизам за супервизија од страна на Европскиот парламент. Според информациите, илјада банкарски инспектори ќе бидат вработени во Европската централна банка во Франкфурт и ќе бидат задолжени за контрола на банките во еврозоната и оние што ќе се приклучат кон банкарската унија. Ова е прва, но се оценува како клучна фаза за новата банкарска унија. Се очекува ова да почне да функционира по една година.

Единствениот механизам за третирање проблематични банки беше предложен од страна на Европската комисија во јули годинава и тој би требало да заживее од 2015 година. За креирање на третиот механизам веројатно ќе има потреба од повеќе време.

- Оцената на повеќето европски и светски познавачи на материјата е дека столчето на политиката на банкарска унија, кое се состои од три нозе, нема да биде стабилно ако не се воспоставени сите три нозе. Тоа може да значи дека ќе помине уште доста време додека целата работа институционално се заокружи. Но тоа сигурно не е добра вест за оние што се залагаат за статус кво - вели Верица Хаџи Василева-Марковска, економска аналитичарка.

Во меѓувреме, посочува таа, посилните економии ќе бидат нерасположени да ги зголемуваат своите пласмани во послабите економии.

- Ова е уште позасилено од фактот дека ќе помине извесно време додека да се формира коалицијата и да се конституира новата германска влада, а дотогаш не можат да се очекуваат некои позначителни придвижувања за промени - додава Хаџи Василева-Марковска.

Таа верува дека е потребно придвижување кон поголема пазарна дисциплина, посилни механизми на Унијата и мерки за поголема конкурентност на Европа.

- Во тие правила не гледам толку опасност колку што гледам можност за подобрите. Бидејќи зголемувањето на конкурентноста значи изедначување на правилата на игра на ниво на Европа и давање подобри услови за сите: колку е претприемачот или фирмата подобра толку полесно ќе доаѓа до можност за финансирање, бидејќи ризиците на банките ќе се намалуваат независно од тоа во која земја се лоцирани - вели Хаџи Василева-Марковска.

Во моментов, поради големата желба да се заштитат националните банки и ентитети, се зголемуваат различните видови трошоци во одделните земји, а со тоа и ризиците за инвестирање во нив се поголеми, и тоа веднаш се рефлектира на каматите. Според Хаџи Василева-Марковска, „и претприемачите во различните земји, со еднакви почетни позиции, имаат сепак нееднаков старт, поради цената на капиталот за позајмување - нешто на што тие не можат да дејствуваат - што веднаш ги прави помалку конкурентни“.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=1020131845144&id=10&prilog=0&setIzdanie=23007
Коментари
Нема коментари.
 
Архива