портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Партнери сме со САД и со Турција, но ни требаат и Германија, Русија и Кина
декември 2012
Владимир
Мијановиќ
Токму заради остварување на стратегиските цели, Македонија мора да го прошири кругот на земјите со кои ќе има таков вид партнерства, особено поради фактот дека евроатлантските интеграции се закочени поради спорот за името со Грција. Формални или фактички, тие се од суштинско значење за земји што не можат да се пофалат со голема економска и воена моќ, сметаат експертите.


Стратегиските партнерства помеѓу државите, особено за земјите од Балканот, се од исклучително значење за остварување на главните државни приоритети, како што е успешното завршување на евроатлантските интеграции. Иако првично водени од економски интереси, таквите партнерства се шират и на соработка во други стратегиски области, како што е, на пример, воената. Токму заради остварување на стратегиските цели, Македонија мора да го прошири кругот на земји со кои ќе има таков вид партнерства, особено поради фактот дека евроатлантските интеграции се закочени поради спорот за името со Грција. Формални или фактички, тие се од суштинско значење за земји што не можат да се пофалат со голема економска и воена моќ, сметаат експертите.

Познавачите на состојбите истакнуваат дека стратегиските партнерства дејствуваат како еден вид чадор за односите помеѓу две земји, издигнувајќи го нивото на дијалогот меѓу нив и зацврстувајќи ја рамката во која соработуваат. Според нив, таквите партнерства создаваат привилегирани односи помеѓу партнерите преку билатерални консултации и интензивна координација, особено кога станува збор за партнерство помеѓу суперсила, како што се на пример САД, и помала држава-партнер.

Вашингтон и Анкара од почетокот со нас

Токму таквиот привилегиран однос најчесто доведува до тесна билатерална соработка за чувствителните прашања од регионален или глобален интерес. На ова поле, гледано според бројката, Македонија има склучено малку, односно две стратегиски партнерства - со САД и со Турција. Сепак, тие се од огромно значење за нашата држава, бидејќи станува збор за светска суперсила и за Турција, која е клучен регионален играч и мост помеѓу Западот и Истокот.

- Уште од самиот почеток, САД беа де факто стратегиски партнер на Македонија. Тие застанаа зад нашата земја во клучните моменти, како што беше конфликтот во 2001 година, кога под нивна насока беше склучен рамковниот договор. САД исто така во 2004 година ја признаа Македонија под уставното име - вели професорот Стево Пендаровски.

Сепак, според Пендаровски, во изминатите години нашата земја како да го загубила стратегискиот пилот, односно насока, па затоа мора повторно да се вложат напори за зајакнување на постојните и склучување нови стратегиски партнерства.

- Америка преку Македонија, Косово, Грција, Босна и Албанија сака да го стабилизира регионот и да го запре ширењето на руското влијание. Македонија е еден дел, една плочка од целата слика - додава Пендаровски.

Стратегиското партнерство помеѓу САД и Македонија беше формализирано во мај 2008 година, кога во Вашингтон тогашниот шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски и американската државна секретарка Кондолиза Рајс ја потпишаа Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка.

Декларацијата, со која уште еднаш беше потврдена американската поддршка за Македонија по грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт, содржи три елементи. Првиот се однесува на зајакнување на соработката во однос на трговијата и економијата, вториот е за зголемување на соработката во рамките на безбедносниот сектор, додека третиот е насочен кон наоѓање поконкретни начини за доближување и поинтензивни контакти меѓу двете општества. Во Декларацијата се укажува на „заложбата на САД за суверена, демократска и просперитетна Македонија, која ги споделува вредностите на мирот, слободата, владеењето на правото и слободниот пазар“. Интересно е тоа што во документот Вашингтон ја истакна долгогодишната поддршка за македонската безбедност, стабилност и економски развој на патот кон целосна евроатлантска интеграција и како и надежта за што поскоро приклучување на Македонија кон НАТО.

Традиционално добрите врски со Турција беа крунисани во ноември 2008 година, со потпишувањето на Стратегијата за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји. Покрај одличната економска соработка, Анкара е и најгласен поддржувач на македонските напори за членство во НАТО, кое беше блокирано поради противењето на Грција. Според експертите, Турција во повеќе наврати конкретно ги потврди искрената поддршка и залагање за Македонија, бидејќи интегрираниот Балкан е дел од турските стратегиски интереси. Тие укажуваат на фактот дека турските компании постојано инвестираат во нашата земја, дури и во услови на глобална финансиска криза, што е доказ за долгорочните планови за поддршка на Македонија.

- Турција е единствената земја-членка на НАТО што во официјалните документи на Алијансата истакнува дека ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име. Негувањето добри односи со Турција веќе дава резултати на економски план - вели професорот Здравко Савевски.

Во однос на турската поддршка за нашето членство во Алијансата, Савевски истакнува дека, и покрај големото залагање на Анкара, која е моќна членка во северноатлантската алијанса, Турција не може сама да нѐ зачлени во НАТО.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=914121719479&id=9&prilog=0&setIzdanie=22680

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива