портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Путин ќе ѝ помага на Европската Унија да го спаси еврото!
декември 2012
Владимир
Николоски
Кипар е новото жариште на финансиската криза во ЕУ, која, според голем број странски аналитичари, ќе кулминира во 2013 година. Еден од најизгледните начини да му се помогне на Кипар е Русија преку ММФ да даде помош од пет милијарди евра, кои би биле испратени во Никозија. Со ова бенефиција би имала и Русија, зашто голем дел од парите инвестирани во кипарските банки доаѓаат од богати Руси.


 Не би сакале да се мешаме во овој процес, но ако се постигне договор, не ја исклучуваме можноста да се приклучиме кон стабилизирање на финансиската состојба на Кипар, изјави рускиот претседател Владимир Путин на маргините на самитот ЕУ-Русија, што неодамна се одржа во Брисел. Ваквата изјава на рускиот претседател доаѓа откако официјални лица од Кипар во неколку наврати побараа десетици милијарди евра финансиска помош од ЕУ, но и од Русија, потребни за да се подобри финансиската состојба во земјата, која е пред банкрот.

Кипар, една од најмалите држави во Европа, е новото жариште на финансиската криза во ЕУ, која, според голем број странски аналитичари, ќе кулминира во 2013 година. Покрај проблемите и незавидната состојба во која се наоѓаат Грција и Кипар, аналитичарите ја посочуваат Италија како земја во која, поради новите политичко-економски текови, повторно ќе се активира прашањето дали еврото носи повеќе штета отколку корист за големите европски држави. Светската економска јавност очекува следната година да биде пресудна за опстојувањето на еврозоната и на еврото како заедничка валута.

Кипар поризичен од Грција

Парламентот во Никозија во средата го одобри буџетот на земјата во кој се вметнати и строги мерки за штедење, а со цел да се излезе во пресрет на условите за добивање финансиска помош. Сепак, според угледните германски медиуми, и покрај ваквите мерки, Меѓународниот монетарен фонд бара оваа презадолжена земја да прогласи делумен банкрот, со што и приватните кредитори би загубиле дел од своите пари. Во Европа се води голема дебата по ова прашање, со оглед на тоа што овој рецепт беше веќе еднаш искористен во Грција, но тогаш на приватните кредитори им се гарантираше дека станува збор за преседан што нема да се повтори. Од друга страна, во ММФ инсистираат на делумен банкрот на Кипар пред да му се одобри помош, бидејќи се загрижени дека, и покрај мерките за штедење, земјата нема да може да ги исплаќа каматите на неговиот долг.

Додека големите европски државници и банкари дебатираат за состојбата во Кипар, тамошната власт неделава мораше да позајми 250 милиони евра од државните пензиски фондови за да може да ги исплати празничните плати на државните службеници. Истовремено, проблемот кај Кипар е што има масивен банкарски сектор, кој е изложен на грчките долгови, што дополнително ја отежнува состојбата.

Банкарскиот систем на оваа земја тежи околу 150 милијарди евра, а бруто-домашниот производ на земјата е околу 18 милијарди евра. Поради тоа, тројката интернационални кредитори, Европската централна банка, Европската комисија и ММФ, подготвуваат пакет-помош за Кипар вреден 17 милијарди евра, што како процент од БДП би била најголемата помош што некогаш ѝ била дадена на земја-членка на еврозоната. Дури 10 милијарди евра од помошта би биле наменети за банкарскиот сектор на Кипар.

Пералница на пари

Според угледниот германски весник „Суддојче“, еден од најизгледните начини да му се помогне на Кипар е Русија преку ММФ да даде помош од пет милијарди евра, кои би биле испратени во Никозија. Со овој модел не само што би се гарантирало формалното учество на ММФ во помошта, на што инсистира германската канцеларка Ангела Меркел, туку бенефиција би имала и Русија. Имено, голем дел од парите инвестирани во кипарските банки доаѓаат од богати Руси. Загриженоста во Европа околу помошта за Кипар е уште поизразена поради тоа што подолг период Кипар е предмет на обвинувања дека не прави доволно во борбата против перењето пари и постојат стравувања дека голем дел од руските пари што доаѓаат во кипарските банки се црни пари.

Инаку, судбината на Кипар, односно одлуката дали ќе му се даде бараната помош ќе падне во наредните неколку недели, а доколку биде одобрена, првите пари би биле на сметката на кипарската влада дури во февруари. Германските медиуми коментираат дека дотогаш оваа земја ќе мора да го избегнува банкротот со парите од пензиските фондови.

Врие и во Италија

Според американски „Мани морнинг“, по оставката на италијанскиот премиер Марио Монти се очекува Италија повторно да се најде на чело на новата европска криза. Иако европските политичари се надеваат дека тој ќе биде реизбран за премиер на изборите закажани во февруари 2013 година, постои сериозна можност во Италија повторно на власт да дојде контроверзниот Силвио Берлускони, и тоа во коалиција со Бепе Грило, кој е на чело на левичарска партија, со што според „Мани морнинг“, ќе биде извесно излегувањето на Италија од еврозоната, со оглед на тоа што земјата е финансиски способна да опстане надвор од оваа заедница. Дополнително, на тој начин тие би ги стопирале мерките за штедење што се непопуларни кај народот и кои се покажале како непродуктивни со оглед на тоа што ја доведоа земјата до рецесија. Сепак, доколку на изборите победи Монти, тоа значи дека Италија би останала во еврозоната и би продолжила да ги спроведува мерките на штедење сѐ додека распадот не европската монетарна заедница не дојде од некоја друга земја, како Шпанија или Франција.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=122412724197&id=9&prilog=0&setIzdanie=22763
Коментари
Нема коментари.
 
Архива