портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Намалени трошоци, зголемен буџетски дефицит
јуни 2016

„Со ребалансот не се загрозени платите, пензиите и социјалните трансфери, а кај капиталните расходи има извесно намалување кои сепак остануваат на високо ниво и се поголеми за 3,8 милијарди во однос на лани“, вели Миноски.


Владата годинава на располагање ќе има за трошење вкупно 195,47 милијарди денари (3,17 милијарди евра) буџетски средства, за 804 милиони денари или околу 13 милиони евра помалку отколку што беше предвидено во почетокот на годинава. Ова е предвидено со Предлог-ребалансот на Буџетот за 2016 година, кој веќе е доставен до Собранието, во кој исто така се предвидува и намалување на буџетските приходи за два отсто, од 177,29 на 174,29 милијарди денари. Наспроти тоа, буџетскиот дефицит ќе биде поголем и ќе изнесува 21,18 милијарди денари, наместо претходно предвидените 18,98 милијарди денари, односно наместо 3,2 отсто од БДП се зголемува на 3,6 отсто. Како што образложи на прес-конференција во петокот доцна вечерта, министерот за финансии Кирил Миноски, ребалансот се должи на намалената проекција за раст на БДП годинава, од 4 проценти на 2,3 отсто. Сепак, како што нагласи, клучно е што не се загрозува исплатата на примањата на буџетските корисници, како и дека капиталните расходи остануваат на високо ниво.

„Со ребалансот не се загрозени платите, пензиите и социјалните трансфери, а кај капиталните расходи има извесно намалување кои сепак остануваат на високо ниво и се поголеми за 3,8 милијарди во однос на истиот период лани“, потенцира Миноски, додавајќи дека не се напушта ниту еден првично проектиран проект, туку е променета динамиката на трошење на средствата согласно со условите и расположливите средства во Буџетот.

Во образложението на Предлог-ребалансот, кој е доставен до Собранието меѓу другото се вели дека на почетокот на второто тримесечје годинава се зголемија ризиците во однос на предвидениот раст на економската активност како последица на пролонгирањето на домашната политичка криза, што се очекува да се одрази неповолно врз довербата на економските субјекти и да се рефлектира преку зголемена воздржаност од инвестиции и потрошувачка.

„Согласно со ваквите очекувања за идното движење на домашната побарувачка, како и првичните резултати за економскиот раст во првото тримесечје, проекцијата за растот на економската активност во 2016 година е ревидирана на 2,3 отсто“, се вели во образложението, при што се додава дека фискалните движења во изминатиов период „не бележат значителни отстапувања во однос на планираните, но сепак политичката состојба во земјата дава свој одраз како на приходната така и на расходната страна на Буџетот“.

За министерот Миноски позитивен е трендот на наплата на даноците и придонесите, при што кај даноците има раст од 6 проценти, а кај придонесите од 5,7 проценти.

Кај расходите, според предлогот на Владата, за плати и надоместоци годинава ќе се потрошат 26,5 милијарди денари (претходно беа предвидени 26 милијарди), за стоки и услуги 19,58 (претходно беа предвидени 19,8 милијарди), за трансфери до единиците на локалната самоуправа 16,66 милијарди (претходно 16,77 милијарди), за субвенции и трансфери 13,78 милијарди (претходно 14,63 милијарди), за социјални трансфери 89,46 милијарди (претходно 87,78 милијарди) и за каматни плаќања 6,89 милијарди денари (претходно 5,82 милијарди денари). Капиталните расходи се предвидува да изнесуваат 22,56 милијарди денари, во однос на претходно предвидените 25,34 милијарди денари.

„Со ребалансот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија“, рече на прес-конференцијата Миноски.

За опозицискиот СДСМ, ребалансот на Буџетот е погубен за Македонија, за економијата и за нејзините граѓани, а единствена цел на предложениот ребаланс на Буџетот е создавање услови и атмосфера за ново задолжување преку еврообврзница. Со него, како што наведуваат во соопштението, се кратат капиталните инвестиции и се зголемува буџетскиот дефицит.

