портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Нека има пари до избори, после ќе видиме
март 2016

Државата заради претстојните избори сака да го искористи максимум планираниот буџетски дефицит за 2016 година. Тоа ќе предизвика последици во натамошната реализација на буџетот после изборите, велат економистите.


И покрај предупредувањата од експертите дека државата е презадолжена Владата се задолжи за уште поголема сума. Со новите 76 милиони евра, според дел од економистите, Владата создава фискални резерви во време кога ќе дојде решението дека таа повеќе не смее да се задолжува повеќе отколку што ќе стасуваат долгови.

Според Договорот од Пржино, Владата треба да се задолжува само колку што и стасуваат обврски за плаќање кога влегува во овој период. Така што ова не се почитува.

„Во недостаток на информации и објаснувања зошто тоа е така, лично мислам дека тоа укажува на процесот на измирување на наталожените обврски во буџетот на државата. Сега масовно се исплаќаат субвенции, предвреме се исплаќаат плати. Се создава една резерва во буџетскиот систем“, вели академик Абдулменаф Беџети.

Тој дополнува дека покрај од економскиот аспект задолжувањата на владата се проблематични и од легалниот аспект.

„Според Договорот од Пржино, Владата треба да се задолжува само колку што и стасуваат обврски за плаќање кога влегува во овој период. Така што ова не се почитува. А друго прашање е зошто тоа се употребуваше досега. Доминира непродуктивна јавна потрошувачка и тие служат повеќе за испуштање вентили особено во предизборните периоди“, вели Беџети.

Тој укажа дека последиците од задолжувањата ќе бидат од аспект на неможност да се консолидираат фискалните политики и јавните финансии, како што е предвидено и оти ќе дојдеме до еден момент во критична точка каде државата ќе влезе во неликвидност, бидејќи овие чекори водат кон задолжување повеќе отколку што има фискална можност државата.

Меѓународните институции претходно ги оправдуваа задолжувањата, но веќе и тие укажуваат на сериозноста на ваквиот интензитет на задолжување, вели Беџети.

Заклучно со декември 2015, вкупниот јавен долг достигна 4,2 милијарди евра или 47 проценти од БДП.

Професор Зоран Ивановски вели дека носителите на економските политики, Владата и Министерството за финансии, треба да ги имаат предвид препораките за фискална одржливост и нивото на задолженост, бидејќи имаме димензионирање на буџетот со дефицит кој е над препорачливиот, а тоа е да биде максимум три отсто од БДП. Но во изминатите години дефицитот надминува четири отсто од БДП.

„За мене не е изненадување и овој износ на задолжување кој се прави. Имајќи предвид дека заради претстојните избори државата сака да го искористи во максимален износ планираниот буџетски дефицит за 2016 година. Тоа ќе предизвика последици во натамошната реализација на буџетот после изборите што може да води до нов ребаланс на буџетот и зголемување на планираниот буџетски дефицит за оваа година. “

Тој посочи дека е потребно да се контролира задолжувањето, зошто бргу се доближуваме до максимумот кој е дозволен, а тоа е 60 отсто од БДП. Ивановски дополни дека останува под знак прашалник колкава ќе биде финансиската одржливост на подолг рок, имајќи предвид оти долговите на општините и јавните претпријатија не се транспарентни.

Автор:Мирјана Спасовска

Превземено од:

http://www.makdenes.org/content/article/27598202.html
Коментари
Нема коментари.
 
Архива