„Кратењето на капиталните инвестиции и зголемувањето на референтната каматна стапка од страна на гувернерот Богов ја водат економијата во ризик од рецесија и раст помал од 1 отсто. Тоа значи дека ќе имаме и историски највисоко ниво на буџетски дефицит од 4,3 отсто“, велат од СДСМ, обвинувајќи ги партиите од власта дека чекале опозицијата да го замрзне своето учество во парламентот за да донесе ребаланс на Буџетот.

Од друга страна, министерот Миноски потсетува дека полугодишното ревидирање на проекциите за приходите и расходите во државната каса е редовна активност која се реализира во сите економии и практика која не се воведува за прв пат во Македонија.

За економистите не е спорна потребата да се прави ребаланс на буџетот, бидејќи тие во повеќе наврати укажуваа на таквата неопходност, со оглед на намалените проекции за раст годинава, но се скептични околу структурата на буџетските расходи.

„Предложениот ребаланс не е ниту развоен, ниту социјален. Ова е буџет кој одговара на гласачкото тело на владејачките партии“, вели Марјан Николов од Центарот за економски анализи, оценувајќи дека и онака неповолната структура во Буџетот сега станува уште понеповолна, бидејќи приоритет се става на тековните расходи за сметка на капиталните инвестиции. За него исто така е спорно бидејќи нема евалуација за тоа што е постигнато со буџетските трошења, односно дали ад хок мерките биле третирани во стратешките документи, како на пример, во оние на Министерството за труд и социјална политика и во Агенцијата за вработување. „Индикативно е дека станува збор за нарушување на фискалната дисциплина, со оглед на значителното маргинално зголемување на задолжувањето, во однос на економски прифатливото ниво“, вели Николов, според кого фискалната дисциплина е нарушена, како и улогата на Собранието и Комисијата за финансирање и буџет во однос на буџетските расходи.

Се прават анализи за еврообврзницата

„Преку еврообврзницата треба да се обезбедат дополнителни средства во Буџетот кои ќе обезбедат дополнителна ликвидност, во најголем дел ќе значат и ослободување на дополнителни средства во банкарскиот сектор кои понатаму би се пласирале во стопанството“, вели Миноски.

Во однос на издавањето еврообврзница, тој вели дека веќе се направени одредени подготовки и во соработка со странски инвестициски советници се работи на истражување на пазарот. „Денес имаме новонастаната состојба со референдумот за излегување на Велика Британија од ЕУ, што се разбира ќе има соодветна рефлексија на пазарите на капитал. Внимателно ја следиме состојбата и врз основа на оние информации што ги имаме за трендовите на тие пазари, ќе донесеме и соодветна одлука во однос на евентуално издавање еврообврзница која ќе придонесе за зголемување на ликвидноста во буџетот, но исто така и за сервисирање на дел од старите обврски кои ги имаме по основ на претходно доспеани кредити и обврзници“, вели Миноски.

Нема да се прекине ниту еден капитален проект

Капиталните инвестиции се на историски највисоко ниво досега и покрај ребалансот се на повисоко ниво во однос на 2015 година, ниту еден капитален проект нема да се прекине со ребалансот, а за оние проекти кои имаат засилена динамика на реализација ќе има дури и дополнителни средства, како на пример за автопатот Демир Капија – Смоквица и за гасификацијата, оценува министерот за финансии Кирил Миноски.

„Вкупниот износ на средства со ребалансот, пред се' со инфраструктурните проекти, не само што не е намален, туку е и зголемен, главните кратења се трошоците за стоки и услуги. Сите проекти ќе продолжат да се реализираат“, вели Миноски.

Автор: Мирче Јовановски

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=594F5A7A5046F14286DE57949F45B00D
Коментари
Нема коментари.
 
Архива